Возачите на Ферари беа на врвот на табелата на втората тренинг сесија на градската патека во Монте Карло. Домаќинот, Чарлс Леклер беше најбрз, а Карлос Саинц Јр. заостана 0.044 делови од секундата.
Следуваат возачите на Ред Бул, но на црвените гуми не беа во можност да им парираат на Ферари, заостанувајќи повеќе од посакуваното. Ова пред се се должи на несигурноста на Макс Ферстапен, кој не можеше да биде побрз, нешто што вообичаено му успева, од Серџо Перез, неговиот тимски колега.
Како и во првиот тренинг, веднаш по палењето на зелените светла возачите побрзаа во акција на патеката. Механичарите на Алфа Ромео го поправија болидот на Ботас, кој ја пропушти претходната сесија. Заедно со Мик Шумахер добија нов менувач и MGU-K, загрижувачки дефекти на Ферари ПЕ.
Поради проблеми со болидот, Гуанју Џоу ги пропушти првите дваесет минути од тренингот.
Ландо Норис, кому минатиот викенд му беше дијагностициран тонзилитис, не може премногу да зборува, па утринава беше ослободен од прес-конференцијата, а за време на тренинг сесиите не можеше да комуницира со својот тркачки инженер, но си ја одработи својата програма.
Тимовите се фокусираа на оценување на ефикасноста и абењето на гумите. Првично повеќето започнаа со жолтите гуми, освен возачите на Ферари, кои излегоа на белите гуми на Пирели.
Околу 15-тата минута од тренингот, Даниел Рикиардо изгуби контрола врз својот Мекларен на излезот од 13-от свиок, по што следуваше контакт со челичните бариери покрај 14-от свиок, за на крај да запре во Тек-Про бариерите покрај 15-от свиок.
Австралиецот самостојно излезе од болидот, но сесијата беше прекината додека се отстрани значително оштетениот Мекларен и поправи бариерата. Прекинот не траеше долго, маршалите беа на висина на својата задача, по што сесијата продолжи.
Ударот беше доста силен, но неговиот тим најпрво се интересираше за ситуацијата со болидот.
"Дали болидот е во ред?" го праша неговиот тркачки инженер преку радио врската. "Добро сум, благодарам", одговори Рикиардо. Неговиот инженер се поправи во следната комуникација. "Многу сум среќен што си добро, ќе го поправиме болидот."
Сепак, ова не остана незабележано, па повеќето медиуми ова го сметаа како потврда дека нема да биде обновен договорот на Австралиецот со Мекларен.
Серџо Перез го загуби левиот ретровизор на својот болид, но тој продолжи да се движи. Како и на првиот тренинг, повеќе возачи ги блокираа тркалата на влез во првиот свиок, по што завршија во безбедносната зона. На Луис Хамилтон тоа му успеа и во 5-от свиок.
Блиски контакти со заштитните бариери имаа Норис, Перез, Расел, но без последици по своите болиди.
Мора да се каже дека стартната позиција во Монако е најважна од сите трки во Ф1 календарот, бидејќи тоа е патека каде што е практично невозможно да се претекнува со овие болиди.
Досега, саботите се територија на Леклер и Ферари, но останува да видиме дали Моначанецот ќе успее да го прекине проклетството што го следи на домашната за него патека.
ФЕРАРИ ДОМИНАНТЕН НА ЦРВЕНИТЕ ГУМИ
5/27/2022 06:56:00 PM
0
Share to other apps





