Од тимот на Ферари излегоа со анализа на новото задно крило што се користеше во Баку, кое ги потврдило теориските очекувања и во пракса, т.е. ја подобрило брзината на F1-75 и им помогнало да го намалат дефицитот во однос на Ред Бул.
Ферари новото задно крило го донесе во Мајами, но по прв пат го искористи во Азербејџан. Од тимот истакнуваат дека тоа се покажало ефикасно и помогнало да се подобри болидот и со отворен ДРС во квалификациите и без ДРС на трката, иако извозеа само 20-тина круга.
Поради тоа, најверојатно истото ќе биде користено и на претстојните трки кои имаат долги правци и фаворизираат поставки со слаб отпор, вклучително и овој викенд во Монтреал.
Ова е добра вест во многуте лоши во тимот на Ферари, по нивното двојно откажување во Баку, што на виделина ги изнесе очигледните проблеми со издржливоста кои мора итно да се решат.
Чувството дека Ферари може да се бори за шампионските титули почнува да бледнее во последните трки. Од осум изминати натпреварувачки викенди од 2022 сезоната, во последните 6 трки дури и Мерцедес АМГ освои повеќе поени од Ферари, додека и двата тима зад Ред Бул заостануваат речиси двојно.
Што поради издржливост, грешки при возење, лоши стратегии, или се од горенаведеното, Ферари значително падна во својата форма. Во Мелбурн, Чарлс Леклер ја претвори пол позицијата во победа и оттогаш забележа уште четири пол позиции од пет можни, но има само еден пласман на подиумот.
Во Имола поради сопствена грешка, а во последните три трки поради издржливост на Ферари ПЕ и лошата стратегијата на тимот. Од другата страна, Карлос Саинц Јр. успеа да има повеќе пласмани на подиумот, но уште не ја забележал толку посакуваната прва Ф1 победа.
Мерцедес АМГ со многу поинфериорен болид, ако ги отстраниме Бахреин и Саудиска Арабија од равенката, на последните шест трки однесе 123 поени наспрема 121 на Ферари. Сурова реалност која Италијанците, ги става во многу тешка ситуација во борбата за титулите.
Тим на Ред Бул кој победи на секоја трка во која ја мина целната линија освои 240 поени во последните шест трки.
Од друга страна, спиралата на лоша среќа на Чарлс Леклер се чини дека не запира. По откажувањето во Азербејџан, од Италија пристигнуваат гласини дека Ферари нема да може да го поврати ниту моторот со внатрешно согорување, ниту турбото за трката во Канада, па можеби на повидок се првите казни за Моначанецот.
Ако не беше доволно лошо откажувањето на две трки, Барселона и Баку од првата позиција и губење на потенцијални 50 бода што можеше да му припаднат, тука се и последиците од уништените погонски единици.
Во Барселона, Леклер изгуби турбо и MGU-H кои повеќе нема да може да се користат, а според првичните проверки на погонската единица од Азербејџан, Леклер сега губи мотор со внатрешно согорување и уште едно турбо.
Во една сезона дозволено е користење на три турбо-полначи без последици, а потоа следуваат казни. На Леклер му преостана само едно, она што вообичаено се користи на тренинг сесиите, бидејќи акумулира голема километража. Сега, Ферари треба да одлучи дали тоа ќе се користи во Канада или викендов ќе започнат грид казните за Леклер, што ќе биде неизбежно во блиска иднина.
Новиот мотор со внатрешно согорување што ќе го има Леклер во Монтреал ќе биде трет во годината, така што во моментов нема да има казни, иако очигледно ќе влијае на остатокот од оваа сезона.
Доколку во болидот на Леклер се вгради четвртото турбо за оваа годината, ќе има казна од 10 позиции во Канада, а секое ново турбо кое ќе дебитира оваа година ќе чини пет стартни позиции.
Повеќе информации на оваа тема се очекуваа во текот на денот. Проблемите со хидрауликата на болидот на Карлос Саинц Jр. во Азербејџан се веќе решени, пронајдено е краткорочно решение(читај сечено/лепено) и дека веќе се работи на долгорочно решение на проблемот.
ФЕРАРИ СО ПРВИТЕ КАЗНИ ЗА КАНАДСКОТО ГРАН ПРИ?!?
6/15/2022 07:42:00 PM
0
Share to other apps