Макс Ферстапен направи спектакуларен кам-бек на легендарната патека СПА-Франкоршамп за да извојува уште една победа за 2022 Големата Награда на Белгија. Ова е 29-та Победа на Холанѓанецот во Формула 1, а покрај тоа, Серџо Перез се погрижи за обезбедување на двојната победа за Ред Бул, како потврда за неверојатната доминација.
Актуелниот шампион стартуваше од четиринаесеттата позиција, но не му требаше многу да се ослободи од неколку возачи и веќе беше деветти по првиот круг.
Но, тој не сакаше да се задоволи со тоа и, благодарение на неговото темпо, кое денес беше во различна лига во споредба со останатите, му беа потребни само девет круга за да ги стигне Серџо Перез и Карлос Саинц Јр..
Со спектакуларни перформанси, летечкиот холанѓанец набрзо се искачи на првото место и набрзо им стави до знаење на останатите дека нема намера да го препушти на никого.
На крајот, Макс забележа нова победа и уште еднаш ја зголеми својата предност во шампионатот, додека Серџо Перез уште повеќе да ја доближи конструкторската титула.
Од друга страна, Карлос Саинц Јр. со голем напор успеа да го задржи Џорџ Расел зад себе за пласман на последното скалило на подиумот. Денешната трка, јасно стави до знаење дека Ферари е поблиску до Мерцедес АМГ, отколку до Ред Бул на овој тип на патека.
Фернандо Алонсо, по судирот со Луис Хамилтон во првиот круг, беше шести, но тотално непотребната казна од +5 секунди на Чарлс Леклер значеше дека тој ќе се најде пред Моначанецот во финалниот поредок.
Естебан Окон и Себастијан Ветел прикажаа одлично темпо со болидите на Алпин и Астон Мартин, додека Пјер Гасли и Алекс Албон го комплетираа Топ 10 пласманот.
Веќе следната недела не очекува трката за Големата награда на Холандија во Зандворт.
На стартот Саинц Јр. го задржа водството, додека Серџо Перез беше претекнат од Алонсо и двата болида на МерцедесАМГ. Луис Хамилтон го напаѓаше Алонсо, додека Перез успеа да врати една позиција со претекнување на Џорџ Расел.
Хамилтон во обид да го претекне Алонсо од надворешна страна на свикот, нешто што речиси и му успеа, но кога требаше да стави завршница на претекнувањето, заврти кон болидот на Алпин, по што дојде до контакт со тркалата, по кој болидот на Луис отскокна високо.
Двајцата продолжија, но Мерцедесот беше оштетен, па неговиот инженерот побара од Британецот да застане на патеката. Стјуардите го оставија инцидентот без последици, но Хамилтон ја призна грешката.
Подолу во поредокот Ветел не остави простор за тимскиот колега, Ленс Строл кој мораше да излезе надвор од патеката и ја загуби позицијата. На влегувањето назад на патеката му попречи на Вилијамсот на Латифи, кој пак го натера Ботас да заврши во чакалот покрај шестиот свиок.
Поради два неподвижни болиди, на патеката влезе безбедносниот автомобил. Употребена заштитна лента од визир на кацига, влезе во системот за ладење на предните сопирачки на болидот на Чарлс Леклер.
Неговите сопирачки прегреваа, па тој беше повикан во бокс, каде беа исчистени сопирачките и беа променети црвените со жолти гуми, по што Моначанецот падна на 17-то место.
Трката беше рестартирана на почетокот од 5-от круг. Саинц Јр. го задржа водството. Алонсо го претекна Расел, но британецот ја врати позицијата. Ферстапен леташе на патеката и во 9-от круг веќе беше на третото место и трпеливо реши да почека на првиот потег на водечкиот Ферари.
Карлос Саинц Јр. многу рано,веќе во 12-от круг беше повикан во бокс за замена на црвените со жолти гуми. Ферари имаше голема деградација по што се знаеше дека ќе биде тешко да се борат за Победа, но никој не очекуваше дека и пламанот на подиумот не им е загарантиран.
Во истиот круг кога Ферари повлече стратегиски потег, Макс Ферстапен го претекна тимскиот колега за водство во трката, кое безбедно го задржа до крајот. Многу рано трката беше решена, никој немаше шанса да парира на возачите на Ред Бул.
Макс Ферстапен накратко го препушти првото место кога во 17-от круг влезе во бокс за промена на гуми, враќајќи се на патеката пет секунди зад Саинц Јр.. Разликата беше анулирана во само два круга, по што холанѓанецот го врати водството на трката.
Во меѓувреме жолтите гуми на болидот на Леклер започнаа да откажуваат, па тоа го искористи Џорџ Расел кој лено го претекна Ферарито за четврто место. Имавме голем број различни стратегии на тимовите, гледавме претекнувања во долниот дел од поредокот, но на врвот немаше поголеми возбудувања.
За малку драма се погрижија од тимот на Ферари кои се решија да одат на поенот за најбрзиот круг. Два круга пред крај на трката Чарлс Леклер доби црвени гуми, но пит-стопот траеше половина секунда предолго, па Моначанецот на излегувањето беше претекнат од Фернандо Алонсо.
Леклер беше принуден наместо да атакува за најбрзиот круг, да го напаѓа Шпанецот во Алпин, успеа да ја врати позицијата, но при застанувањето во бокс, тој ја надминал дозволената брзина во пит-линијата. Тоа го чинеше казна од пет секунди од стјуардите и повторно го загуби 5-тото место од Алонсо.
ЛЕТЕЧКИОТ ХОЛАНЃАНЕЦ БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА НА СПА-ФРАНКОРШАМП
8/28/2022 05:57:00 PM
0
Share to other apps