Макс Ферстапен е победник на Големата Награда на Азербејџан со својата петта победа сезонава и 25-та во кариерата.
Серџо Перез заврши на второто место, и сега е пред Чарлс Леклер во генералниот пласман на возачи, воедно помогна за третата двојна победа на Ред Бул оваа година, 20-та во нивната историја.
Џорџ Расел се врати на подиумот, додека Хамилтон ја заврши трката на четвртото место, но во текот на трката се пожали на силни болки во грбот поради вертикалните осцилации на нивниот болид и по финишот имаше потешкотии да излезе од кок-питот.
Финиширајќи на петтото и шестото место, Пјер Гасли и Себастијан Ветел го забележаа својот најдобар резултат во оваа сезона.
Следниот викенд борбата ќе продолжи во Монтреал.
Баку ја отвори втората третина од сезоната, а изминатата третина ни донесе тесно водство на Ферари во квалификациите, но Ред Бул го имаше тркачкото темпо во нивна корист. Борбата беше цврста и принципиелна.
Макс Ферстапен дојде во Азербејџан како лидер во генералниот пласман кај возачите, пред Чарлс Леклер со 9 поени, а по трката 34. Трката започна порано од вообичаеното време, поради преклопувањето со 24 часа Ле Ман, за гледачите да можат да ги видат клучните моменти од двата настани.
Како резултат на тоа, трката започна три часа порано од почетокот на квалификациите во саботата. Во квалификациите, Леклер возеше најбрзо во решавачкиот обид и ја освои својата шеста Пол позиција во сезоната.
Тој и Чеко ја започнаа трката од првиот стартен ред, Ферстапен и Саинц Јр од вториот, Расел и Гасли од третиот. Пирели во Баку ги донесе најмеките смеши C3, C4 и C5 како бели, жолти и црвени гуми.
Рикиардо, Окон, Ботас, Строл и Шумахер го избраа белите за првиот стинт, а останатите возачи трката ја започна на жолтите гуми.
Чарлс Леклер имаше лош старт и веднаш беше претекнат од Серџо Перез, но тој го направи својот пит-стоп многу рано и, со различна стратегија од Ред Бул, ја водеше трката.
Секако дека ќе мораше на крајот да се брани против Ред Бул со посвежи гуми. Сепак, трката за Ферари имаше драматичен крај во 20-от круг.
Карлос Саинц Јр. веќе беше надвор од неа поради проблеми со хидрауликата, што го предизвика раниот пит-стоп на Моначанецот, но она што не го очекуваа во тимот е дека и Чарлс Леклер исто така ќе се откаже десетина круга подоцна.
Со тоа двојната победа им беше послужена на тацна на возачите на Ред Бул. Како што се очекуваше, Австрискиот тим имаше лесна задача пред себе и забележа нов 1-2 пласман, со Макс Ферстапен како Победник.
Џорџ Расел, имаше одлична трка, се врати на подиумот и беше 25 секунди пред неговиот тимски колега, Луис Хамилтон кој беше четврти.
Пјер Гасли, од друга страна, остана многу блиску до тоа четврто место, но поради потрошените пневматици мораше да се задоволи со петтото место, пред Себастијан Ветел и Фернандо Алонсо.
Следуваа возачите на Мекларен и во драматична меѓусебна борба Даниел Рикиардо го обезбеди 8-то место пред Ландо Норис. Естебан Окон го комплетираше Топ 10 и ги заокружи освојувачите на поени.
РЕД БУЛ ДВОЕН ПОБЕДНИК, ФЕРАРИ ДОЖИВЕА ДЕБАКЛ
6/12/2022 03:42:00 PM
0
Share to other apps