Формула 1 дојде во Канада во средината на 60-тите, четири години трката наизменично ги одржуваше на патеките Мон Тремблант и Моспорт, а потоа само во Моспорт, бидејќи другата беше прогласена за премногу опасна.
Во 1977 година, Француските Канаѓани, импресионирани од успехот на Жил Вилнев, ја изразија идејата за изградба на автодром во Квебек.
Градските власти пронајдоа два милиони долари, ги поврзаа патиштата на вештачкиот остров направен за олимписките игри во 1976 година и сè беше подготвено за Големата Награда на Канада во 1978 година.
Победник на инаугуративната трка беше Жил Вилнев, кој возеше Ферари 312Т3. Во 1982 година, откако Жил почина на квалификациите пред трката во Золдер , патеката го доби неговото име.
Историјата на канадската трка е полна со трагедии и триумфи. Овде речиси е невозможно да се погоди победникот, често на највисокото скалило на подиумот се искачува возач кој не атакува на шампионската титула, а лидерите во шампионатот немаат секогаш среќа.
Патеката е интересена мешавина на долги, брзи правци и бавни свиоци. Високите крајни брзини на правците и стоп/старт карактерот на истата придонесува таа да биде класифицирана како една од најтешки за сопирачките на болидите.
Честите точки за сопирање доведуваат до високи температури на дисковите, а ефектот е дополнет со фактот дека правците, особено во првата половина на кругот, не дозволуваат доволно време за нивно ладење.
Италијанскиот производител и официјален снабдувач на Формула 1 со пневматици, традиционално ги номинира најмеките смеши во нивниот опсег. Оваа година не е исклучок, па на Ф1 тимовите им се понудени C3, како бели, C4 како жолти и C5 како црвени гуми.
Во Монтреал, особено се оптоварени задните гуми и многу е лесно возачите да предизвикаат пролизгување на тркалата, ако премногу притиснат на педалата за гас, а тоа е особено опасно при последниот свиок каде се наоѓа добро познатиот "ѕид на шампионите".
Името го доби по трката во 1999 година, кога Дејмон Хил, Михаел Шумахер и Жак Вилнев удрија во ѕидот на излезот од последниот свиок. Ќе биде интересно да се види како ќе се справи новата генерација тешки и широки болиди. Сепак, веќе и тој не е тоа што беше, па сега не е ѕид во буквална смисла, туку ТекПро заштитна бариера.
Патеката има многу висока веројатност за излегување на безбедносниот автомобил, кој може да го промени во целост текот на трката. Ова е една од причините зошто флексибилната стратегија често дава добри резултати, но патеката нуди многу повеќе можности за престигнување.
Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен ја освои Пол позицијата. Најбрзиот круг на Холанѓанецот беше поставен на црвените гуми. Најбрзата стратегија за Големата Награда на Канада, која се состои од 70 круга ќе биде едно застанување во бокс, но постојат различни варијанти на кои тоа може да се изведе.
Теоретски, најбрзиот начин е да се стартува на жолтите гуми, за потоа да се премине на белите. Постои слична деградација на црвените и жолтите гуми, но вториве нудат поширок прозорец за застанување во бокс, плус поголема управливост со болидот.
Алтернативната стратегија, која е малку побавна, е да се започне на црвените гуми и потоа да се премине на белите. Очигледно, ќе треба да се заменат порано за разлика од жолтите, но излегувањето на безбедносниот автомобил може да излезе како кец на десетка.
Стратегијата со две застанувања во бокс, на хартија, дефинитивно е побавна варијанта, но во вистинските околности може да се покаже како добитна, особено кога губите помалку време во пит-стоп отколку на која било друга патека во календарот. Исто така, возачите ефективно ги пресекуваат прввиот и последниот свиок користејќи ја пит-линијата.
За оние кои почнуваат подолу на гридот, може да има аргумент за стартување со белите гуми и долг прв стинт, надевајќи се дека ќе го искористат максимумот од безбедносниот автомобил. Ова е патека каде што можете да претекнете, така што позицијата на патеката не е толку важна како другите места.
Марио Изола, Пирели: "Со зголемениот ризик за дожд, возачите во саботата имаа дополнителен сет на интермедија гуми доделени за за време на тренинг сесијата. Во квалификациите, патеката беше подготвена за нив на крајот од Q1 сесијата."
"Додека патеката се сушеше разумно брзо, таа беше неконзистентна, некои делови беа целосно влажни, некои делови влажни, а други делови суви, што доведе до возбудливи квалификации кои навистина ги тестираа вештините на возачите."
"Само еден возач ги испроба гумите за суво во Q3, но условите се уште беа премногу влажни. За време на трката би требало да биде многу поинаква приказна, па сега тимовите ќе треба да го искористат максимумот од информациите добиени во петокот."
Во последните пет трки нагло се промени ситуацијата во шампионатите. По Големата Награда на Австралија, Чарлс Леклер беше 46 поени во предност пред Макс Ферстапен, а пред Големата Награда на Канада тој заостанува 34 поени.
По бројот на незавршени трки, двајцата претенденти за титулата сега се изедначени, имаат по две. Плус, сега Серџо Перез е на второто, а Леклер е само на третото место на табелата.
Впрочем, усогласувањето на силите од самиот почеток беше вака. Предноста на Леклер се должеше на двете откажувања на Макс, но потоа ситуацијата се израмни, па двете незавршени трки на Леклер, филувани со недозволивите грешки на тимот, но и самиот возач, му дозволија на Ферстапен да го преземе водството.
И многу е веројатно дека и по денешната трка ќе го зголеми водството. Но, Пол позицијата не ја гарантира победата, а со новите болиди полесно се претекнува, па ако во сабота сте победник, тогаш во недела станувате мета.
Но, и во оваа ситуација, Ферари не изгледа конкурентен, дали поради лоша стратегија, дали поради издрживоста на ПЕ, дали поради предноста во брзината на Ред Бул на правците или поради некоја друга непозната причина.
Успехот на Ферари е многу неопходен за Формула 1, но, брз болид и одлични возачи не се доволни за ова. Тимот заостанува во се, во однос на Ред Бул. Италијанскиот печат една од причините за неуспехот ја смета за отсуството на силен лидер. Интелигентниот Матија Биното е талентиран инженер, но победата по секоја цена не е негова предност.
Чарлс Леклер, заедно со Јуки Цунода, ќе ја стартуваат трката од последниот ред. Моначанецот, во петокот, доби нова компјутерска единица, губејќи десет места, а во саботата доби целосно нова ПЕ, но доби резервни делови за идните трки. Покрај тоа, Карлос Саинц Јр. доби трет мотор, но тој е во рамки на дозволениот број, па затоа не следува казна.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА КАНАДСКОТО ГРАН ПРИ
6/19/2022 05:18:00 PM
0
Share to other apps