Имола втора година по ред ќе биде домаќин на првата европска трка во календарот, но не може да се каже дека го отвора европскиот дел од сезоната, туку само овозможува пауза помеѓу трките во Австралија и Мајами.
Во 2021 година, трката беше втора во календарот, се одржа на 18 април, годинава е четврта и се одржува само една недела подоцна. Ф1 тимовите за време на оваа "пауза" ќе имаат можност да се вратат во своите бази, да земат здив и да се снабдат со нови делови пред да заминат за Мајами.
Со овој распоред, Италија ќе биде домаќин на првата и последна европска трка за оваа сезона. За првата трка Ферари и Чарлс Леклер доаѓаат како лидери во двата шампионати, а интересно ќе биде на кое место ќе бидат по септемвриската трка во Монца.
Патеката е мешавина од минато и сегашност, свиоци кои се поминуваат со голема брзина, заштитени со бетонски бариери, безбедносни зони со чакал кои не дозволуваат ни најмала грешка, современи гаражи, боксеви и падок објекти изградени кон крајот на 2000-тите. На кратко, тоа е место кое ја наградува посветеноста.
Имола е типична патека од типот "забрзај-сопирај". Две третини од кругот се возат со полн гас, така што моќниот мотор, одличните сопирачки и ефикасното управување со гумите на ладно време се трите главни состојки за успех во Имола.
Конфигурацијата се состои од средни и брзи свиоци пресечени со шикани, а потребата да се нападнат високите рабници ги принудува тимовите да направат компромис помеѓу мекоста на амортизицијата и нејзината стабилност при голема брзина.
Аеродинамиката е наместена за средно ниво на потисна сила. Насоката на движење е спротивно од стрелките на часовникот, како во Џеда, Баку, Остин, Интерлагос, Сингапур и Абу Даби.
Патеката е релативно тесна, што го отежнува претекнувањето и ги принудува тимовите да се фокусираат на стратегијата. Пит-линијата во Имола е најдолгата од која било патека во Формула 1 во календарот, и движењето по неа со максимално дозволената брзина од 80 км/ч трае речиси 25 секунди.
Патеката има многу нерамнини, што го влошува проблемот со вертикалната осцилација на болидите од новата генерација.
На правците, сопирачките немаат доволно време за ладење, па тимовите мора да го подесат системот за нивно ладење на максимум за да избегнат проблеми во трката. Ако тоа не е случај последиците можат да бидат катастрофални, како што ни демонстрираа од тимот на Вилијамс.
Од ФИА повторно се решија само за една ДРС зона на патеката во Имола. Точката на мерење на интервалот помеѓу болидите е поместен на 385 метри пред 17-от свиок, додека точката на активирање на задното крило е 60 метри пред 19-от свиок. Во однос на минатата година, на патеката немаше значителни промени.
Во петокот врнеше дожд, во саботата возачите имаа сува патека, а за денес повторно е најавена можност за врнежи. Тие би требало да започнат околу пладне и ќе продолжат со различен интензитет до вечерта.
Трката ќе стартува во 15:00 часот, а дотогаш воздухот ќе се загрее до 16 степени со облачно небо, слаб југозападен ветер и 75% можност за дожд.
Емилија Ромања е домашен настан за Пирели. Оваа година компанијата ги донесе истите смеши како и минатата сезона, иако гумите, се разбира, се различни.
Пред трката, 63 круга, тимовите имаат помалку податоци од вообичаено, што значи дека е покомплексно да се предвиди стратегијата.
Сепак, ако патеката остане сува, треба да гледаме трка со едно застанување во бокс, бидејќи не е особено лесно да се претекнува на Имола и има голема загуба на време од 28 секунди, што е најголема во сезоната.
Така, давање приоритет на позицијата на патеката најверојатно ќе биде главен хајлајтс при донесување на вистинската стратегија. Најбезбеден начин е да започне на жолтите гуми.
Овој избор овозможува најмногу опции бидејќи има широк пит-стоп прозорец, што дава можност возачот да се префрли на белите пневматици во вистинскиот момент.
Оние возачи кои сакаат пофокусирана стратегија би можеле да изберат да започнат со црвените гуми, а потоа да се префрлат на белите, но оваа опција е помалку флексибилна.
Како и обично, времето, а со тоа и реалните стапки на абење и деградација, ќе биде одлучувачки фактор при изборот на вистинската стратегија.
Марио Изола, Пирели: "Сaботниот тренинг беше првата сесија од викендот во Имола, на која целосно ги видовме гумите за суво време, при што сите возачи се концентрираа на работа со жолтите и црвените гуми."
"Црвените гуми се покажаа подобро отколку што се очекуваше, и затоа беа избрани од мнозинството возачи за спринтот. Тоа беше изненадувачко. Лично, јас очекував повеќе возачи да гравитираат кон "класичниот" избор на жолтите за спринтот."
"Беше забележан грејнинг кај црвените гуми, но не повеќе од она што вообичаено се очекуваше во овие околности, со "зелена" патека по вчерашниот дожд и релативно студеното време."
"Така што, мислам дека ќе видиме неколку интересни стратегиски опции за Големата Награда на Емилија Ромања, се разбира, под претпоставка дека асфалтот ќе остане сув, што не е загарантирано."
Во првиот круг од саботниот спринт, Гуанју Џоу заврши во заштитните бариери покрај патеката по контактот со Пјер Гасли. Неговиот болид беше значително оштетен, па тимот на Алфа Ромео мораше да ги прекрши полицискиот час за да го поправи.
Како резултат на тоа, Кинезот ќе стартува од пит-линијата, што и не е така голема загуба бидејќи за него беше резервирана последната позиција.
ГОЛЕМ ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА ЕМИЛИЈА РОМАЊА ГРАН ПРИ
4/24/2022 11:05:00 AM
0
Share to other apps








