Попладнево на социјалните мрежи на Вилијамс се појави фотографија од Аиртон Сена од 1994 година со само неколку зборови: "Remembering Ayrton. #SennaSempre".
На 1 мај истата година, во седмиот круг на трката за Големата Награда на Сан Марино, неговиот Вилијамс FW16 со број 2 излета од патеката во Имола во Тамбурело свиокот со брзина од над 300 км/ч.
Трката продолжи, но 2 часа и 20 минути по финишот беше објавена смртта на големиот Бразилец, трикратен Формула 1 Шампион.
Оттогаш поминаа 28 години. Период во кој се направени повеќе обиди да се состави список на најдобрите возачи кои се натпреварувале во долгата историја на Формула 1, а Аиртон Сена постојано се наоѓа во првите три.
Сеќавањето на Аиртон Сена го продолжуваат поединечни моменти во кои се манифестираше неговата "мајсторија":
- Пробивот со црвено-белиот Мекларен на дождот во Донингтон во 1993 година.
- Во 1988 година, во Монако, тој го минува квалификацискиот круг една и пол секунда побрзо од неговиот тимски колега Алан Прост.
- Во 1985 година во Португалија со црниот Лотус на пороен дожд стигна до својата прва победа.
Но, во животот, трките беа само дел од неговата длабока и сложена природа, бидејќи беше воден од речиси мистична свест за неговата судбина.
Првиот ден од мај 1994 година ја потресе Формула 1. Од смртта на Џим Кларк, спортот немаше доживеано да го загуби својот шампион, а несреќата на Сена одекна во срцата на луѓето ширум светот.
За многубројната армија на љубители на трките, дури и за оние кои поддржуваа други возачи, веста беше шокантна и за неверување. Многу возачи загинаа на патеките на Формула 1, но нивните имиња беа речиси заборавени со текот на времето.
Сепак, односот кон Аиртон Сена го има истиот интензитет. Неговото име се споменува со почит, многумина сеуште се поклонуваат на неговиот талент, неговите достигнувања се прераскажуваат.
Секогаш ќе се сеќаваат како знаел да го скроти болидот во какви било услови, кога другите не ни помислувале да притиснат на педалот за гас, како на патеките знаеше да најде можности за претекнување кога тоа никој не го очекуваше, како возеше на самиот лимит, на кој останатите дури се плашеле да се приближат.
Можеби тоа кажува сè, и би завршиле со цитат од документарниот филм Сена - "Аиртон Сена не беше совршен, но дефинитивно одличен возач."
СЕЌАВАЊЕ НА АИРТОН СЕНА
5/01/2022 08:47:00 PM
0
Tags
Share to other apps