Чарлс Леклер го имаше најбрзото време на петочните тренинг сесии, забележано на попладневниот тренинг за Големата Награда на Унгарија, во кој Мекларен беше најголемото изненадување со Ландо Норис на второто место и Даниел Рикиардо на петтото.
Карлос беше трет, пред Макс на четвртото место на табелата. Норис, Саинц Јр. и Ферстапен заостанаа нешто повеќе од две десетинки, додека Рикиардо на петтото околу четири десетинки.
Фернандо Алонсо заврши со шестото најбрзо време, пред Ветел, Расел, Перез и Ботас. Луис Хамилтон беше единаесетти, пред Џоу и Окон.
На вториот тренинг, жештините малку стивнаа, состојбата на асфалтот се подобри, тркачката линија беше многу повеќе "гумирана", поради одвивање на сесиите на споредните шампионати.
Утрото, тимовите работеа со новите делови, а попладнево ја завршија традиционалната програма за проценка на абење и деградација на гумите. Со оглед на големата веројатност за дожд во текот на целиот ден во сабота, програмата се покажа интензивна.
Почнувајќи со серија кругови на жолтите и бели гуми, возачите постепено се префрлија кон црвените, со акцент на подготовките за квалификациите. Стартната позиција овој викенд е многу важна. На кратки патеки, сообраќајот може да предизвика многу проблеми.
Мик Шумахер за малку ќе ја загубеше контролата над болидот, откако сакаше премногу да ги користи рабниците во шиканата од 6 и 7 свиок. Гасли, Саинц Јр., Хамилтон и Леклер имаа излетување надвор од патеката без поголеми последици по болидите.
Во 20-тата минута Албон застана во зона на излетување во првиот свиок, но, откако ја пронајде првата брзина можеше да продолжи со акција. Џорџ Расел, неколку пати, ги блокираше предните тркала во првиот свиок. Никако не можеше да ги најде оптималните поставки за ситемот за сопирање.
Ферари, слободно може да се каже дека доминираше на првите две трененинг сесии и го потврди својот статус на фаворит. Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. се во добра форма и се чини дека ги "контролираа" возачите на Ред Бул.
Сепак, како што најавуваат метеоролозите, утрешните сесии може да се одвиваат во многу различни услови. За недела шансите за дожд се намалуваат, но не очекува постудено време.
Пред почетокот на викендов од Маранело јасно кажаа дека на Хунгароринг одат не само на победа, туку на двојна победа, а овој петок ги потврдија овие најави на патека која треба да одговара на карактеристиките на Ф1-75.
Ако зборуваме за перформансите во еден круг, се чини дека црвениот болид е чекор понапред од останатите на оваа патека. Но, да видиме како се покажаа времињата на долгите стинтови.
Макс Ферстапен имаше просек на жолтите гуми од 1:24.566. Чарлс Леклер ја започна својата долга серија кругови малку подоцна и забележа просек од 1:24.201.
Од друга страна, Саинц Јр. својата симулација на тркачки стинт ја започна најдоцна од сите, и во серија од единаесет кругови на жолтите гуми, постави импресивен просек од 1:22.890 што зборува многу за болидот на Ферари.
Но, очигледно дека на тренинг сесиите не знаеме за поставките што ги користат тимовите со количината на гориво, мапирањето на ПЕ, итн...
Дополнително, со доаѓањето на дождот ќе биде многу тешко да се предвиди кој ќе доминира во понатамошниот тек од викендот, но по првите две тренинг сесии имаше доминација, очекувана, на Ферари.
Мекларен е тимот кој имаше изненадувачко добар настап на вториот тренинг на Хунгарорионг. Ландо Норис го имаше второто најбрзо време, Даниел Рикиардо петтото.
Но, времето на Норис ако ова беше квалификациска сесија ќе беше избришано, затоа што во два наврати имаше големо излегување надвор од границите на патеката.
Оваа сезона, стјуардите не толерираат нити милиметарско излегување надвор од белите линии кои ја означуваат границата на патеката.
Британскиот тим пристигна на последната трка за ГН на Франција со голем пакет на надградби на својот MCL36, но тој на патеката Пол Рикар не функционираше како што беше планирано, но во Унгарија тие го започнаа викендот високо на табелата со мало подобрување на дифузорот.
Веќе на првиот тренинг, Ландо Норис се најде на одличната четврта позиција на табелата, со време кое беше половина секунда побавно од најбрзото време на Ферари.
Попладневниот тренинг го заврши со уште подобар пласман, а Британецот заостана само две десетинки зад Чарлс Леклер, додека Рикиардо имаше Топ 5 пласман.
Со оглед на тоа што Мерцедес АМГ имаше проблеми да го пронајде вистинскиот баланс, на двете тренинг сесии, а исто така и Серџо Перез беше многу далеку од врвот, се чини дека Мекларен, особено Ландо Норис, имаат златна можност на оваа трка.
Дождот кој се очекува за утрешниот ден, уште повеќе ќе оди во корист на Ландо Норис кој блескаше во квалификациите во Имола и Силверстоун, кои што се одвиваа на влажен асфалт. Дождот ќе оди во корист на сите тимови, со исклучок на Ферари.
ФЕРАРИ НАЈБРЗ НА СУВ АСФАЛТ, СЛЕДУВА ДОЖДЛИВА САБОТА
7/29/2022 06:57:00 PM
0
Share to other apps