Макс Ферстапен го "повтори" постигнувањето од СПА-Франкоршамп и стигна до победата на Големата Награда на Италија и покрај тоа што стартуваше од седмата позиција.
Холанѓанецот победи во Монца, домот на Ферари, и ја продлабочи агонијата во која се најде Италијанскиот тим по воведување на новата техничка директива. Заостанувањето станува се поголемо и поголемо.
Се чинеше дека вчерашната пол позиција им даде зрак светлина на тифозите, но Макс Ферстапен и Ред Бул повторно ја засенија гаражата на Ферари.
На Холанѓанецот не му требаше многу време да го стигне Ф1-75 на Чарлс Леклер и со импресивно темпо, ако кога тоа е така и стратегијата е секогаш успешна, маестрално ја контролираше трката за да ја забележи својата 31-ва победа во Формула 1.
Чарлс Леклер и Џорџ Расел го комплетираа подиумот, но мора да се истакне кам-бекот на Карлос Саинц Јр., кој од осумнаесеттата стартна позиција стигна до четвртото место со импресивно темпо и многу претекнувања на патеката. Шпанецот беше возачот кој даваше жар на трката.
Од своја страна, Луис Хамилтон и Серџо Перез исто така имаа напредок низ поредокот, иако мораа да се задоволат со петтото, односно шестото место.
Што се однесува до среднината на поредокот, Ландо Норис беше најдобар од останатите и го обезбеди седмото место, пред Пјер Гасли и Ник де Врис кој ги издржаа нападите на Џоу Гуанју во поголемиот дел од трката за да освои два поени на неговото деби.
Ник де Врис е 67-от возач кој освоил поени во својата дебитантска трка и беше прогласен за Возач на денот. За три недели, Формула 1 продолжува со трката за Големата Награда на Сингапур.
За време на викендот, имаше неочекувана промена во тимот на Вилијамс. Алекс Албон беше примен во болница со воспаление на слепото црево во саботата наутро, а резервниот возач, Ник де Врис седна зад воланот на неговиот Вилијамс.
Тој набрзина беше запознаен со деталите на FW44 и веднаш тргна во акција на патеката, и веднаш го победи Николас Латифи тимскиот колега - староседелец. Со тоа ја запечати судбината на Канаѓанецот и можеби си обезбеди место на гридот за следната сезона.
Во петокот, возачите на Ферари беа во водство на тренинг сесиите, во саботата наутро Ферстапен го предводеше поредокот, но, Чарлс Леклер со извонреден брз круг, ја освои Пол позицијата, осма во сезоната, за големо задоволство на трибините.
Девет возачи одеднаш, Магнусен, Ферстапен, Окон, Перез, Ботас, Саинц Јр., Цунода, Хамилтон и Шумахер ги загубија позициите поради замена на елементи од погонските единици и менувачи, што додаде интрига на трката.
Леклер и Расел, кој го забележа шесто најбрзо време во квалификациите, стартуваа од првиот ред, од вториот Ландо Норис и Даниел Рикиардо, од третиот, Гасли и Алонсо. Макс Ферстапен беше на седмата позиција по аплицирање на сите казни. И тука имаше недоследности од стјуардите, но за тоа во наредна прилика.
Пирели во Монца ги донесе смешите C2, C3 и C4 во улогата на бели, жолти и црвени гуми. Леклер, Расел, Ферстапен, де Врис и Окон стартуваа на црвени, останатите ги избраа жолтите гуми за почетниот стинт од трката.
На стартот Леклер го задржа водството. Ландо Норис имаше многу лош старт, се вклучи превентивниот систем за спречување на гаснењето на моторот на Ф1 болидот и падна на седмото место.
Ферстапен се искачи на третото место веќе по првите неколку свиоци. Валтери Ботас удри во болидот на Магнусен одзади, нешто што Финецот го чинеше пад на последното место на трката.
Во 3-от круг, Хамилтон го престигна Шумахер за 18-то место, но Мик изведе контранапад и ја врати позицијата, но моќта на Мерцедесот беше непропорционална со болидот на Хас па Луис повторно го претекна младиот Германец.
Веќе на почетокот на петтиот круг, Ферстапен го престигна Расел за второто место. Подолу во поредокот, Карлос Саинц Јр. беше ефективен и ги престигна Окон, Ветел и Строл и се искачи на 10-тото место.
Серџо Перез во вториот болид на Ред Бул на почетокот имаше проблеми со загревање на предната десна сопирачка, па веќе во 8-от круг, беше повикан во бокс за проверка, плус беа сменети и неговите стартни пневматици. На патеката се врати на последното место.
Топ десет поредокот во 10-от круг беше: Леклер, Ферстапен, Расел, Рикиардо, Гасли, Норис, Саинц Јр., Алонсо, де Врис, Гуанју.
Во 13-от круг, Ветел се пожали дека ја изгуби моќноста на Мерцедес ПЕ во неговиот болид, по што мораше да се паркира покрај патеката. Во тие моменти Карлос Саинц Јр. го престигна Гасли во борбата за 5-тото место, моменти пред да биде воведен режим на ВБА.
Во тимот на Ферари решија, и не погрешија, да менуваат гуми на болидот на Леклер, искористувајќи го ВБА. На излегување од боксевите, се запали зеленото светло и никој друг од возачите немаше време да направи пит стоп. Моначанецот на патеката се врати на третото место.
Веднаш по рестартот на тркатa Карлос Саинц Јр. го престигна Рикиардо за четвртото место. Стјуардите го казнија Магнусен со казна од пет секунди, во борбата против Латифи, Данецот го пресече свиокот и не ја здобиената предност.
Перез го прњстигна Шумахер во борбата за осмото место. Макс Ферстапен влезе во бокс за промена на гуми дури во 26-от круг, враќајќи се на патеката втор, десет секунди зад Леклер.
Во 31-от круг, Саинц Јр. направи пит-стоп, добивајќи црвени гуми за последниот сегмент од трката. Во 33-от круг, Шпанецот го претекна Перез за шестото место, а Леклер беше повикан во бокс, добивајќи исто така црвени гуми, по што на патеката се врато на второ место со 19 секунди заостанување зад Ферстапен.
Чарлс Леклер го зголеми темпото во обид да го стигне Ферстапен, но Макс успеваше да држи доволно темпо и да ја контролира разликата.
Топ десет поредокот во 40-от круг беше: Ферстапен, Леклер, Расел, Саинц Јр., Перез, Хамилтон, Норис, Рикиардо, Гасли, де Врис.
Во 43-от круг, Серџо Перез смени гуми, преминувајќи на црвените гуми за да го земе најбрзиот круг од Чарлс Леклер. Во 47-от круг Рикиардо застана на патеката поради проблеми со Мерцедес ПЕ.
На патеката излезе безбедносниот автомобил. Расел, Саинц Јр., Норис, Ферстапен, Цунода, Леклер, Латифи менуваа гуми. Ник де Врис силно закочи пред болидот на Џоу Гуанју, создавајќи потенцијално опасна ситуација, за што по трката доби опомена пд стјуардите.
Не беше можно брзо да се отстрани Мекларенот на Рикиардо и како резултат на тоа, трката заврши зад безбедносниот автомобил.
ФРУСТРИРАЧКИ КРАЈ НА ИТАЛИЈАНСКОТО ГРАН ПРИ
9/11/2022 07:54:00 PM
0
Share to other apps