Макс Ферстапен го имаше најбрзото време на саботниот тренинг и тоа со голема леснотија, бидејќи беше многу конкурентен и на црвените и на жолтите гуми. Зад него се пласираа двата болиди на Ферари, Карлос Саинц Јр. беше втор со три десетинки и Чарлс Леклер трет дури со шест десетинки заостанување.
Потрагата по компромис помеѓу добар грип на гумите за квалификациите и нивно помало абење на трката беше една од клучните цели на денешниот тренинг. На вчерашните тренинг сесии не сите успеаја да го постигнат ова на неверојатно топлото време на Пол Рикар.
Температурата на асфалтот веќе на почетокот на сесијата надмина 50 степени и постојано растеше до нешто под 60 степени. Ред Бул на почетокот се фокусираа на жолтите пневматици, додека во Ферари работеа со белите гуми.
Мерцедес АМГ користеше различни задни крила, Хамилтон доби крило со поголема потисна сила, додека Џорџ Расел со помала, па така беше побрз на правците.
Тренингот помина без проблеми. Леклер имаше извртување во 12-от свиок, Ботас во осмиот, но без никакви последици по нивните болиди. Цунода беше принуден да ја напушти патеката за да избегне судир со Латифи.
Шумахер загуби многу време во својата гаража. Ветел предвреме го заврши тренингот поради оштетување на подот при преминување на рабниците.
ФИА ја потврди замената на делови од погонските единици на болидите на Кевин Магнусен и Карлос Саинц Јр. Двајцата возачи го добија четвртиот мотор, 4-та турбина, 4-ти MGU-H и 4-ти MGU-K.
Карлос вчера веќе ја смени и контролната единица, за што доби казна со губење на десет стартни места, а денешните замени ги испраќаат двајцата возачи на последниот стартен ред на утрешната трка.
МАКС СЕ РАЗБУДИ, НАЈБРЗ НА САБОТНИОТ ТРЕНИНГ
7/23/2022 02:28:00 PM
0
Share to other apps