Чарлс Леклер го забележа најбрзото време на квалификациите во Мелбурн, освојувајќи ја неговата втора Пол позиција сезонава, 11-та во кариерата и прва за Ферари во Австралија од 2007 година. Од првиот ред утре ќе стартуваат Леклер и Ферстапен, од вториот Перез и Норис, од третиот Хамилтон и Расел.
Формула 1 се враќа во Австралија по пауза од две години и тоа на реновираната патека во Алберт Парк. Организаторите се обидоа да ги зголемат можностите за претекнување, но во рамките на постојната патека, ограничена со езерото и другите спортски објекти.
Според возачите, иако сега многу побрза, природата на патеката остана иста, и мислат дека нема да се зголеми бројот на престигнувања, па квалификациите останаа клучната сесија викендов.
Пред почетокот на викендот, ФИА објави распределба на рекордни четири ДРС зони, но денес, дваесет минути пред саботниот тренинг, едната беше избришана од безбедносни причини.
Патеката доби нов, поабразивен асфалт, но надвор од тркачката линија сепак беше многу лизгаво, што на своја кожа го почувствуваа повеќе возачи, особено тие на Астон Мартин. Досега имаме невообичаено многу црвени знамиња.
Возачите на Ферари беа на врвот на петочните тренинг сесии, но денешниот тренинг му припадна на Ландо Норис. За сите, Големата Награда на Австралија беше трета трка во календарот, освен за Себастијан Ветел, на кого ова ќе му биде прво излегување во вистинска акција.
Викендов не му поминува како што посакува. На првиот тренинг имаше проблеми со ПЕ, вториот го пропушти поради истата причина, а на третиот заврши во заштитните бариери покрај патеката.
Алекс Албон ги започна квалификациите знаејќи дека ќе загуби три места на стартот поради инцидентот со Ленс Строл за време на трката во Џеда.За прв пат оваа сезона, Пирели номиниораше гуми со прскокнување на една смеша и тоа C2, C3 и најмеката C5.
Во Q1 сесијата, како по обичај Николас Латифи излета во 11-от свиок, по враќањето на патеката болидот се изврте, но тој успеа да го исконтролира и да продолжи да се движи.
На две минути пред крајот на сесијата беше прекината, поради непотребен инцидент, во кој повторно беше вмешан канаѓанецот. При свој бавен круг Латифи прво го пропушти Строл, а кога виде дека не бил во брз круг забрза и се обиде да го престигне болидот на Строл.
Тоа не го очекуваа во Астон Мартин, па Ленс започна да се движи кон внатрешната линија на патеката, по што дојде до дојде до контакт помеѓу двата болиди. Вилијамсот имаше значително оштетување, додека болидот на Астон Мартин заработи скршена предна амортизација. А само што го поправија, по инцидентот на третиот тренинг.
Стјуардите ќе го разгледуваат инциденто по квалификациите, плус ќе го разгледуваат кругот на Серџо Перез, за потенцијлано недоволно намалување на брзината под жолтите знамиња.
UPDATE: Стјуардите го разгледаа инцидентот и го казнија Ленс Строл. Возачот на Астон Мартин доби два казнени поени и ќе загуби (формално) три места на стартот на трката за ГН на Австралија.
Стјуардите утврдија дека Строл е повеќе виновен за инцидентот бидејќи не покажал доволно внимателност во моментот кога Латифи го престигнувал.
Патеката беше покриена со остатоци од двата болиди, па прекинот траеше 15 минути. Оваа пауза им овозможи на механичарите на Астон Мартин да ја завршат поправката на болидот на Ветел по што тој успеа да земе учество на денешните квалификации.
По завршувањето на Q1, инженерот на Алекс Албон побара од него да го запре болидот на патеката. Најбрзото време го имаше Макс Ферстапен, а од понатамошната борба отпаднаа Алекс Албон, Кевин Магнусен, Себастијан Ветел, Николас Латифи и Ленс Строл.
Во Q2 сесијата, Серџо Перез го забележа најбрзото време уште при првиот обид. Џорџ Расел имаше излетување во 11-от свиок, но без никакви последици за болидот.
Во вторите обиди, возачите на Ферари нападнаа, но резултатот на Перез остана, но успеаја да ги разделат двата болиди на Ред Бул. Возачите на двата тима беа во разлика од само 0.271 делови од секундата.
Време за пласман во финалниот сегмент од квалификациите не успеаа да забележат Пјер Гасли, Валтери Ботас, Јуки Цунода, Гуанју Џоу и Мик Шумахер.
Со бројните прекини, квалификациите се оддложија, сонцето почна да заоѓа, по што возачите се пожалија на видливоста. Многумина од нив побараа нова кацига со затемнет визир.
Во Q3, во првиот обид, Перез беше илјадити дел од секундата пред Ферстапен, водејќи го поредокт. Многумина беа во брз круг, кога Фернандо Алонсо изгуби контрола врз својот болид и заврши во бариерите покрај патеката, по што беа развеани црвените знамиња.
Чарлс Леклер за фрагмент од секундата успеа да го комплетира својот брз круг, забележувајќи го најбрзото време, но неговиот тимски колега, кој беше веднаш зад него не успеа во тоа.
Повторно имавме подолга пауза, пред сесијата да биде продолжена. При новите брзи круга Карлос Саинц Јр., повторно не влезе во ритам, но пред се поради проблеми со стартување на неговиот болид.
Шпанецот загуби три минути во својата гаража, а потоа беше принуден да започне брз круг без да може да ги загрее своите пневматици.
Карлос Саинц Јр.: "Имавме темпо, но Q3 тргна наопаку. Прво, црвено знаме веднаш пред целната линија, а потоа не можевме да го запалиме болидот за последното излегување. Немаше време за подготвителен круг, па гумите не беа загреани како треба. Тешко е да се свари сето ова, но ќе се обидеме да се вратиме!"
Макс Ферстапен со својот втор брз круг поведе во поредокот, но Леклер со извонреден круг забележа многу побрзо време за Пол позицијата на Големата Награда на Австралија.
ЧАРЛС ЛЕКЛЕР НА ПОЛ, САИНЦ ЛУТ НА ТИМОТ
4/09/2022 10:36:00 AM
0
Share to other apps