Макс Ферстапен победи на спринтот на Имола и утре повторно ќе го дели првиот стартен ред со Чарлс Леклер. Од вториот ред ќе стартуваат Серџо Перез и Карлос Саинц Јр., а возачите на Мекларен, Норис и Рикиардо од третиот.
Големата Награда на Емилија Ромања е првиот викенд со спринт формат од најавените три за 2022 сезоната. Единствениот тренинг во петокот се одвиваше на влажен асфалт, квалификациите се одржаа на полусува/сува патека, а денес имавме повеќе сонце, отколку облаци.
За разлика од минатата сезона, правилата за викендот со спринт беа делумно изменети, па сега првите осум возачи добија поени. На саботниот тренинг имавме мирна атмосфера, а тројца возачи не учествуваа на него.
Во тимот на Мекларен, работеа на ПЕ во болидот на Рикиардо, а на болидот на Норис на сопирачките. Во Алфа Ромео се решија да ја искористат резервната шасија за Валтери Ботас, откако откажа издувниот систем на крајот од вчерашните квалификации.
Стартниот поредок на спринтот беше одреден на петочните квалификации, па од првиот ред стартуваа Ферстапен и Леклер, од вториот Норис и Магнусен. Саинц Јр. по вчерашниот пех го започна спринтот од 10-тата позиција.
За спринтот кој се состоеше од 21 круг, возачите имаа право на слободен избор на пневматици. Како резултат на тоа, Магнусен, Шумахер и Латифи стартуваа на жолтите гуми, останатите на црвените.
Со гаснење на црвените светла, Чарлс Леклер успеа да го претекне Макс Ферстапен и го поведе спринтот по првиот свиок. Успешен старт имаа и нивните тимски колеги, Серџо Перез и Карлос Саинц Јр. кои напредуваа две места. Луис Хамилтон падна на 15-то место.
По контактот со Гасли, Џоу заврши во заштитните бариери, а на патеката излезе безбедносиот автомобил. Спринтот за возачот на Алфа Ромео беше завршен, а Пјер Гасли мораше во бокс поради дупната предна десна гума. Стјуардите инцидентот го окарактеризираа како тркачки.
По рестатот Моначанецот во болидот на Ферари го задржа водството. Макс Ферстапен резервирано го следеше во разлика од секунда, до секунда и половина. Во тие моменти, целото внимание беше насочено кон Карлос Саинц Јр. кој напредуваше низ поредокот со интересни претекнувања.
Исто така, тоа го правеше и Серџо Перез, кој лесно стигна до третото место. Во 19-от круг Саинц Јр. го претекна Ландо Норис во борбата за четвртото место.
Кога сите тифози очекуваа дека нивниот миленик ќе стартува од првата позиција на утрешната трка, со тоа не се сложија гумите на болидот на Чарлс Леклер. Особено најгласна во протестот беше предната лева гума која започна нагло да откажува во последните кругови.
Макс Ферстапен доби шанса да ја намали разликата под една секунда, што му овозможи користење на ДРС системот, а со помош на него Ферарито беше лесен плен на стартната рамнина.
По неколку неуспешни обиди, Холанѓанецот во претпоследниот круг успеа да си ја врати првата стартна позиција за утрешната трка и осумте поени за победникот на спринтот.
СПРИНТОТ КАКО ДОБРА НАЈАВА НА УТРЕШНАТА ТРКА
4/23/2022 09:19:00 PM
0
Share to other apps






