Хана Шмиц е главен стратег на Ред Бул, работи со тимот откако се приклучи како практикант во 2009 година, и игра многу важна улога во битките што возачите на тимот ги водат на патеките.
За да ја нагласи важноста на нејзиниот придонес во севкупниот успех, раководството понекогаш ја испраќа Хана на подиумот за да го подигне победничкиот пехаро. На пример, тоа беше случај во 2019 година на Големата Награда на Бразил.
Во најсовремената технолошка ера на Формула 1, одлуките се донесуваат во милисекунди и секој направен избор може да биде разлика помеѓу победа или пораз.
Ниту едно истражување, колку и да е детално, не може целосно да ве подготви за она што се случува на трка полна со жолти и црвени знамиња, инциденти, казни или непредвидливи временски услови.
Кога и колку пати да се оди во бокс, кои гуми да се користат, кога да се нападне или да се одржува темпото и кога возачите треба да работат заедно, се тоа се клучни одлуки кои се донесуваат врз база на податоци.
Дипломецот од Универзитетот во Кембриџ работи со голем тим аналитичари кои обработуваат милијарди симулации пред секоја трка и податоци во живо при секој тркачки викенд за темпото на болидот, условите на патеката и деградацијата на гумите се со цел да ја подобрат стратегијата на тимот и да работат на застанување во бокс.
На неодамнешната трка во Монте Карло, тимот го направи планот за пит-стоповите што на крајот доведе до победа на Серџо Перез, и пласман на Макс Ферстапен на подиумот.
Стратегијата во Монако беше храбар и проактивен потег што го поттикна Хелмут Марко да изјави: "Сите бевме исклучителни, но нашата победа, беше благодарение на Хана."
Да биде прилагодлива и да реагира веднаш на тековните сценарија е дел од работата на Шмиц што несомнено и носи голем притисок, но и многу адреналин.
Шмиц вели: "Мислам дека е неверојатно возбудливо. Седите на работ од вашето столче кога ја донесувате таа одлука во дел од секундата. Потоа имате околу 20 секунди, што не звучи како многу време, но во трката, кога седите чекајќи да видите дали вашата одлука се исплатела, тие секунди изгледаат како вечност."
Без разлика дали е на пит-ѕидот на патеката или во најсовремената оперативна соба во Милтон Кејнс, позиции кои ги менува со шефот на стратегија, Вил Кортенеј, мисијата е иста, но улогите се многу различни. На пит-ѕидот, целта е да се задржи ладна глава и да се погледне поголемата слика за тоа како да се победи на трката.
Во Оперативната соба, тим од стратези ги извршуваат сите пресметки и симулации во живо пред да ги достават сите акциони податоци на членовите на тимот на пит-ѕидот за да можат да ја донесат оптималната одлука заедно со тркачките инженери.
Како што открива Шмиц, собата во стилот на НАСА, има голема улога. "Можеме да ги слушамe радио пораките на секој тим, можеме да ги гледаме снимките од секој болид, детално да ги разгледуваме сите бројки и сите податоци, заклучоци да бидат пренесени до пит-ѕидот за неколку секунди. Тоа е како да сте во иста просторија. Нема никакво доцнење."
Уште како малечка Шмиц била заинтересирана за автомобили и како функционираат работите, а тоа брзо се претворило во страст за инженерство. Било потребно време да се изгради потребната самодоверба и доверба на останатите, нешто што таа се надева дека нема да биде исто за идните жени кои ќе ги следат нејзините стапки.
"На почетокот има многу луѓе кои ја немаат доверба во вас, дека може да ја завршите работата. Како стратег, треба да им кажуваш на многу луѓе што да прават и тие мора да те слушаат, и мислам дека како жена, за жал, беше потешко да се стекне нивната доверба, но сега ја имам таа доверба и почит и се надевам дека другите млади жени кои сакаат да се вклучат во спортот ќе видат дека може да се успее."
За време на Големата Награда на Бразил во 2019 година остана запаметена кога го повика Ферстапен по трет пат во бокс и покрај тоа што знаеше дека тој првично ќе го загуби водството на трката.
Кога овој потег резултираше со победа на Холанѓанецот, Шмиц беше замолeна да се искачи на победничкиот подиум заедно со Макс за да го подигне трофејот за конструктори.
"Тоа беше неверојатно посебен момент и врв на мојата кариера. Всушност, јас само што се вратив на работа откако го родив првото дете, така што тоа беше многу голема работа за мене, да докажам дека сè уште сум тука и можам добро да ја работам работата. Тоа беше неверојатно искуство."
За време на нејзините 13 години со тимот, таа работеше со повеќето возачи во историјата на тимот и моментално ужива во соработката и одговара на прашањата на Перез и Ферстапен, кои се целосно ангажирани и посветени на разбирање на стратегиите што им се презентирани.
За време на новата 1-2 Победа на тимот во Баку, Азербејџан, таа беше во оперативната соба во Милтон Кејнс, додека Кортенеј на пит-ѕидот, но работата им беше прелесна по раното откажување на двата болиди на Ферари.
ХАНА ШМИЦ, ТВОРЕЦ НА ПОБЕДНИЧКИТЕ СТРАТЕГИИ НА РЕД БУЛ
6/14/2022 10:01:00 PM
0
Share to other apps