Карлос Саинц Јр. блесна на дождливите квалификации за Големата Награда на В.Британија. Шпанецот ги искористи деликатните услови што ги понуди Силверстоун и ја забележа својата прва и стана 104-ти возач кој се запиша на листата на освојувачи на Пол позицијата во Формула 1.
Британската патека се чинеше дека е "територијата на Ферстапен" по денешниот тренинг, но и почетните два сегменти од квалификациите, бидејќи тој ги постави најбрзите времиња, но кога беше најважно, Карлос Саинц Јр. успеа да го надмине лимитот на својот Ферари во последните моменти од Q3.
Мадриѓанецот беше за 72 илјадитинки побрз од Макс Ферстапен кој мораше да се задоволи со втората позиција и три десетинки пред Чарлс Леклер кој беше трет најбрз возач на денешните квалификации.
Серџо Перез ја обезбеди четвртата позиција, додека Луис Хамилтон не можеше да ги искористи подобрувањата на Мерцедес АМГ, забележувајќи го петтото време, една секунда зад најбрзото, но повторно го победи Џорџ Расел кој заврши осми.
Ландо Норис овој пат беше шести, а Фернандо Алонсо седми. Џоу Гуанју и Николас Латифи ги комплетираа најбрзите 10 возачи.
Девет од десет тимови, сите освен Хас, подготвија бројни новитети за трката на Силверстоун. Во петокот дождот го спречи првиот тренинг, но вториот се одржа на сува патека, кога Карлос Саинц Јр. го забележа најбрзото време, а Макс Ферстапен и Ред Бул беа убедливи на денешниот тренинг.
Пирели традиционално ги донесе на најтврдите смеши, C1, C2 и C3 како бели, жолти и црвени гуми, но, тие не беа потребни во квалификациите. Непосредно пред почетокот започна да врне, па беа користени само зелените интермедија гуми.
Во Q1 сесијата, возачите се наредија на излезот од пит-линијата на интермедија гумите за што побрзо да забележат брз круг додека асфалтот не беше премногу влажен, но на одредени делови веќе имаше многу вода.
Фернандо Алонсо и Естебан Окон не заминаа со сите останати, останувајќи неколку минути во своите гаражи, по најавите дека дождот ќе намали во следните осум минути.
Валтери Ботас се изврте без последици по болидот. Како што беше најавено, Ф1 тимовите имаат пристап до врвни метео радари, дождот го намали својот интензитет, а состојбата на асфалтот постепено се подобруваше, а со тоа и резултатите.
Возачите работеа во низа кругови. На крајот Ферстапен го забележа најбрзото време, а од понатамошната борба отпаднаа Албон, Магнусен, Ветел, Шумахер и Строл. Николас Латифи, иако со старата верзија на болидот на Вилијамс, за прв пат во сезоната се пласираше во Q2.
Во втората сесија возачите повторно на патеката излегоа на интермедиа гумите. Дождот го зголеми интензитетот на одредени делови од патеката, но перфектната дренажа на патеката не дозволи да се користат сините гуми за дожд.
Макс Ферстапен имаше извртување надвор од патеката, но без последици по неговиот болид и веќе во следниот круг го имаше најбрзото време. Николас Латифи да не остане без нитио едно излетување, го направи тоа во третиот свиок, но продолжи да се движи. Дождот на моменти беше проследен со силен ветер.
При крајот на сесијата беше невозможно да се подобрат забележаните времиња. Дождот засили, но на патеката мораше да излезат возачите на кои им гореше под нозете, но без поголем успех.
Времето на Ферстапен повторно беше најдобро, а најбавни беа Пјер Гасли, Валтери Ботас, Јуки Цунода, Даниел Рикиардо и Естебан Окон. Латифи за прв пат сезонава успеа да се пласира и во најбрзите 10 возачи.
Во Q3 сесијата повторно сите возачи ги користеа зелените гуми. Патеката беше лизгава и ветровита. РБ18 се покажува како екстра осетлив на ветер, па Макс Ферстапен повторно излета надвор од патеката, но без последици по болидот.
Во последните минути, патеката забрзано се подобруваше, а Макс Ферстапен беше првиот кој ја проби бариерата од 1:42', додека возачите на Мерцедес АМГ се искачија на второто и третото место.
Но, Карлос Саинц Јр. во својот последен брз круг успеа да го извади максимумот од Ф1-75 забележувајќи време од 1:40.983, кое остана недостижно за останатите возачи.
Сепак мора да напоменеме дека Макс Ферстапен и Чарлс Леклер, имаа мали грешки дополнети со жолто знаме, но на дожд секогаш победува најсреќниот и возачот кој нема да направи нити една грешка.
КАРЛОС САИНЦ ЈР. КОНЕЧНО ДО ПРВАТА ПОЛ ПОЗИЦИЈА
7/02/2022 05:47:00 PM
0
Share to other apps