Чарлс Леклер е победник на Големата Награда на Австралија со својот прв Грен Слем во кариерата, старт од Пол позицијата, водејќи од почеток до крај, најбрз круг и Победа.
Серџо Перез заврши на второто место, негов прв подиум во сезоната, додека Џорџ Расел се искачи на последното скалило од подиумот, негов прв пласман со тимот на Мерцедес АМГ.
За две недели, шампионатот ќе продолжи во Имола, каде што ќе се одржи Големата Награда на Емилија Ромања, првиот од трите викенди со саботен спринт формат.
Големата Награда на Австралија долги години беше почетна трка на сезоната, се до 2020 година кога поради пандемијата викендот беше откажан непосредно пред почетокот на петочните тренинг сесии.
Следуваше двегодишна пауза, по која, на задоволство на фановите, трката се врати во календарот, но како трета трка во сезоната. Патеката беше реновирана за да се зголемат можностите за претекнување, дури беше воведена и четврта ДРС зона, која пред почетокот на саботниот тренинг беше отстранета поради безбедносни причини.
Трибините беа целосно исполнети со капацитет околу 420.000 гледачи.
За сите возачи ова беше трета трка во календарот, освен за Себастијан Ветел таа беше прва. По пропуштените две трки, и викендот на Алберт Парк не му беше лесен. Пред почетокот на трката, тој извозе само 26 круга, имаше проблеми и извртувања, а во исти стил ја заврши и денешната трка со излетување во бариерите, на место каде никој не веруваше дека тоа е возможно.
Возачите на Ферари беа во водство на петочните тренинг сесии, во саботата најбрз беше Ландо Норис со подобрениот Мекларен. Чарлс Леклер со изненадувчки брз круг во последните секунди од квалификациите ја забележа неговата втора Пол позиција оваа сезона.
Друшто на првиот стартен ред му правеше Макс Ферстапен, на вториот ред се пласираа Серџо Перез и Ландо Норис, Луис Хамилтон и Џорџ Расел на третиот.
За прв пат оваа сезона, Пирели номинираше гуми со скок од една смеша, C2(бели), C3(жолти) и C5 (црвени). Карлос Саинц Јр., Фернандо Алонсо, Кевин Магнусен, Себастијан Ветел, Ленс Строл и Алекс Албон стартуваа на бели, а останатите ги избраа жолтите гуми за првиот стинт.
На стартот Леклер го задржа водството, а незгодното позиционирање на Серџо Перез му дозволи на Луис Хамилтон да го претекне во првиот свиок за третото место.
Поназад Ландо Норис загуби две места од П4 на П6, а Карлос Саинц Јр. имаше многу лош старт на белите гуми и падна на 14-тото место. Најтврдата смеша е тешка за загревање, па Шпанецот веќе во вториот круг, излета низ тревата покрај патеката, потоа прелета низ асфалтот по што се заглави во чакалот.
Следуваше период на безбедносниот автомобил. Астон Мартин двапати ги менуваше гумите на болидот на Строл, прво Ленс доби жолти гуми, возеше еден круг во нив и повторно се врати на белите до крај на трката.
Трката беше рестартирана во 6-от круг, кога Моначанецот успеа да го задржи водството пред налетот на Макс Ферстапен. По првичниот притисок од возачот на Ред Бул, работите се смирија и Ферарито започна да гради разлика.
Во 10-от круг Серзо Перез успеа да го претекне Мерцедесот на Луис Хамилтон, за да си го врати изгубеното трето место.
Тркачкиот инженер на Макс Ферстапен прв донесе одлука, на крајот од 19-от круг, да го повика Холанѓанецот за промена на проблематичните за него жолти гуми. На патеката се врати со бели гуми и седмо место.
Постепено сите водечки влегоа во бокс, Перез и Норис во 21-от, Рикиардо, Гасли во 22-от, Леклер, Хамилтон и Ботас во 23-от.
Чарлс го задржа водството во трката, а Серџо Перез мораше повторно да го престигне Хамилтон за петтото место.
Откако акцијата во боксевите кај повеќето возачи беше завршена, на сцена стапи Себастијан Ветел кој се изврте на патеката и заврши во заштитните бариери. Следуваше ново излегување на безбедносниот автомобил.
Оваа ситуација ја искористи Џорџ Расел, кој поради предноста на водечкиот Мерцедес АМГ, Луис Хамилтон, за избор кога ќе влезе во бокс се уште се наоѓаше на патеката со стари пневматици. Па така Џорџ по замената на жолтите со бели гуми, на патеката се врати на третото место.
Трката беше рестартирана во 28-от круг. Мак нападна, но Леклер го задржа водството и повторено започна да создава значителна разлика во однос на Холанѓанецот. Џорџ Расел се најде под голем притисок за Серџо Перез за третото место.
Мексиканецот неколку круга му дишеше во врат, кога тркачкиот инженер побара од Британецот да не пружа панична одбрана, бидејќи тоа ќе ги уништи неговите пневматици. Серџо Перез лесно излезе на крај со болидот на Мерцедес АМГ, трет пат во една трка.
По неколку круга следуваше нов пресврт во трката. Макс Ферстапен во моменти кога го имаше второто место го запре болидот на патеката по наредба на неговиот тркачки инженер поради проблеми со погонската единица, што беше крај на трката за него. Болидот се запали по што мораше да интервенираат и маршалите со ПП апарат.
Беше најавен режим на виртуелен безбедносен автомобил, кој заврши во 40-от круг. До крај на трката топ 7 возачите беа задоволни со своите позиции на патеката и не се одвиваше некоја поинтересна борба, за која беа задолжени возачите кои се бореа за последните три места кои носат поени.
Како победници во таа битка излегоа, Ботас, Гасли и Албон. Возачот на Вилијамс пневматиците ги промени во последниот круг и се врати на патеката како десетти, забележувајќи го првиот поен за тимот на Вилијамс.
ДОМИНАНТНА ПОБЕДА ЗА ЧАРЛС ЛЕКЛЕР
4/10/2022 11:06:00 AM
0
Share to other apps