По крајот на летната пауза, ја започнуваме низата од три последователни тркачки викенди, од кои првиот е со трката за Големата Награда на Белгија, која се вози на патеката СПА-Франкоршамп.
Тоа е една од неколкуте патеки кои ја задржаа магијата на нивниот оригинален изглед и преку новиот, модернизиран и скратен распоред, благодарение на своите легендарни делови како Eau Rouge, Pouhon и Blanchimont.
Познатата вила во Eau Rouge, со прекрасен поглед на тркачката патека, мораше да се сруши, се наоѓаше на локација што беше одлучено да се ослободи за да се прошири безбедносната зона.
Во последните години тука имаше неколку сериозни инциденти, еден од нив беше смртта на Антоан Хуберт во 2019 година. Но, сега наместо викендичка, на сите им е достапна прекрасна глетка од новата трибина, изградена над широката безбедносна зона.
Исто така, по барање на МотоГП шампионатот, проширени се безбедносните зони во уште неколку свиоци, како и нивна замена на асфалтот со чакал.
Искачувањето преку Eau Rouge до облаците надвиснати над дрвјата од шумите на Ардените е една од повеќето незаборавни глетки во овој мотоспорт. СПА-Франкоршамп се карактеризира со долг круг од седум километри, кои се поминуваат со голема брзина, големи промени на елевацијата, брзи свиоци и променливи временски услови.
Белгиското Гран При е трка каде што може да се случат многу неочекувани пресврти, со висока шанса за безбедносното возило, до неочекувана промена на времето, па стратегија на тимовите е многу значајна, т.е. нивната способност да ги прочитаат овие услови и да реагираат најбрзо што можат.
СПА-Франкоршамп, го претставува најтешкиот тест за Погонските единици во сезоната. Времето поминато под полн гас е на нивото на Монца, но свиоците и промената во елевацијата ја зголемуваат нивната оптовареност.
Статистички гледано, Пол позицијата не е многу значајна на оваа патека, бидејќи таа е една од најлесните во календарот кога претекнување е во прашање, а тоа, исто така, е важен фактор при избор на тркачката стратегија.
Eau Rouge и Raidillon се едни од најпознатите свиоци во Формула 1, но предизвикот за нивно минување се менуваше со годините. Со сегашната генерација на болиди, тие практично се поминуваат без пуштање на педалот за гас, што значи дека реално имаме дво-километарски правец до Les Combes свиокот. Сепак, и тоа не е лесна задача, кога имаме исклучително големо оптоварување за амортизацијата на болидите.
Првиот и третиот сектор на СПА побаруваат голема моќност од ПЕ и мал отпор на болидите. Спротивно на тоа, вториот сектор е бавен, со голема побарувачка за потисна сила, и всушност може да се спореди со Монако во некои аспекти. Ова создава голема главоболка за инженерите и нивниот компромис при подесувањето на болидите.
Трката за Големата Награда на Белгија се состои од 44 круга и секогаш е комплицирана за предвидување на стратегијата, поради најдолгиот и најпроменливиот круг во сезоната, со непредвидливи временски услови и голема веројатност за излегување на безбедносниот автомобил.
Од Пирели предвидуваат стратегија со едно или со две застанувања во бокс, иако постојат различни пермутации на едно застанување, заедно со поагресивна стратегија со две застанувања.
Досега временските услови беа променливи, но за денешната трка би требало да имаме малку потопло време, а тактичката слика е посложена поради фактот што голем број брзи болиди поради казни ќе стартуваат од задниот дел на гридот.
Старт на трката на жолтите гуми е најфлексибилниот пристап, кој дава можност да се префрлите или на бели или на црвени гуми како дел од трка со еден пит-стоп, а со тоа се остава можност за премин кон стратегија со два пит-стопа.
Старт на црвените гуми не се исклучува како опција, но бара или рано запирање за промена кон белите гуми или внимателното менаџирање за да се префрлите на жолтите гуми.
Поинаков и поагресивен пристап би можело да биде користење на црвените гуми како дел од трка со две застанувања во бокс, можеби со два стинта на жолтите гуми.
Ова може да ја загрози позицијата на патеката, но може да биде добра опција за брз болид ако има излегување на безбедносниот автомобил, или деградацијата на најмеката смеша е доста висока.
Тоа во голема мера ќе зависи од временските услови, но трката најверојатно ќе се вози во услови какви што досега ниту еден од тимовите ги нема искусено во досегашниот тек од викендот.
Возачот на Ред Бул, Макс Ферстапен, беше најбрз на квалификациите за Големата Награда на Белгија, но тој е еден од многуте возачи кои имаат казни за трката, па Карлос Саинц Јр. од Ферари, втор најбрз, ќе стартува од Пол позицијата. Сите возачи ги користеа црвените гуми за да ги забележат своите најбрзи времиња.
Една од ѕвездите на ивчерашните квалификации беше на возачот на Вилијамс, Алекс Албон, кој ќе стартува од П6 на гридот.
Наградата на Пирели за Пол Позиција беше доделена од белгиската тркачка легенда Џеки Ајкс, шесткратен победник на Ле Ман, кој исто така има забележано 8 Победи во Формула 1 и двапати заврши како вицешампион во шампионатот на возачи во 1969 и 1970 година. Исто така, триумфираше на Дакар релито во 1983 година.
Трката започнува во 15:00 часот, кога температурата на воздухот ќе достигне до 20 степени со сончево небо и со слаб североисточен ветер. Во текот на трката не се очекуваат врнежи.
На сите им се допаѓа патеката во СПА-Франкоршамп, но таа има реални шанси да го напушти календарот на Формула 1. Проблемите со договорот се чисто финансиски, иако трката е посетена од околу 250 илјади гледачи за време на викендот, за жал, средствата од продажбата на билети не се доволни за плаќање на ФОМ.
Доколку не се најдат дополнителни извори на финансирање, Белгиското Гран При во СПА ќе се одржува на секои неколку години, наизменично со некои други европски патеки кои имаат слични проблеми како Германија, Франција или Имола.
НАЈНОВА ВЕСТ: Непосредно пред почетокот на Големата Награда на Белгија, раководството на Формула 1 соопшти дека СПА-Франкоршамп останува во календарот и следната 2023 година. Дополнителни детали за целосниот 2023 календар, кои беа најавени за вчера, ќе бидат објавени наскоро.
Иако не се очекуваат големи интриги во борбата за титулата, во летната пауза се случија неочекувани промени во составите на тимовите.
Во четвртокот во Унгарија, Алонсо изјави дека прашањето за обновување на договорот со Алпин ќе трае не повеќе од десет минути, дека е посветен на тимот и останува.
Во петокот тимот му го честиташе роденденот, а во саботата Отмар Шафнауер понуди продолжување на договорот за 2023 година со опција за продолжување доколку следната година најстариот возач во шампионатот биде во добра форма како што е сега.
Но, Фернандо сакаше подолг договор, па страните не потпишаа ништо, согласни да ги продолжат преговорите за време на празниците.
Во неделата, Алонсо беше виден во мотодомот на Астон Мартин, а во понеделникот наутро тимот излезе со соопштение дека потпишале повеќегодишен договор со Шпанецот, кој ќе го замени Ветел од следната година.
Сафнауер неочекувано ја загуби својата главна ѕвезда и призна дека ова ги изненадило сите во тимот. Алпин веднаш го промовираше Оскар Пјастри како замена за Алонсо, но Австралиецот не одговараше на нивните повици.
Неколку часа подоцна на социјалните мрежи напиша дека тој нема да вози за својот сегашен тим. Според гласините, тој ќе го замени Рикиардо во Мекларен. Расплетот на оваа сага се очекува следнава недела кога ќе заседава комисијата за верифицирање на договори на возачи.