Макс Ферстапен ќе остане запишан во историјата на Формула 1 како Победник на инаугуралната трка за Големата Награда на Мајами. Тој ја забележа третата победа сезонава и 23-та во неговата Ф1 кариерата.
Чарлс Леклер не можеше нешто повеќе од второто место, додека Карлос Саинц Јр. се искачи на третото скалило на победничкиот подиумот. За две недели борбата ќе продолжи во Каталуња, Шпанија.
За американските сопственици на Формула 1, Мајами е значајно место за одржување на Гран При трки, со најновата "паркинг патека" во САД. Единствена предност е што тркањето на вака тесна патека, опкружен со бариери, е што тоа е непредвидливо.
За недостатоците се разговараше по првите тренинзи, возачите на брифинг рекоа дека подлогата не ги задоволува стандардите на Формула 1. Многу нерамнини, а асфалтот во некои области мораше да се смени веќе во четвртокот навечер по неколку круга на безбедносниот автомобил.
Добриот грип беше само на тркачката линија, секое излегување надвор од неа доведуваше до извртување и судир во заштитните бариери, што на некој начин додаде интрига, но го оневозможи претекнувањето.
Тројца искусни возачи како Ботас, Саинц Јр, и Окон го искусија тоа од прва рака. Помеѓу свиоците 13-15 немаше поставено TecPro бариери, па возачите удрија во бетонски ѕид.
Во петокот, Карлос Саинц Јр. доби модринки, при оптоварување од 47Г и релативно мала брзина од 140 км на час, а во саботата, Естебан Окон ги пропушти квалификациите по инцидентот на истото место со оптоварување од 51Г.
За прв пат во сезоната, тимовите ги бараа вистинските поставки на толку топло време, што влијаеше на балансот на силите. На квалификациите возачите на Ферари го зедоа првиот стартен ред , откако Макс Ферстапен направи грешка во последниот брз круг.
Леклер и Саинц Јр. стартуваа од првиот ред, Ферстапен и Перез од вториот, Ботас и Хамилтон од третиот. На Естебан Окон, кој не учествуваше во квалификациите, со посебна одлука на стјуардите му беше дозволено да стартува.
Поради топлото време тимовите го разладуваа своето гориво, а пред почетокот, механичарите на Астон Мартин се заборавија во тоа и не тргнаа кон своите стартни позиции за да не добијат казна од ФИА, и во меѓувреме решија да го загреат до вистинската температура и да стартуваат од пит-линијата.
Пирели во Мајами ги донесе C2, C3 и C4 смешите од кои беа произведени белите, жолтите и црвените гуми. Строл, Расел, Ветел, Латифи и Окон започнаа на бели, останатите на жолти пневматици.
На стартот од Големата Награда на Мајами немаше никакви инциденти. Леклер го задржа водството, Макс Ферстапен успеа да го претекне Саинц за второто место. Подолу во поредокот, Пјер Гасли и Фернандо Алонсо го претекнаа Хамилтон, кој загуби брзина зад болидот на Серџо Перез.
Во вториот круг, Шумахер го престигна Рикиардо за 11-то место, а во следниот Хамилтон го престигна Алонсо за седмото место. Автралијанецо во болидот на Мекларен не беше на потребното ниво па беше претекнат од Кевин Магнусен во борбата за 12 место.
Во 6-тиот круг, Луис Хамилтон го врати шестото место од Пјер Гасли. Во 7-от круг, преку тимското радио, на Гуанју Џоу му беше кажано да се упати кон својата гаража и да се повлече од трката.
Напред, Макс Ферстапен му се залепи на Моначанецот во болидот на Ферари, а разликата во брзина на правците беше очигледна и во корист на Ред Бул и со активирање на ДРС-системот Холанѓанецот го прелета Леклер на стартно-целниот правец за првото место на трката.
Леклер не можеше да држи темпо со Макс, по што лидерот започна малку по малку да создава релативно безбедна разлика, во обидот да ја задржи својата позиција. За разлика од него, Серџо Перез кој се наоѓаше на 4-тото место не можеше да ги нападне возачите на Ферари, а дополнително се пожали и на намалувањето на моќноста на Хонда ПЕ, но продолжи да се трка со намалена моќност на ПЕ.
По првите замени на пневматиците немаше поголеми промени во поредокот и гледавме релативно досадна трка се до моментот кога во 40-от круг, Фернандо Алонсо се реши да го престигне Пјер Гасли, по што нивните болидите се допреа. Подоцна стјуардите го казнија Фернандо со казна од пет секунди.
При овој контакт болидот на АлфаТаури не можеше да влезе во ритам, имаше одредени проблеми и Французинот излегуваше надвор од границите на патеката. При враќањето назад налета на забрзаниот Мекларен на Ландо Норис, кој се изврте неколку пати, по што се удри во бариерите и застана неподвижен на патеката.
Следуваше период на безбедносниот автомобил, што одеше во корист на Расел, Строл, Перез, Окон, Ветел и Рикиардо кои ги променија своите пневматици. Редоследот зад безбедносниот автомобил беше: Ферстапен, Леклер, Саинц Јр., Перез, Ботас, Хамилтон, Расел, Алонсо, Шумахер, Магнусен.
Трката беше рестартирана со почетокот на 47-от круг, а редоследот на возачите беше компресиран. Тоа додаде жар на трката, во која имавме неколку блиски дуели низ поредокот.
Ферстапен го задржа водството, иако Леклер беше многу поблиску до него и се обиде да нападне за првото место. Напаѓаше 5-6 круга, но потоа беше приморан да се откаже од борбата за победата.
Во 50-от круг, Хамилтон и Расел го претекнаа Ботас, кој погреши под притисокот, а потоа Џорџ, кој беше на понови гуми, го претекна и својот тимски колега, Луис Хамилтон за 5-то место.
Во 52-от круг, Перез го нападна Саинц Јр., но ги прецени своите можности и иако влезе прв низ првиот свиокот, тој не можеше да остане на тркачката линија, по што Шпанецот го одбрани третото место. Со оглед на тоа што на Мексиканецот му недостигаа неколку "коња" од Хонда ПЕ, тој не доби нова шанса за напад.
Подолу во поредокот, Мик Шумахер удри во Ветел во борбата за позиција, по што двајцата возачи се упатија кон боксот. Мик доби ново предно крило, а неговиот сонародник се повлече од трката.
Во последниот круг Кевин Магнусен се повлече од трката поради механички проблеми. По завршување на трката, стјуардите му доделија нова казна од 5 сек. на Фернандо Алонсо, заради сечење на свиок и стекнување на недозволена предност по што од 9-то, падна на 11-тото место и губење на двата поени.
ФЕРАРИ НЕМОЌЕН, МАКС ВЕРСТАПЕН НА ТРОНОТ ВО МАЈАМИ
5/09/2022 12:36:00 AM
0
Share to other apps









