Макс Ферстапен победи на трката за Големата Награда на Канада, забележувајќи ја својата шеста победа сезонава, 26-та во кариерата и дополнително се оддалечи од своите ривали во генералниот пласман на возачи.
Макс Ферстапен го издржа налетот на Карлос Саинц Јр. во стратешка трка, со неколку „прекини“. Сепак, шпанецот несомнено ја имаше својата најдобра трка и со добро темпо и поинаква стратегија ја имаше својата шанса на крајот од трката.
Со малку посвежи гуми, Карлос се обидуваше до крајот, но максималната брзина на Ред Бул беше тешка пречка за надминување и конечно победата му припадна на Макс Ферстапен кој веќе има 49 поени предност пред Чарлс Леклер, кој финишираше на петтото место.
Од друга страна, Мерцедес АМГ уште еднаш го покажаа своето добро тркачко темпо, а Луис Хамилтон го искористи откажувањето на Серџо Перез за да се искачи на подиумот, со Џорџ Расел на четвртото место.
Понатаму, уште една несреќна недела за Фернандо Алонсо, бидејќи неговите ривали го искористија периодот на виртуелно безбедносно возило и Шпанецот падна на седмото место, зад Естебан Окон и пред Валтери Ботас, Џоу Гуанју и Ленс Строл.
За две недели борбата ќе продолжи во Силверстоун.
На стартот, Макс Ферстапен го задржа водството. Магнусен го нападна Хамилтон, не успеа да го претекне, и при тоа заработи оштетување на предното крило. Окон и Расел го претекнаа Шумахер. Назад, Леклер и Цунода го претекнаа Латифи, Ботас загуби две позиции.
Карлос Саинц Јр. со помош на ДРС-системот успеа да го претекне Фернандо Алонсо во борбата за второто место. Џорџ Расел го престигна Магнусен за петтото место. Во шестиот круг, Ветел и Гасли ги сменија гумите. Џоу Гуанју го престигна Рикиардо за деветтото место.
На Магнусен му беше покажано црно-портокалово знаме поради оштетувањата на болидот во инцидентот со Хамилтон, па тој мораше во боксот, менувајќи гуми и предно крило.
Во осмиот круг, Серџо Перез се пожали на проблеми со менувачот и мораше да го паркира болидот покрај патеката. За да се отстрани неговиот болид, беше најавен режим на виртуелниот безбедносен автомобил.
Макс Ферстапен, Хамилтон, Цунода и Латифи го искоритија тоа за да ги сменат гумите. Трката ја водеше Карлос Саинц Јр., Макс се врати на трето, Луис на шестото место. Трката беше рестартирана во 11-от круг.
Во 12-от круг, Хамилтон го престигна Окон за петтото место. Назад во поредокот, Леклер не напредуваше како посакува, па во 14-от круг го престигна Норис за 12-то место.
Во 15-от круг, Ферстапен го престигна Алонсо за второто место. Топ десет поредокот во тој момент беше: Саинц Јр., Ферстапен, Алонсо, Расел, Хамилтон, Окон, Шумахер, Гуанју, Рикиардо, Албон.
Поради проблеми со MGU-K, Мик Шумахер го запре болидот покрај патеката и се повлече од трката. Повторно беше воведен режимот на ВБА. За смена на гуми тоа го искористија Расел, Окон, Гуанју, Рикиардо, Норис и Ветел. Во боксот на Мекларен имаше проблем со Ландо Норис, неговите гуми не беа готови.
Во следниот круг пит-стоп направи и Карлос Саинц Јр.. Трката беше рестартирана во 21-от круг. Леклер успеа да излезе пред Ботас за седмото место. Саинц Јр. го престигна Алонсо, а веќе во следниот круг тоа го направи и Луис Хамилтон за третото место.
Топ десет во 25-от круг беше: Ферстапен, Саинц Јр., Хамилтон, Алонсо, Расел, Окон, Леклер, Ботас, Строл, Гуанју. Последен кој се реши за влез во бокс, 29 круг, за замена на почетните гуми беше Фернандо Алонсо.
Чарлс Леклер долго време го притискаше Естебан Окон, кој беше на посвежи гуми, а Ферарито немаша моќност да парира на болидот на Алпин на правците. Фрустацијата на Моначанецот беше забележлива во комуникацијата со својот тркачки инженер.
Решението на Ферари беше смена на неговите пневматици во 42-от круг, а Леклер од седмото место, на патеката се врати на 12-то, поради проблемот со прицврстување на задното лево тркало.
Во 43-от круг, Ферстапен и Норис направија пит-стоп, во следниот за тој потег се реши и Луис Хамилтон. Леклер со помош на жолтите гуми ги претекна Рикиардо, Цунода и Гуанју за деветтото место.
Во 48-от круг, Строл и Цунода ги сменија гумите. Враќајќи се на патеката, Јапонецот ги блокираше гумите и заврши надвор од патеката веднаш по излегувањето од боксот. Следуваше период на безбедносниот автомобил.
Тоа го искористија за да менуваат гуми Саинц Јр., Албон, Окон, Алонсо, Ботас, Гуанју и Рикиардо. Топ десет во 50-от круг беше: Ферстапен, Саинц Јр., Хамилтон, Расел, Окон, Алонсо, Леклер, Ботас, Ветел, Гуанју.
Трката беше рестартирана во 54-от круг, кога сите возачи ги задржаа своите места. Во последните круга Саинц Јр. го притискаше Ферстапен за првото место, но разликата во брзина не беше доволна за претекнување. Во последните кругови, Строл го престигна Рикиардо за десеттото место, откако Австралиецот имаше проблеми со сопирачките.
МАКС ФЕРСТАПЕН СО ДЕБИ ПОБЕДА НА КАНАДСКОТО ГРАН ПРИ
6/19/2022 10:37:00 PM
0
Share to other apps