Чарлс Леклер ја презеде целосната вина за незавршената трка за Големата Награда на Франција, велејќи дека дополнителните такви грешки би значеле дека тој не заслужува да ја освои шампионската титула во Формула 1.
По стартот на трката се се одвиваше во корист на Моначанецот, кој успеаваше да одолее на постојаниот притисок од Ферстапен, по што во Ред Бул беа приморани да повлечат стратегиски потег со порано менување на гумите.
Сепак, Леклер успешно се справуваше и одговори на овој потег со конкурентни времиња на жолтите гуми, но ја загуби контролата над своето Ферари во 11-от свиок. Тоа беше крај на неговата трка, и лесна победа за неговиот главен ривал во шампионатот.
Тимското радио по инцидентот навестуваше механички проблем, но Леклер по трката призна дека тоа е чисто негова грешка.
"Чувствувам дека настапувам на веројатно највисокото ниво во мојата возачка кариера, но нема смисла да настапувам на ова високо ниво ако правам вакви грешки. 32 поени се загубени по моја вина, 25 денес, бидејќи најверојатно ќе победевме на оваа трка."
Референцата на Леклер за 32 поени ја вклучува неговата грешка на Имола каде што исто така излета додека го бркаше второто место и трката ја заврши на шестото место, наместо третото, губејќи седум поени.
"Ако на крајот од годината ни недостигаат 32 поени, тогаш знам дека тоа е моја вина и дека не заслужив да го освојам шампионатот. За втората половина од сезоната, треба да го надминам ова ако сакам да бидам шампион. Мислам дека ќе се затворам домa, сакам само да останам дома."
По дванаесет изминати трки, Леклер е втор во генералниот пласман на возачи, но со заостанување од големи 63 поени зад Макс Ферстапен , кој денес ја забележа седмата победа сезонава.
ФИА направи грешка со рестартирањето на трката, односно со подготовката за завршување на режимот на виртуелниот безбедносен автомобил, што го чинеше Серџо Перез пласман на подиумот. Џорџ Расел му ја одзеде третата позиција веднаш штом се развеа зеленото знаме.
Раководството на трката ја објави традиционалната порака која укажува дека периодот на виртуелен безбедносен автомобил завршува, но тоа не беше случај. ФИА потврди дека била испратена втората порака за завршување на ВБА поради хардверски проблем.
Мексиканецот жали што ВБА се вмеша во резултатот од денешната трка.
"Добив порака дека режимот на ВБА ќе заврши во 9-от свиок, но кога бев подготвен да притиснам на гаста, добив нова порака дека ВБА нема да заврши до 12-от свиок. Бев премногу блиску до него."
"Се чини дека Џорџ имаше други или повеќе информации и можеше подобро да се подготви за рестартот и се најде на последното скалило на подиумот."
Потоа, Перез се обиде, но не можеше да стори ништо за да го врати третото место. Сепак, и покрај овој непредвиден настан, вистината е дека Чеко не беше на потребното ниво на денешната трка.
Неговото темпо за време на целиот викенд не беше добро, а тој исто така призна дека не се чувствувал удобно со својот болид.
ЛЕКЛЕР САМОКРИТИЧЕН, ПЕРЕЗ ЖРТВА НА ВБА
7/24/2022 09:52:00 PM
0
Share to other apps