Макс Ферстапен ги исполни прогнозите за лесно освојување на Пол позицијата за Големата Награда на Канада. Со Чарлс Леклер надвор од игра, Холанѓанецот лесно ги победи своите ривали во деликатни временски услови за да ја забележи неговата 15-та Пол позиција во Формула 1, втора оваа сезона.
Во една нетипична класификација, Фернандо Алонсо по десетгодишна пауза (од 2012 Германија ГП) ќе ја започне трката од првиот ред. Карлос Саинц Јр. и Луис Хамилтон ќе стартуваат од вториот, додека уште една сензација имаме на третиот ред, Кевин Магнусен и Мик Шумахер.
Често се вели дека на патеките каде претекнувањето е лесно изводливо, квалификациите се од мала важност, но на последните пет трки во Канада, на четири победник бил освојувачот на Пол позицијата.
Оваа 2022 година, Формула 1 се врати во Канада по двегодишна пауза со нови болиди и нов однос на силите. Една недела пред Монтреал, Макс Ферстапен победи во Баку, каде што неговиот главен ривал за титулата, Чарлс Леклер, не ја заврши трката.
Во Монтреал на болидот на Моначанецот беше монтирана целосно нова погонска единица и дури два мотори. Како последица на овие промени, возачот на Ферари, утрешната трка ќе ја започне од последниот стартен ред, заедно со Јуки Цунода, кој доби слична казна.
За нив, квалификациите навистина не беа важни. Во петокот, возачите работеа на сува патека, Ферстапен го забележа најбрзото време, а денес имавме дожд на патеката, па на саботниот тренинг беа користени само гумите за дожд. Најбрзото време во такви услови го имаше Фернандо Алонсо.
Пред почетокот на квалификациите дождот стивна, па повторно почна, за да престане да паѓа некаде при крај на Q1 сесијата. Секоја чест за канадската публика, која ги издржаа временските неприлики, а трибините беа речиси целосно исполнети.
Q1 сесијата возачите ја започнаа на гуми за дожд, бидејќи во некои области од патеката имаше многу вода. Сите веднаш излегоа на патеката за да забележат време, пред да се влошат условите.
Сообраќајот и слабата видливост беа проблем, но се помина без поголеми инциденти. Гумите за дожд ефикасно ја отстрануваа водата од тркачката линија, и со секој изминат круг патеката стануваше побрза.
Макс Ферстапен го имаше најбрзото време, а од понатамошната борба отпаднаа на изненадување на сите Пјер Гасли, Себастијан Ветел, Ленс Строл, Николас Латифи и Јуки Цунода.
Во Q2 сесијата Албон, Магнусен, Шумахер, Алонсо, Окон, Перез и Саинц Јр. ги избраа зелните интермедија гуми, а останатите својот прв обид го имаа на сините гуми за дожд.
Чарлс Леклер остана во својата гаража. Тој во првиот дел од квалификациите беше пред Цунода и ќе стартува претпоследен, а добиената казна не му дозволи да се бори за други позиции.
Во некои области имаше премногу вода за интермедија гумите. Па така, Алекс Албон излета во шестиот свиок и ја допре заштитната бариера, но можеше да продолжи. Се помина само со жолти знамиња.
Неколку моменти подоцна, Серџо Перез излета и удри во заштитната бариера покрај третиот свиок, по што сесијата беше прекината. Мексиканецот не можеше да го врати својот болид назад на патеката, па мораше да се интервенира за негово отстранување и поправка на бариерата.
Најбрзото време во тој момент го имаше Фернандо Алонсо. Сесијата беше рестартирана по дванаесет минути, а на возачите им преостанаа девет минути за да ја продолжат борбата.
Во овој период асфалтот започна да се суши со поголемо темпо. Сепак, сите останаа на зелените гуми. Ландо Норис имаше проблеми со ПЕ на Мерцедес и го прекина брзиот круг без да забележи време.
Макс Ферстапен повторно го имаше најбрзото време, а во финалниот сегмент од квалификациите не се пласираа Валтери Ботас, Алекс Албон, Серџо Перез, Ландо Норис и Чарлс Леклер.
Мерцедес АМГ, Алпин и Хас ја продолжија борбата со по два болиди, Ред Бул, Ферари, Мекларен и Алфа Ромео со по еден. Необична комбинација за оваа сезона.
Во Q3 сесијата сите возачи за својот прв обид ги избраа интермедија гумите. Макс Ферстапен, стандардно го имаше најбрзото време.
За вторите брзи круга, Џорџ Расел беше единствениот возач што реши да ризикува на гумите за суво време. Макс Ферстапен комплетираше уште побрз круг, а Британецот излета во вториот свиок, па ризикот не се исплатеше.
Карлос Саинц Јр. беше многу силен во првиот сектор од својот последен круг, но не можеше да го победи Холанѓанецот., но Фернандо Алонсо успеа да стигне до втората позиција, една десетинка побрз од својот сограѓанин.
Луис Хамилтон ја освои четвртата позиција, пред возачите на Хас и Естебан Окон. Џорџ Расел со својата неуспешна стратегија беше осми, а зад него беа Даниел Рикиардо и Џоу Гуанју.
МАКС БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА, АЛОНСО НА ПРВИОТ РЕД
6/18/2022 11:57:00 PM
0
Share to other apps