Чарлс Леклер ја освои Пол позицијата за Големата Награда Монако, негова втора последователна пред домашната публика. Со ова ја потврди брзината на Ф1-75 во еден круг, но останува да видиме како ќе се одвива утрешната трка.
Ова беше 14-та Пол позиција за Моначанецот, петта во оваа сезона. Карлос Саинц Јр. успеа да го обезбеди првиот стартен ред за Ферари, со второто најбрзо време. На вториот ред се пласираа Серџо Перез и Макс Ферстапен, на третиот Ландо Норис и Џорџ Расел.
Во Монако речиси се зависи од квалификациите, а во квалификациите речиси се зависи од потисната сила. Кај 2022 болидите таа најмногу се генерира од подот со помош на тн "ground efect", кој бара минимална висина и поставки за што покрута амортизација.
Во Монако, овие поставки не им одговараа на многумина. Проблемот не е во тоа што возачите го почувствуваа буквално секој удар, туку што болидите стануваат неуправливи. Некои тимови мораше да ја зголемат висината за да се намали потскокнувањето на болидите, а со тоа се намали и потисната сила.
Во петокот, Леклер беше во водство на двете тренинг сесии, но на саботниот тренинг Серџо Перез ја откри тајната на патеката. Но, слично на вчерашниот ден до почетокот на квалификациите температурата се намали, а во такви услови доминираше Ферари. За утре е највено уште постудено време и можност од дожд.
Во Q1 сесијата, имаше многу гужва на тесната и кратка патеката, па возачите се решија својот брз круг да го најдат останувајќи во акција низ повеќе последователни круга.
На две и пол минути пред крајот на сесијата се појавија црвените знамиња. Првично никој не знаеше зошто, но подоцна се увиде дека тоа е поради Јуки Цунода кој ја погоди бариерата во шиканата по тунелот и со оштетено предно лево тркало се врати во својата гаража.
По неколку минутна пауза, возачите излегоа на патеката. Поради краткото преостанато време се создаде гужва на излезот од боксевите, па на крај неколку возачи останаа со кратки ракави. Единствено Леклер, Саинц Јр., Расел, Ферстапен и Перез останаа во своите гаражи.
Најбрзото време остана во рацете на Чарлс Леклер, а од понатамошната борба отпаднаа Алекс Албон, Пјер Гасли, Ленс Строл, Николас Латифи и Гуанју Џоу.
Во Q2 сесијата, возачите го користеа истото сценарио, наизменично возејќи брзи и бавни кругови. Многумина ја започнаа сесијата на употребувани сетови на црвени гуми, оставајќи нов сет за втор обид.
Чарлс Леклер беше првиот кој комплетираше круг под 1:12, искачувајќи се на врвот на табелата. Во вториот обид Серџо Перез за малку ќе го повтореше резултатот на Леклер, губејќи девет стотинки, но никој не можеше да го надмине Моначанецот. Во финалниот сегмент не се пласираа Јуки Цунода, Валтери Ботас, Кевин Магнусен, Даниел Рикиардо и Мик Шумахер.
Во Q3 сесијата, Чарлс Леклер беше првиот што тргна во акција и комплетираше супер брз круг, речиси половина секунда подобро од неговото најдобро време во Q2, и над две десетинки подобро од тимскиот колега и возачите на Ред Бул.
Во вториот обид Леклер возеше уште побрзо, но се појавија црвени знамиња, болидите на Перез и Саинц Јр. застанаа на влезот во тунелот блокирајќи ја патеката.
Прво Мексиканецот под притисокот за што подобро време го изгуби задниот дел на својот болид и удри во бариерите, застанувајќи на сред патека.
Неколку секунди зад него беше Карлос Саинц, кој исто така се изврте и неможејќи да го одбегне удри во неподвижниот болид на Перез. Возачите не беа повредени. Судир со бариерите имаше и Фернандо Алонсо на излезот од петтиот свиок. До крајот на квалификациите останаа 30 секунди, па сесијата не беше продолжена.
ЛЕКЛЕР СУПЕРИОРЕН ПРЕД ДОМАШНАТА ПУБЛИКА, ПЕРЕЗ ГИ СТОПИРАШЕ СИТЕ ОСТАНАТИ
5/28/2022 06:03:00 PM
0
Share to other apps








