Макс Ферстапен забележа многу важна победа на трката за Големата Награда на Франција, настан кој најверојатно за последен пат се возеше на патеката Пол Рикар.
Релативно лесно по излетувањето на Чарлс Леклер во 11-от свиок, холандскиот возач имаше чист пат кон својата дваесет и седма победа во Формула 1.
Карлос Саинц Јр. имаше одличен кам-бек од последниот стартен ред до петтото место, пред својот сонародник од тимот на Алпин, Фернандо Алонсо, кој го обезбеди шестото место.
Чарлс Леклер се чинеше дека има ритам и темпо да дојде до нова победа, но, стратегијата на Ред Бул и евентуалниот "undercut" од страна на Ферстапен го ставија Моначанецот во неволја, и кога беше најпотребно да се фокусира на правење што побрзи кругови, тој направи катастрофална грешка и заврши во бариерите покрај патеката. Излетувањето е сериозен удар за неговите шампионски аспирации.
Оттогаш, Макс Ферстапен можеше полесно да ја менаџира трката и лесно да стигне до победата. Луис Хамилтон со многу добро темпо беше втор, додека Џорџ Расел, по убавата битка со Серџо Перез на крајот од трката, обезбеди двоен подиум за Мерцедес АМГ.
Карлос Саинц Јр. беше во таа борба, ги претекна двајцата возачи, но носеше казна од пет секунди за небезбедно пуштање од бокс, па Ферари претпочиташе да имаат втор пит-стоп. Во секој случај, кам-бекот на Шпанецот од претпоследната позиција на стартот до петтото место е одличен резултат.
Понатаму, Фернандо Алонсо беше најдобар од останатите на шестото место, што беше овозможено благодарение на спектакуларниот старт и одличното тркачко темпо. Ландо Норис беше седми, пред Естебан Окон, Даниел Рикиардо и Ленс Строл кој се бореше за последниот поен со Себастијан Ветел до последниот свиок.
Веќе следниот викенд на програмата следува трката за Големата Награда на Унгарија, последната трка пред летната пауза.
Викендот во Франција беше проследен со невиден топлотен бран, а најжешко беше на самиот ден на трката. Гумите повторно беа клучен фактор, од Пирели потврдија дека само еднаш работеле на уште пожежок асфалт, и тоа во Малезија 2016 година.
Гумите беше тешко да се доведат во оптимален режим на работа и уште потешко да се задржи во тие граници. Гумите се прегреваа, започнуваа да гранулираат, а со тоа ја губеа нивната ефикасност.
Ред Бул ги подеси болидите за помала потисна сила, па гумите се загреваат подолго, но помалку се трошеа. Ферари се реши за поголема потисна сила и на петочните трнинг сесии го имаше најдоброто време.
Во саботата наутро, Ферстапен беше побрз, но Леклер беше победник на квалификациите, со помош на заветрината од Карлос Саинц Јр.. Шпанецот ги жртвуваше своите брзи круга во Q3, откако се знаеше дека ќе стартува од последниот ред.
Пирели на оваа трка ги донесе смешите C2, C3 и C4, кои беа користени како бели, жолти и црвени гуми. Во трката, Ботас, Гасли и Саинц Јр. стартуваа на белите, останатите ги избраа жолтите гуми.
На стартот, Леклер го задржа водството по првиот свиок, а Хамилтон го престигна Перез за третото место. Цунода по контактот со Окон се изврте на шиканата на осмиот свиок, но успеа да ја продолжи трката. Французинот доби казна од пет секунди за предизвикување судир.
Надолу во поредокот, Ленс Строл и Кевин Магнусен имаа одлични стартови, па освоија пет позиции, т.е. седум. Макс Ферстапен и Леклер ги разменуваа најбрзите круга, а холанѓанецот на моменти заостануваше околу пет десетинки, но разликата во брзината не беше доволна за напад.
Во 5-от круг Џорџ Расел го претекна Алонсо за петтото место. Веднаш зад нив, Серџо Перез кој го изгуби третото место, не можеше да го врати од Хамилтон. Мексиканецот заостануваше зад Мерцедесот, додека Ферстапен го притискаше Леклер во надеж дека ќе успее да го натера Моначанецот на грешка.
Сепак тоа не се случи, а во тој процес најмногу страдаа гумите на РБ18, па Макс мораше малку да се оддалечи од жешкиот воздух зад болидот на Ферари.
Веќе во 9-от круг Кевин Магнусен смени гуми, а во следниот круг и Мик Шумахер. Нивниот тимски шеф ова го правдаше со добивање на чиста патека пред себе, како би се искористиле нивните перформанси.
Карлос Саинц Јр. потпомогнат со раните влегувања во бокс, во 14-от круг се најде на 10-тото место.
Кога напад на патеката не вроди со плод, стратегистите на Ред Бул се одлучија за стратегиски напад, па во 16-от круг, Макс Ферстапен беше повикан во бокс за замена на жолтите со бели пневматици. На патеката се врати на седмото место.
На потег беше Ферари. Чарлс Леклер беше задоволен од однесувањето на гумите и реши да остане на патеката, возејќи доста брзи кругови. Но, следува негова катастрофална грешка, во 11-от свиок го изгуби задниот дел на Ферарито, и трката наместо на победничкиот подиум ја заврши во бариерите покрај патеката.
Веќе во текот на трката изјави дека тоа било негова грешка. На патеката излезе безбедносниот автомобил, а возачите кои ги немаа променето гумите се упатија кон своите механичари по нови гуми. Топ 10 поредокот беше: Ферстапен, Хамилтон, Перез, Расел, Алонсо, Норис, Рикиардо, Саинц Јр., Окон, Строл.
По пит-стопот на Саинц Јр., Ферари небезбедно го пушти од боксот веднаш пред болидот на Албон кој мораше да кочи силно, да не дојде до судир. Тоа го чинеше Карлос казна од пет секунди.
Трката беше рестартирана во 21-от круг, кога Ферстапен го задржа водството. Саинц Јр. ги престигна Рикиардо и Норис и се искачи на седмото место, а веќе во следниот и Фернандо Алонсо за шестото место.
Подолу во поредокот имавме битка на Џоу и Шумахер, по што Германецот се изврте, но ја продолжи трката, а Гуанју мораше во бокс по ново предно крило и гуми, а потоа доби казна од пет секунди.
Најинтересно на патеката беше напредувањето на Карлос Саинц Јр., кој во 30-от круг го престигна Расел за четврто место. Во 41-от круг, Саинц го престигна Перез во борбата за третото место и во следниот круг се упати кон боксевите за промена на гумите и отслужање на казната од 5 секунди.
Многумина мислат дека ова беше голема грешка на Ферари, но Матија Биното по трката изјави дека жолтите гуми на Карлос биле на крај на нивниот работен век и дека ако останеле до кај на патека немало да го одбранат местото на подиумот, а во најлош случај би имале и втор болид во аут.
Шпанецот се врати на патеката на деветтото место и до крајот на трката ги престигна Окон, Рикиардо, Норис и Алонсо за петтото место. Во 48 -от круг имавме период на ВБВ, поради тоа што Џоу го запре болидот на Алфа Ромео покрај патеката.
Трката беше рестартирана со два круга до крај, кога Расел успеа да го "прелаже" Перез во борбата за третото место. Тие продолжија да се борат до финишот, но позициите останаа исти.
ЛЕКЛЕР МУ ПОКЛОНИ ЛЕСНА ПОБЕДА НА МАКС ФЕРСТАПЕН
7/24/2022 06:03:00 PM
0
Share to other apps