За време на викендот во Шпилберг, настана директен судир меѓу тркачките директори од една страна и асоцијацијата на Ф1 возачи од друга страна, што е доказ дека ФИА донесе многу погрешна одлука со смената на Мајкл Маси.
Себастијан Ветел и Џорџ Расел се двајцата активни возачи задолжени за синдикатот на возачи. И никој од нив не беше задоволен по средбата што ја имаа во петокот со Нилс Витич.
Германецот си замина предвреме и доби 25.000 евра парична казна за неговото однесување, иако санкцијата е условена и нема да се применува доколку не направи повторно прекршок.
Џорџ Расел не беше опоменат, но тој го обвини двојниот формат на тркачки директори како лоша одлука на ФИА. Тој смета дека сегашниот систем е погрешен.
"Мислам дека треба да останеме со еден тркачки директор. Ни треба поголема конзистентност од стјуардите. Кога одиме на следната трка, честопати стјуардите од претходната трка повеќе ги нема."
"Нема отчетност, одлуките не се образложени, поставуваме прашања и тешко се добиваат одговори затоа што често се обвинува некој што го нема."
Зборовите на Расел се однесуваат на вообичаената динамика на состанокот што возачите и тркачкиот директор го одржуваат секој петок од тркачките викенди.
Оваа средба лице в лице директорот ја користи за да им ги објасни на возачите одлуките од претходната трка и со тоа да ги реши сомнежите за примената на правилата.
Со Чарли Вајтинг прв, а Мајкл Маси втор, товарот на оваа должност беше на едно лице во текот на сезоната. Но, оваа година ФИА ја трансформираше позицијата и создаде ротирачки систем помеѓу Нилс Витич и Едуардо Фрајтас.
"Тоа е комплицирано, бидејќи секој има свои толкувања. Не чувствуваме дека нашето мислење нешто значи. Тие не може да ги менуваат правилата секоја недела, но мора да има поголема конзистентност. Сите мора да бидеме јасни и санкциите да бидат поконзистентни." - завршува Расел.
Ф1 ВОЗАЧИТЕ ВО КЛИНЧ СО ТРКАЧКИТЕ ДИРЕКТОРИ
7/10/2022 12:52:00 PM
0
Share to other apps