Во саботата, Карлос Саинц Јр. по првпат ја освои Пол позицијата, а денес ја забележа првата победа во Формула 1 кариерата.
Серџо Перез се искачи на второто скалило на подиумот, Луис Хамилтон ја заврши трката на третото место, забележувајќи го најбрзиот круг.Мик Шумахер ја заврши трката осми, забележувајќи ги своите први поени во кариерата.
Веќе следната недела борбата ќе продолжи во Шпилберг.
Карлос Саинц Јр. ја забележа својата прва победа во Формула 1 на Големата Награда на Велика Британија која беше како ролокостер. Шпанецот помина низ секакви околности, но во последните кругови ја искористи разликата во гумите за да се искачи на врвот на подиумот.
Серџо Перез и Луис Хамилтон го комплетираа подиумот во трка со проблеми за Макс Верстапен.
Трката започна со инцидент во кој учествуваа неколку возачи, по кој црвеното знаме беше неизбежно. Ова црвено знаме му донесе корист на Саинц Јр., бидејќи ја загуби првата позиција, која ја врати за вториот стоечки старт, бидејќи ниту еден сектор не беше завршен пред прекинот.
Трката имаше драматични моменти на сите страни. Најпрво, Макс Ферстапен изгледаше како фаворит за победа откако го престигна Карлос Саинц Јр., но набрзо имаше проблеми со подот на неговиот РБ18 и неговата трка беше уништена.
Подоцна, и Чарлс Леклер и Луис Хамилтон се чинеше дека имаат повеќе темпо од Карлос Саинц Јр., кој не можеше да побегне од двајцата возачи зад него. Сепак, безбедносниот автомобил му даде надеж на шпанецот, бидејќи тој успеа да добие црвени гуми и лесно го престигна Леклер.
Во последните кругови, Карлос го вадеше максимумот од Ферарито, и создаде релативно безбедна разлика од болидите зад него. А позади него, имавме можност да следиме спектакуларна битка за П2.
По жестоката битка помеѓу Перез, Леклер и Хамилтон, конечно Мексиканецот го зазеде второто место, со Британецот на третото и Моначанецот, кој беше единствен кој не доби црвени гуми, кој мораше да се задоволи со четвртото место.
Фернандо Алонсо беше најдобар од останатите на петтото место, веднаш зад Леклер и пред Ландо Норис. Понатаму, Макс Ферстапен можеше да се справи со проблемите со својот болид за да заврши на седмото место, откако ги спречи доцните напади од Мик Шумахер. Последните две места кои носат поени им припаднаа на Себастијан Ветел и Кавин Магнусен.
Холанѓанецот продолжува да води во генералниот пласман, но Перез, Леклер и Саинц Јр. надоместија од бодовната разлика. Чарлс Леклер повторно не можеше да се израдува на науспехот на лидерот.
Да ја разгледаме денешната трка во повеќе детали. Метеоролозите предвидуваа сончево време, а Пирели како најдобра стратегијата ја посочи со две застанувања за промена на пневматиците, но праксата е секогаш друга работа.
Стартот беше многу добар за Макс Ферстапен кој беше на црвени гуми, по што го искористи дополнителниот грип за да му го одземе првото место на Карлос Саинц Јр. во првите неколку метри.
Луис Хамилтон, од своја страна, се искачи на третото место, претекнувајќи ги Серџо Перез и Чарлс Леклер. Мексиканецот имаше лош старт, па беше претекнат и од страна на Фернандо Алонсо по што падна на шестото место. Ландо Норис беше седми, со Николас Латифи на осмото место.
Драмата се случуваше позади нив, кога неколку возачи учествуваа во страшен инцидент, по што тркачкиот директор веднаш ја прекина трката.
Џорџ Расел имаше контакт со Пјер Гасли на стартниот правец, а потоа удри Џоу Гуању, кој го извлече најдебелиот крај и заврши со превртената Алфа помеѓу заштитните бариери од гуми и заштитната мрежа.
Во инцидентот беа вклучени и Естебан Окон, Алекс Албон и Јуки Цунода. За среќа, сите беа добро.
Бидејќи црвеното знаме се појави веднаш по стартот и возачите не завршија ниту еден сектор, тркачкиот директор одлучи трката да биде рестартирана повторно од првобитните стартни позиции.
Па така, Саинц Јр. се врати на Пол позицијата, а по него беа Ферстапен, Леклер, Перез, Хамилтон, Норис, Алонсо, Латифи, Гасли и Ботас. Трката продолжи по речиси еден час прекин, во 16:56 часот по македонско време, а возачите на топ 7 поредокот сега ги избраа жолтите гуми.
За разлика од првиот старт, сега Карлос Саинц Јр. успеа да го задржи Макс Ферстапен зад себе. Чарлс Леклер им создаваше проблеми на двата болиди на Ред Бул, прво имаше контакт по нападот на Холанѓанецот, а потоа и кога се најде под атак на Чеко, кој заработи оштетено предно крило. Сепак сите ги задржаа своите позиции.
Поназад, Ландо Норис се искачи на петтото место, Луис Хамилтон падна на шестото, а Алонсо падна на осмото откако беше нападнат од Гасли кој беше на црвени гуми.
За само неколку круга, Карлос Саинц Јр. успеа да создаде разлика поголема од една секунда, па Макс Ферстапен не можеше да користи ДРС. Во меѓувреме, Перез имаше проблеми со оштетеното предно крило, па се реши да замине во бокс за да го смени, нешто што Луис Хамилтон го искористи за да го претекне Ландо Норис. Фернандо Алонсо исто така брзо го престигна Гасли за шестото место.
Од седмиот круг, Макс Ферстапен влезе во ДРС-зоната и започна да ја намалува разликата во однос на Карлос Саинц Јр.. На Чарлс Леклер му беше кажано преку радио врската дека има пет поени губење на потисната сила поради дуелот со возачите на Ред Бул во првиот круг. Во тие моменти, Луис Хамилтон се смести на четвртата позиција, а Фернандо Алонсо го започна "ловот" на Ландо Норис.
Нападите на Макс Ферстапен имаа за цел да го натераат Карлос Саинц Јр. да погреши, а тој тоа го направи во десеттиот круг. Возачот на Ферари излета од патеката, што значеше губење на позицијата во однос на Холанѓанецот, иако го задржа второто место.
Неколку моменти подоцна возачите на АлфаТаури имаа час по синхронизирано излетување, по меѓусебниот контакт во третиот свиок.
Во 12-от круг драматичен расплет на трката за Макс Ферстапен, кој мислеше дека има дупната гума, по што беше принуден да направи пит-стоп. Холанѓанецот на патеката излезе на шестото место, помеѓу Алонсо и Окон, со нов сет на жолти гуми. Сепак, проблемот не беше до гумите, затоа што неговиот болид повторно беше со проблеми.
Тоа го искористи Карлос Саинц Јр. кој се врати во водство на трката, со Чарлс Леклер зад себе и Луис Хамилтон кој веќе беше на третото место. Во тој момент, трката влезе во нова фаза, бидејќи Моначанецот се залепи зад болидот на својот тимски колега, но можеше да најде начин за претекнување.
Тимското радио беше вжештено до максимум, Чарлс велеше дека има побрзо темпо и сакаше да биде пропуштен. Се ова го користеше Луис Хамилтон кој се прибижуваше до двата болиди на Ферари.
По неколку круга, во Ферари донесоа одлука, доколку Карлос не може да го држи темпотото на Луис, да му ја препушти лидерската позиција на својот тимски колега, кој се чинеше дека има подобро темпо. Шпанецот не можеше да ги следи добиените инструкции, па Леклер премина на првото место.
Ферари реши да повлече нов стратегиски потег во 21-от круг, повикувајќи го Карлос Саинц Јр. во бокс по нов сет на бели гуми. Чарлс Леклер остана на патеката, но неговото темпо не беше подобро од она на Саинц, а Хамилтон се приближуваше и не му требаше многу да ја намали разликата на две секунди.
Чарлс Леклер, откако издржа уште неколку круга на патеката, влезе во бокс во 26-от круг, кога Луис Хамилтон веќе беше влезен во ДРС зоната. Седумкратниот шампион продолжи на патеката и продолжи со изненадувачко темпо, слично на она на Ферари со понови гуми.
Возачите на Ферари добија инструкции дека имаат слободни раце во меѓусебната борба, но подоцна увидоа дека тоа може да се одрази во борбата со Хамилтон и побараа од Саинц да го пушти Леклер да помине во 31-от круг.
Луис Хамилтон замина во бокс три круга подоцна, по нови бели гуми. Застанувањето не беше баш најсјајно, траеше 4.3 секунди, по што на патеката се врати на третото место со шест секунди заостанување зад Леклер и речиси пет секунди зад Саинц Јр., но ќе имаше подобри гуми за крајот од трката.
Трката се стабилизира, а Леклер лесно го одржуваше водството со три секунди пред тимскиот колега, додека Хамилтон имаше уште три секунди зад Шпанецот. Серџо Перез веќе беше на четвртото место, иако беше сигурно дека ќе мора повторно да застане за промена на гуми.
Естебан Окон, пак, го престигна Ферстапен кој се бореше да го задржи осмото место. Но, следува нов пресврт во трката. Французинот во тимот на Алпин се најде во проблеми, застанувајќи го својот болид на патеката. Веднаш беше објавен режим на ВБА, кој беше заменет со вистинскиот безбедносен автомобил.
Чарлс Леклер остана на патеката, но Карлос Саинц Јр., Луис Хамилтон и Серџо Перез добија нов сет на црвени гуми. Така не оекваше спринт трка од десет круга, а Леклер беше во гоема неволја.
На рестартирањето, Карлос Саинц Јр. за брзо време го претекна својот тимски колега, благодарение на многу побрзите гуми. Серџо Перез го престигна Луис Хамилтон на излезот од свиокот 4 за третото место.
Чарлс Леклер пружи достоен отпор во она што се претвори во епска битка на тројца возачи за второто место.
Во 45-от круг, Хамилтон ја искористи битката помеѓу Леклер и Перез за да ги претекне двајцата, но подоцна Мексиканецот одговори во третиот свиок и се искачи на второто место. Мексиканецот успеа да создаде минимална разлика со Хамилтон, кој успеа да го престигне Леклер во уште една убава битка со Моначанецот.
На крај, Карлос Саинц Јр. ја мина целта со повеќе од три секунди разлика во однос на Перез и ја забележа својата прва победа во Формула 1. Хамилтон беше трет, а Леклер ги издржа нападите на Фернандо Алонсо за да биде четврти.
Шпанецот беше најдобар од останатите, пред Ландо Норис и Макс Ферстапен кој ги одби нападите на Мик Шумахер за седмото место. Себастијан Ветел и Кевин Магнусен го комплетираа Топ 10 поредокот и освојувачи на поени.