Макс Ферстапен го забележа најбрзото време на квалификациите во Шпилберг, забележувајќи ја третата Пол позиција во сезоната и 16-та во кариерата.
Сепак таа нема да му ја донесе првата стартна позиција на неделната трка, што е некако нелогично, па така Ферстапен и Леклер на саботниот спринт ќе стартуваат од првиот ред, Саинц Јр. и Перез од вториот, Расел и Окон од третиот.
Значи кога имаме ваков формат на тркачкиот викенд, квалификациите го одредуваат стартниот редослед за саботниот спринт, втор во сезоната по Имола. Овој експериментален формат ќе се користи почесто следната сезона.
Утринскиот тренинг два пати беше прекинат, никој не успеа да работи со гумите во подолги стинтови, а Макс Ферстапен го имаше најбрзото време на црвените гуми. Ландо Норис имаше проблеми со новата погонска единина на Мерцедес, па за квалификациите ја доби старата во неговиот болид.
Тркачкиот директор најави дека стјуардите на Ред Бул ринг ќе бидат построги во поглед на почитување на границите на патеката т.е. дека секое излегување надвор од белата линија ќе биде казнето со бришење на поставеното време, а ако тоа се случи во 10-от свиок, ќе биде избришано и времето во следниот круг.
Веќе денес, трибините беа преполни со фанови и исполнети со портокалов чад. Овој викенд на трибините ќе има многу Холанѓани.
Во Q1 сесијата половина од возачите веднаш излегоа на патеката, а останатата половина се реши да излезе малку подоцна. Сите користеа црвени гуми, возејќи два или три брзи круга во еден стинт.
На Саинц Јр., Латифи, Строл, Ферстапен, Албон, Ветел и Расел им беа избришани времиња поради непочитување на границите на патеката. Леклер, Саинц Јр. и Ферстапен ги зазедоа првите три места и се откажаа од вториот обид, останатите мораше повторнода излезат на патеката, но првите тројца останаа исти.
Трет викенд по ред од понатамошната борба отпаднаа двајцата возачи на Астон Мартин, како и Рикиардо, Гуанју и Латифи.
Во Q2 сесијата, стратегијата за забележување на најбрзиот круг остана иста, стинт од неколку круга на еден сет на црвените гуми на Пирели. Ландо Норис го блокираше предното тркало во четвртиот свиок, имаше мал пат низ чакалот покрај патеката, па мораше во својата гаража.
Стјуардите беа ригорозни за лимитите на патеката, па имавме многу избришани времиња, меѓу кои на Јуки Цунода, Серџо Перез, Ландо Норис, Луис Хамилтон.
При првите брзи круга, Луис Хамилтон го имаше најбрзото време, но при втората серија на брзи круга беше победен од Чарлс Леклер и Макс Ферстапен.
Во финалниот сегмент се пласираа пет тима со двајцата возачи, Ферари, Ред Бул, Мерцедес АМГ, Хас и Алпин, а од понатамошната борба отпаднаа Пјер Гасли, Алекс Албон, Валтери Ботас, Јуки Цунода и Ландо Норис.
Во Q3 сесијата се засили ветрот што ја искомплицира задачата за поставување брз круг. Во првите минути Луис Хамилтон излета и заврши во заштитните бариери покрај седмиот свиок. Беа развиорени црвените знамиња.
Луис не беше повреден, но Г-сензорот во неговиот болид покажа прекумерно оптоварување, па тој беше пренесен во медицински центар на превентивен преглед, но набрзо беше пуштен да се врати во својата гаража.
Сесијата продолжи десет минути подоцна, а прв на патеката излезе Мик Шумахер, но неговото време беше избришано поради излегување надвор од патеката.
Возачите полека излегуваа на патеката, кога и вториот возач на Мерцедес АМГ, Џорџ Расел, изгуби контрола врз болидот во последниот свиок, исто така, завршувајќи во заштитните бариери.
Повторно се појавија црвените знамиња. Напуштајќи го оштетениот болид, Џорџ влезе на патеката без да добие дозвола за тоа, па стјуардите ја разгледуваат неговата постапка.
Двата возачи на Мерцедес АМГ иако завршија во заштитните бариери во Q3, нивната конкурентност беше на завидно ниво, па нивните фанови може да се надеваат на добри резултати и атак на Победа во неделната трка, можеби и утрешниот Спринт.
Паузата повторно траеше десет минути. На излезот од пит-линијата, зеленото светло се запали кога останаа две и пол минути до крајот на квалификациите. Во последниот обид Леклер поведе, но Ферстапен беше побрз за 0.029 делови од секундата, а најбрзите тројца возачи беа распоредени во интервал од само една десетинка.
ИЗРЕЧЕНИ КАЗНИ ПО КВАЛИФИКАЦИИТЕ:
- Серџо Перез казнет со бришење на времето од последниот брз круг во Q2 сесијата, а како последица на тоа и сите времиња поставени во Q3. Со ова Мексиканецот ќе стартува од П13 на утрешниот СПРИНТ.
- Џорџ Расел доби предупредување за влегување на патеката без дозвола.
На крајот од Q2 сесијата настана необична ситуација кога Серџо Перез излезе надвор од патеката во осмиот свиок, но неговиот круг не беше избришан навреме, па Мексиканецот се пласираше во финалниот сегмент.
Стјуардите тврдат дека едноставно немале време да го разгледаат овој инцидент, бидејќи имало многу други.
По квалификациите, возачот и претставникот на тимот беа повикани кај стјуардите.
Тимот изјави дека излегувањето надвор од патеката во тој момент не му донесе никаква предност на Серџо и обезбеди докази за поддршка на ова тврдење. Но, стјуардите одлучија дека не станува збор за "добивање предност", туку за "излегување надвор од патеката без валиднa причина".
Тимот изјави дека ризикувал и потрошил ресурси за да се натпреварува во Q3 сесијата од квалификациите. Стјуардите го прифатија овој став, но напоменаа дека разгледувањето на спорни ситуации по квалификациите не е нова работа.
Вообичаено, излегувањето надвор од патеката се казнува со бришење на поставеното времето на соодветниот круг. Стјуардите и овојпат ја донесоа истата одлука. Но, земајќи го предвид фактот дека доколку овој круг беше избришан навреме, возачот немаше да се квалификува за финалниот сегмент, па стјуардите одлучија дека сите забележани времиња на возачот во Q3 сесијата треба да бидат избришани.
МАКС ФОКУСИРАН, ДВОЕН СУДИР ЗА ВОЗАЧИТЕ НА МЕРЦЕДЕС АМГ
7/08/2022 06:53:00 PM
0
Share to other apps