Вторник е клучен ден за иднината на Формула 1. Овој 16 август Светскиот совет за моторни спортови мора да гласа за техничките прописи за погонските единици кои ќе се користат од 2026 година.
Регулатива од која зависи влезот на Ауди и Порше во Ф1. Гласањето претставува обична формалност, но тоа е официјалното одобрување на договорот за кој сите страни постигнаа согласност.
Но, со ова се означува официјалниот старт на 2026 сезоната. Од малкуте информации достапни на пошироката јавност знаеме за некои основни, клучни аспекти на новите 2026 Ф1 ПЕ, но, многу детали се непознати, а со нив и импликациите и патот на решенијата.
МОТОР: Во основа останува истиот како што е сега, 1.6-литарски V6 со турбополнач, но потребно е да се знае дали има нови ограничувања или повеќе слободи во однос на протокот на гориво, максимална потрошувачка по трка, турбо, ограничување на вртежи во минута, притисок во коморите, тежината.
Годинава со само 10% био-гориво, коморите за согорување на многу мотори мораа да се изменат и да се репрограмираат контролните параметри, па јасно е дека ќе биде потребно целосно редизајнирање на коморите за согорување, најверојатно и други делови на моторот.
ГОРИВО: Познато е дека ќе биде "јаглеродно неутрално", дел био - употреба на алкохол како што е етанол и дел синтетичко, рециклирано. На нафтените компаниии ќе им биде оставена поголема креативна слобода: густина на горивото, отпорност на детонација, брзина на согорување, итн...
MGU-H: Генераторот на енергија, поврзан со турбото, се елиминира. Неговото правилно функционирање беше комплицирано и тој претставуваше еден од најскапите и најтешките елементи за дизајнирање и управување, но клучен за генерирање на електричната енергија, а исто така и за постигнување брза реакција од турбото при забрзување.
MGU-K, (KERS): Генераторот на енергија од сопирачките ќе понуди значително поголема моќност од сегашната, речиси тројно. Ќе се оди од 120 kW на 350 kW, што значи дека овој систем ќе има капитална улога во реалните придобивки.
МОЌНОСТ: Останува блиску до 1.000 КС, но придонесот на секој елемент варира. Ќе има многу поголем електричен придонес, а помалку од моторите. Се проценува дека КЕРС-системот ќе понуди околу 50% од моќноста на погонските единици кои ќе ги придвижуваат 2026 болидите. Ако е тоа така, тогаш зборуваме за мотор кој ќе нуди помеѓу 480 и 510 КС, од вкупно 950 до 1000 КС.
Сегашните мотори нудат речиси 750 КС. Значи идните мотори ќе изгубат нешто повеќе од 200 КС. Најверојатно голем дел од таа загуба ќе биде од еколошките горива што ќе треба да се користат, но јасно е дека нема да треба да бидат толку софистицирани како што се сега.
Во моментов, моторите не го согоруваат целосно горивото, туку согорувањето продолжува да се одвива, делумно, и низ турбото и на тој начин да има повеќе енергија во него.
АКУМУЛАТОРИ: Дали ќе бидат без ограничувања или со ограничувања? Дали ќе имаат ограничена тежина? Дали максималниот капацитет ќе биде ограничен или неограничен? Дали обновувањето на енергијата ќе биде неограничено? Наскоро ќе дознаеме!
БУЏЕТСКИ ОГРАНИЧУВАЊА: Ограничувањето на трошоците за истражување и развој на моторите, неговото стапување во сила, ограничувањето на часовите за тестирање, се тоа се клучни детали. Како и можните "поволности" за новите производители за да можат да компензираат за недостатокот на искуство во Формула 1. Ова е аспект во кој, очигледно, има големи несогласувања.
КОЛАТЕРАЛНИ ЕФЕКТИ: Сопирачки, Кумплуг, гуми ќе мора да се прилагодат на ситуацијата. Кумплугот, на пример, нема да го има истото оптоварување ако електричната енергија преминува на менувачот пред или по овој елемент.
Сопирачките, особено задните, мора да бидат во согласност со зголемените потреби за обновувањето на нивната кинетичка енергијата. Пирели гумите ќе треба да издржат поголем вртежен момент и уште поголемо забрзување.
Како што може да се види, има многу импликации на повеќе полиња на развој. Многу од нив имаат потреба од прецизно дефинирање за дизајнерите да можат да проучат каде да дејствуваат, што да прават.
Се чини дека поголемо внимание ќе треба да се посвети на системот за обновување на кинетичката енергија, отколку на моторот како дел од модерната Ф1 ПЕ. Нема да биде се така лесно.
Јавна тајна е дека Порше дефинитивно се приклучува на Ф1 од 2026 година, Ауди има малку повеќе работа пред себе. Но, дали има место за сомнеж дека оваа моќна мотоспорт групација може да има привилегирани информации за новите 2026 ПЕ, како што се шпекулираше за влезот на Мерцедес како фабрички тим?!?
Се води кон намалување на моќноста на моторите со внатрешно согорување, во корист на електричната енергија. Формула Е веќе постои. Се постава прашањето дали Формула 1 станува премногу комплицирана и ја напушта својата суштина?
2026 ПЕ: ШТО ЗНАЕМЕ ЗА НИВ ПРЕД НИВНОТО КОНЕЧНО ОДОБРУВАЊЕ
8/14/2022 12:43:00 PM
0
Share to other apps