Чарлс Леклер прв мина низ целта на трката за Големата Награда на Австрија, забележувајќи ја својата трета победа сезонава и петта во кариерата. Со тоа Моначанецот напредуваше пред Серџо Перез во шампионатот кај возачите, за да се искачи на второто место.
Втор заврши Макс Ферстапен, забележувајќи го најбрзиот круг на трката, додека на третото скалило на подиумот се искачи Луис Хамилтон.
По втор пат оваа сезона Хас имаше пласман во бодови со два болиди, постигнувајќи го најдобриот резултат во сезоната и со тоа се искачи пред АлфаТаури во шампионатот на конструктори.
За две недели борбата ќе продолжи во Франција.
Единаесеттата трка од 2022 сезоната беше за Големата Награда на Австрија, и по втор пат оваа година имавме формат на викендот со саботен спринт, на кој Макс Ферстапен ја одбрани првата стартна позиција за денешната трка, пред возачите на Ферари и Џорџ Расел со Мерцедес АМГ.
Фернандо Алонсо, не можеше да се натпреварува во спринтот, па денеска мораше да стартува од последниот ред. Поради тоа во тимот на Алпин се решија да монтираат нова Рено ПЕ.
Неделата започна со влажен асфалт за трката во Формула 3, но тој за трката во Формула 1 целосно се исуши и достигна температура од 30ºC. Според Пирели, оптималната стратегија беше со едно застанување во бокс.
Стартот на трката беше без инциденти, при што Макс Ферстапен го одбрани првото место по првиот свиок, проследен од Чарлс Леклер. Позади нив Карлос Саинц Јр. и Џорџ Расел имаа тесна битка за третото место, кое на крајот го задржа возачот на Ферари.
Во нивна близина беше Серџо Перез, кој веднаш се обиде да искористи и го претекне Мерцедесот, и тоа од надворешната страна на 4-от свиок, по што дојде до контакт и извртување на Мексиканецот. Тоа го чинеше последна позиција, но и поголема штета на РБ18.
Поназад, Естебан Окон беше петти, со Кевин Магнусен, Луис Хамилтон и Мик Шумахер зад него. Возачите на Мекларен го комплетираа топ 10 поредокот.
Фернандо Алонсо имаше убава борба со Себастијан Ветел на крајот од поредокот, во која како победник излезе двократниот шампион. Двајцата возачи беа на белите гуми на Пирели за почетниот стинт.
За разлика од она што се случи вчера, Макс Ферстапен не можеше да создаде поголема разлика од минута во однос на Чарлс Леклер, па Моначанецот можеше да го отвори користи ДРС-системот со комплетирање на третиот круг.
Карлос Саинц Јр. заостануваше повеќе од две секунди зад својот тимски колега, а имаше предност од 5 секунди во однос на четвтопласираниот Џорџ Расел.
По девет круга во кои Леклер се чинеше дека има малку повеќе темпо од Ферстапен, Моначанецот се обиде да претекнува во десеттиот круг, со доцно кочење во третиот свиок, но тој обид заврши безуспешно.
Во меѓувреме, стјуардите на трката одлучија дека Расел заслужил казна од пет секунди за инцидентот со Чеко.
Два круга подоцна, Чарлс Леклер докажа дека навистина има поголемо темпо од Ферстапен и, со убав маневар од внатрешната страна на 4-от свиок, го претекна холанѓанецот за водство на трката.
Макс започна да пријавува проблеми со своите гуми и два круга подоцна, во 14-от круг, влезе во бокс по нов сет на гуми. Жолтите ги замени со бели. Со тоа, трката влезе во клучен стратегиски момент и, многу од возачи се решија за истиот потег, меѓу нив Расел и Норис од топ 10 поредокот.
Луис Хамилтон дури во 15-от круг се ослободи од возачите на Хас и се пласираше на четвртото место, по што ја започна потерата по Естебан Окон кој беше привремено на третото место, веднаш зад возачите на Ферари.
Изненадувачки, се чинеше дека Ферарите добро ги менаџираат пневматиците, помалку изненадувачки за Луис Хамилтон, па тие решија да останат подолго на патеката.
Во меѓувреме, Макс Ферстапен мораше да напредува низ поредокот поради раниот пит-стоп, со претекнување на болидите на Хас и Луис Хамилтон. Кога повторно стигна до третото место беше 20-тина секунди зад Леклер во 18-от круг.
Возачите од среднината на поредокот по влегување/невлегувањето во бокс за промена на гуми, во еден момент имавме битка на пет болиди во која учествуваа Окон, Гуанју, Цунода, Магнусен, Норис. Тоа беше импресивна глетка која ја немаме видено подолго време во Формула 1 шампионатот.
Чарлс Леклер за влез во бокс се реши во во 27-от круг, во моментите кога од Ред Бул решија дека Серџо Перез не може да продолжи да се трка, оштетувањето беше преголемо.
Еден круг подоцна, Карлос Саинц Јр. и Фернандо Алонсо сменија гуми, а во 29-от и Луис Хамилтон. Така, Ферстапен се врати во водство, но Леклер заостануваше само три секунди со понови гуми, а Саинц Јр. беше на третото место.
Луис Хамилтон по замената на гуми, лош пит-стоп, се врати на патеката зад Естебан Окон, но брзо го престигна болидот на Алпин. Зад Окон беа возачите на Хас и Ландо Норис кој зад себе го имаше Џорџ Расел кој мораше да ја одработи казната од 5 секунди, при што доби и ново предно крило, поради контактот со Серџо Перез.
Чарлс Леклер брзо ја намали разликата со Ферстапен и во 33-от круг, по втор пат го престигна низ третиот свиок, додека Саинц Јр. исто така се приближуваше од третото место.
Речиси во исто време, Мик Шумахер го престигна Кевин Магнусен, а Фернандо Алонсо со одреден ризик го престигна Цунода, ставајќи дел од својот болид на надворешната страна од патеката.
Речиси на половината од трката, во 37-от, Макс Ферстапен повторно влезе во бокс по нови гуми, кога Карлос Саинц Јр. веќе беше на помалку од една секунда заостанување зад него. Холанѓанецот на патеката излезе на третото место, со нови бели гуми и 26 секунди зад Чарлс Леклер и со Луис Хамилтон зад себе на помалку од шест секунди.
Во 41-от круг, Пјер Гасли и Себастијан Ветел имааа речиси идентична ситуација како и Џорџ Расел и Серџо Перез на почетокот од трката. Германецот се изврте, загуби неколку позиции. Како и Џорџ Расел, Пјер Гасли доби казна од пет секунди за тој инцидент.
Како што напредуваше трката, многу повисоката деградација од предвиденото јасно покажа дека едно застанување во бокс е многу тешко остварливо, па многу возачи се решија за второ застанување во бокс.
Чарлс Леклер за второ влегување во бокс се реши во 50-от круг, а Карлос Саинц Јр. го направи истото, еден круг подоцна. На овој начин Макс Ферстапен се врати во водство на трката, но и Моначанецот и Шпанецот имаа многу понови гуми и 20-тина кругови за напад.
Како и во првата битка, на Чарлс Леклер не му требаше многу време да ја намали разликата во однос на Макс Ферстапен и веќе во 53-от круг го престигна својот ривал со убав маневар помеѓу свиоците 3 и 4.
Карлос Саинц Јр. во тој момент беше на нешто повеќе од три секунди заостанување, па и тој ја чекаше својата шанса за второто место. Шпанецот ја анулираше предноста на Макс Ферстапен во 56-от круг и кога требаше да се обиде да го претекне откажа Ферари ПЕ во неговиот болид, со што неговата трка беше завршена со пшламени јазици кои излегуваа од задниот дел на Ф1-75.
Следуваше режим на виртуелен безбедносен автомобил, кој беше искористен од неколку возачи за нова промена на гуми, вклучувајќи ги и водечките Леклер и Ферстапен.
Во тие моменти Фернандо Алонсо го изгуби добриот пласман, кога неговиот тим го врати на патеката со незацврстено тркало, по што тој мораше повторно во бокс. Овој инцидент беше разгледуван од стјуардите, кои одлучија да не доделат никаква казна за Шпанецот или тимот за небезбедно пуштање на болид на патеката.
Трката беше рестартирана во 60-от круг, со уште 12 круга до крајот. Период во кој ако Моначанецот не ја имаше предноста од околлу 4 секунди пред Макс, сигурно ќе го изгубеше првото место, поради проблеми со педалата за гас на неговиот Ф1-75, која остануваше заглавена на 20%, никако не сакаше целосно да се врати назад.
На крај, и покрај тоа што Макс Ферстапен беше побрз и успеа да намали нешто повеќе од три секунди, Моначанецот успеа да се снајде и да премини низ целната линија како победник на денешната трка, пред Ферстапен кој ја минимизираше штетата со најбрзиот круг на трката.
Пласман на подиумот и за Луис Хамилтон, пред неговиот тимски колега, Џорџ Расел на четврто место. Естебан Окон, по добрата трка од своја страна, во оваа прилика беше најдобар од останатите, а зад нив беа Мик Шумахер, Ландо Норис, Кевин Магнусен и Даниел Рикиардо.
Фернандо Алонсо можеше да се бори со Магнусен или со Норис на крајот, но проблемот со пит-стопот значеше дека тој заостанува далеку и, откако ги престигна Албон и Ботас во последните кругови, беше десетти.
По трката водечкото трио е повикано кај стјуардите поради прекршување на правилата на однесување во затворениот паркинг простор (Parc Ferme).
Во белешките за процедурата по трката издадени до тимовите се вели: "Физитерапевтите на возачите мора да чекаат надвор од просторијата за одмор, која се наоѓа зад подиумот додека не заврши церемонијата на доделување на пехарите."
Тројцата возачи кои се пласираа на Победничкиот подиум заработија условна казна од 10.000 евра за секој од нив.
ЧАРЛС ЛЕКЛЕР ГО ПОБЕДИ МАКС НА ДОМАШЕН ТЕРЕН НА РЕД БУЛ
7/10/2022 05:39:00 PM
0
Share to other apps