Чарлс Леклер, со помош на Карлос Саинц Јр. во форма на заветрина, ги победи возачите на Ред Бул за да ја забележи својата шеснаесетта Пол позиција во Формула 1.
Изминатите три последователни трки во Канада, Велика Британија и Австрија, минаа без Моначанецот на врвот во квалификациите, но серијата беше прекината на патеката Пол Рикар со маестралната тимска работа на Ферари.
Откако Карлос Саинц Јр. беше "принуден" да стартува од последниот ред, Шпанецот му овозможи одлична заветрина на Леклер во двата негови брзи круга во Q3.
Макс Ферстапен заостана три десетинки, додека Серџо Перез близу половина секунда зад најбрзото време на денешните квалификации.
Едно од изненадувањата на денот дојде од Ландо Норис, кој успеа да го победи Џорџ Расел за петтата стартна позиција и утре ќе стартува меѓу двата болиди на Мерцедес АМГ. Луис Хамилтон го обезбеди 4-тото место.
Фернандо Алонсо го спаси тимот на Алпин на домашната за нив патека со добар пласман на седмото место, само пред Јуки Цунода со болидот на АлфаТаури.
Карлос Саинц Јр. ја заврши својата работа без поставено време, исто како и Кевин Магнусен. Двајцата возачи ќе стартуваат од последниот ред поради казните за промена на Ферари ПЕ.
На патеката Пол Рикар може да се претекнува, но тоа бара аеродинамика и моќност на моторот, па најчесто победува најбрзиот болид, оној што ја освоил пол позицијата на квалификациите во сабота. Последните три трки во Ле Кастел ги добија возачи кои стартуваа од првата позиција, но тоа беше друга генерација на болиди.
Европа, во втората половина на јули се најде под интензивен топлотен бран, а инженерите на Пирели велат дека работеле на потопол асфалт само еднаш, во Малезија во 2016 година. Покрај тоа, тимовите мораа да го земат во предвид и силниот ветер. Не за бадијала еден од свиоците е именуван како Мистрал!
Тимовите мораа брзо да ги доведат гумите до работниот опсег за брзиот круг во квалификациите, но од друга, трката побарува ектремно менаџирање на работниот век на пневматиците.
Овие услови си противречат еден на друг, па секој тим мораше да ја најде златната средина. Од Пирели за Пол Рикар ги избраа C2, C3 и C4 смешите како бели, жолти и црвени гуми.
Во Q1 сите возачи се одлучија за брзи кругови на нов сет на црвените гуми, при тоа избегнувајќи ја потенцијалната гужва на патеката. Чaрлс Леклер веќе во првиот обид го забележа најдоброто време, Ферстапен се обиде да одговори, но му недостасуваше една и пол десетинка.
Незгодно излетување имаше Алекс Албон, но тоа го направи во момент кога не посмета на никого на патеката. Најголем губитник во овој дел од квалификациите беше Мик Шумахер, на кого му беше избришан брзиот круг за П6, поради минимално излегување од границите на патеката во третиот свиок.
Леклер го задржа најбрзото време, а пет возачи од пет различни тимови отпаднаа од понатамошната борба и тоа: Пјер Гасли, Ленс Строл, Џоу Гуанју, Мик Шумахер и Николас Латифи.
Во Q2 сесијата патеката се растовари, имаше помала гужва на асфалтот. Скоро сите се одлучија за сет на стари црвени гуми за првите брзи круга, освен Саинц Јр., кој се одлучи за нов сет, и извозе неверојатен круг за врвот на табелата, девет десетинки пред Ферстапен.
Саинц Јр. и Ферстапен не излегоа за втор обид, останатите возачи продолжија да се борат, но без промени на врвот на табелата. Даниел Рикиардо, Естебан Окон, Валтери Ботас, Себастијан Ветел и Алекс Албон не се пласираа во финалниот сегмен на квалификациите.
Во Q3 сесијата при неговиот прв брз круг, Чарлс Леклер го забележа најбрзото време, потпомогнато со заветрина на својот тимски колега. Макс Ферстапен имаше минилано заостанување од околу една десетинка.
Беше очигледно дека борбата за пол позицијата беше помеѓу Леклер и Ферстапен. Останатите можеа само да сонуваат за истата. Како и при првите брзи круга, Саинц Јр. излезе на жешкиот асфалт пред својот тимски колега за да обезбеди заветрина. Чарлс Леклер успеа да се подобри, исто така и Ферстапен, но остана втор.
Она што е забележливо е дека за овој викенд, Ред Бул и Ферари имаат поинаков пристап за што подобар резултат на утрешната трка. Во Ферари се потпираат на повеќе потисна сила, побар грип и тракција во свиоците, додека Ред Бул на максималната брзина на правците.
Дополнително, во битката за победа имаме два болида против еден, што секогаш овозможува подобар избор на добитна стратегија. Мерцедес АМГ стрпливо ќе чека да искористи и најмал кикс за да се вмеша во битката.
ПОЛ ПОЗИЦИЈА НА ЧАРЛС ЛЕКЛЕР, ОВОЗМОЖЕНА ОД КАРЛОС САИНЦ ЈР.
7/23/2022 05:57:00 PM
0
Share to other apps