Џорџ Расел го имаше најбрзото време на вториот тренинг за Големата Награда на Мексико Сити, со помош на тековните црвени гуми на Пирели.
Треба да се напомене дека, освен за возачите кои не настапија на првиот тренинг, оваа втора петочна сесија беше резервирана, како и во Соединетите Американски Држави, за тестирање на прототип гумите на Пирели, како подготовка за следната година.
Со други зборови, само пет возачи и тоа Јуки Цунода, Алекс Албон, Џорџ Расел, Естебан Окон и Кевин Магнусен, можеа да возат во првите 45 минути од сесијата со овогодинешните гуми, но сите 20 возачи мораа да ја завршат планираната тест програма на Пирели со смешите за 2023 година.
Во САД, возачите ги тестираа најтврдите смеши, додека во Мексико ги тестираа помеките. Тимовите не знаеја какви гуми имаат на болидите во одреден момент и беше забрането да се менуваат поставките на болидите. Забранет за употреба беше и ДРС-системот.
Поради тестовите на Пирели, вториот тренинг траеше не 60, туку 90 минути. Беше невозможно да се процени распоредот на силите во втората тренинг сесија. На врвот на табелата, очекувано, беа оние возачи кои не учествуваа на првиот тренинг.
Во Остин, возачите се пожалија на слабиот грип при температури на гумите од 50 степени, температура која што се планира да биде максимум во термалните покривки за следната година.
ФИА и Пирели ги послушаа, па за овој викенд ја зголемија температурата на 70 степени. Можеби оваа температура ќе биде запишана во прописите за следната сезона. На реткиот воздух во Мексико Сити, аеродинамиката на болидите не ја обезбедува вообичаената потисна сила, болидите се лизгаа, возачите правеа грешки.
Цунода, Шумахер, Ферстапен, Перез и Норис излетаа од патеката без последици по болидите. За разлика од нив Чарлс Леклер во 33-тата минута од сесијата изгуби контрола врз својот болид во 7-от свиок и заврши во заштитните бариери покрај патеката.
Тренингот беше прекинат, Моначанецот не беше повреден, што не може да се каже за неговиот Ф1-75, кој беше прилично оштетен во неговиот заден дел. Паузата беше долга. Болидот беше отстранет, но поправките на бариерите траеа 18 минути, по што сесијата продолжи. Сите возачи освен Леклер, продолжија со акција на патеката.
Во последните минути повторно се појавија црвени знамиња, кога тркачкиот инженер побара од Џоу Гуанју да го запре болидот поради проблеми со хидрауликата. Како и првиот тренинг и вториот заврши пред истек на планираните 90 минути.
ЏОРЏ РАСЕЛ НАЈБРЗ, ГИ ПОДГРЕА НАДЕЖИТЕ НА МЕРЦЕДЕС АМГ ЗА ПОБЕДА
10/29/2022 01:19:00 AM
0
Share to other apps