Чарлс Леклер го забележа најбрзото време на првиот тренинг за Големата Награда на Шпанија, сесии кои не се во вообичаениот термин на квалификации и трка, па затоа и не може да се каже кој од петочните тренинзи ќе биде позначаен за компарација и балансирање на поредокот. Најверојатно ќе имаме комбиниран збир од двете сесии. На задоволство на домашната публика, двајцата шпански возачи ја завршија сесијата во Топ 5 пласман.
Сите тимови, освен Хас Ф1, подготвија надградби на своите болиди, па беа фокусирани на процена на нивната ефикасност. Болидите излегоа со аеродинамична боја и разноразни сензори. Ова не беше прво излегување на патеката, болидите на Формула 3, Формула 2 и Формула Ж оставија доволно гума на асфалтот, па грипот беше добар за поставување репрезентативни времиња.
За прв пат оваа сезона се случија привремени замени на возачи во три тима. Шампионот во Формула Е Ник де Врис го презеде болидот на Алекс Албон во Вилијамс, Јури Випс го замени Серџо Перез во Ред Бул, а Роберт Кубица го замени Гуанју Џоу во Алфа Ромео. За втората сесија во болидите ќе се вратат главните возачи.
По првите инсталациски круга, Ветел, Ботас и Магнусен се вратија во своите гаражи, а механичарите работеа на нивните болиди, но тие беа во можност да се вратат во акција на патеката Каталуња.
Естебан Окон се пожали на проблеми со управувањето среде подолг стинт, по што мораше во својата гаража каде загуби десет минути. На болидот на Луис Хамилтон ДРС-системот не функционираше правилно.
Вториот тренинг е закажан за 17:00 часот по македонско време.
Во меѓувреме, денеска беше потврдено дека ФИА го проверува Астон Мартин, бидејќи тимот на Ред Бул се обрати до федерацијата, барајќи да открие дали има факти за неовластено користење на нивни технички информации.
Експертите на ФИА дојдоа до заклучок дека развојот на Астон Мартин ги исполнува сите барања на прописите и не беа утврдени факти за прекршување на правилата. Но, нешто ни кажува дека ова е само почеток на нова интригантна приказна која може да продолжи во текот на сезоната.
ФЕРАРИ НЕДОСТИЖЕН НА ПРВИОТ ТРЕНИНГ
5/20/2022 03:38:00 PM
0
Share to other apps







