Мерцедес АМГ го приреди најголемото изненадување на првиот тренинг за Големата Награда на Холандија забележувајќи 1-2 пласман. Џорџ Расел беше најбрзиот возач, неговиот тимски колега, Луис Хамилтон, го имаше второто најбрзо време, проследен од Карлос Саинц Јр на трето место. Макс Ферстапен имаше проблем со менувачот во почетните минути од сесијата и успеа да извози само шест круга.
Првите излегувања на возачите беа на белите гуми, освен Алонсо кој се реши за жолтите. Сепак возачите немаа многу време да ги испробаат овие сетови на гуми, бидејќи најпрво Шумахер и Магнусен наизменично ја скратија патеката поминувајќи преку чакалот покрај 10-от свиок, но без поголеми последици по болидите на Хас.
Во десеттата минута се појавија црвени знамиња, Ферстапен застана на излезот од третиот свиок поради проблеми со менувачот. Неговиот Ред Бул мораше да биде отстранет, а со тоа сесијата на Холанѓанецот беше завршена.
Кога сесијаа беше продолжена, речиси сите возачи на патеката се вратија на црвените гуми, оценувајќи ја нивната деградација. Жолтите гуми речиси и да не се користеа.
Од Рикардо беше побарано да го зголеми темпото, што предизвика негово излетување во десеттиот свиок, уништувајќи сет гуми. Перез излета во деветтиот свиок, допирајќи ги заштитните бариери со тркалата, но тој продолжи да се движи.
Вториот тренинг е закажан за 16:00 часот, кога очекуваме порелевантни времиња и поредок.
Во пресрет на годинешната трка за Големата Награда на Холандија, организаторите направија мала измена на патеката во однос на минатата година. На 12-тиот свиок беше поставен нов материјал широк еден метар помеѓу асфалтот и чакалот покрај патеката.
Ова решение е дизајнирано да го намали количеството чакал што возачите го носат со тркалата на асфалтот кога ја напуштаат патеката. Не беа соопштени детали за тоа од каков материјал е направена оваа лента, но се вели дека овозможува да се забават болидите.
Најбрзите тимови ги донесоа истите болиди во Зандворт со кои работеа во Белгија. Ред Бул, Ферари и Мерцедес АМГ не пријавија никакви новости на своите болиди за овој викенд.
Зандворт бара поголема потисна сила, но, на пример, ако задното крило, дизајнирано за таков притисок, се користело на претходните трки, ова веќе не е новина за која тимовите треба да известуваат во останатиот тек од шампионатот.
Само Алпин, АлфаТаури, Вилијамс и Алфа Ромео пријава такви ажурирања, но тие не се многу значајни.
Болидите на Алфа Ромео имаат ажурирани канали за ладење на задните сопирачки кои ќе овозможат поголем проток на воздух кон дифузорот. Во Алпин, малку се редизајнирани влезните и излезните насочувачи на вентури каналите. Се очекува дека ажурираните верзии на овие важни аеро компоненти ќе обезбедат поефикасна потисна сила со помал отпор на каросеријата.
Болидите на АлфаТаури исто така добија надградени задни насочувачи на вентури каналите, а суштината на подобрувањата е иста како во случајот со Алпин. Во Вилијамс беа подготвени најскромните иновации, крајните плочи на предното крило беа малку преработени за да се подобри балансот во предниот дел на болидот.
ЏОРЏ РАСЕЛ НАЈБРЗ НА ПРВИОТ ТРЕНИНГ
9/02/2022 01:47:00 PM
0
Share to other apps