Серџо Перез денеска одржа лекција за возење во променливите услови на трката за Големата Награда на Сингапур, забележувајќи ја неговата четврта победа во Формула 1 Шампионатот.
Почетокот беше одложен за еден час поради силен дожд проследен со грмотевици, но на крај сите возачи ја започнаа трката на зелените интермедија гуми и Серџо Перез уште во првите метри му ја зеде првата позиција на Чарлс Леклер.
Оттогаш, возачот од Гвадалахара совршено ја контролираше трката. Прво, во влажни услови, тој имаше темпо да го задржи Ферарито на Чарлс Леклер зад себе, подоцна, кога асфалтот се беше исушил, тој одржа уште една лекција за одбранбени маневри, дури и со проблеми во неговата погонска единица, кога Моначанецот влезе во својот најагресивен режим.
На крајот, Серџо Перез го извади максимумот од РБ18 под закана на потенцијалната казна за неправилно возење под безбедносниот автомобил и дури можеше да направи повеќе од 7 секунди разлика во однос на Леклер.
Карлос Саинц Јр. со пласманот на третото место обезбеди двоен подиум за Ферари, кој денес немаше темпо да се бори за победа.
Алпин имаше катастрофална трка со двојно откажување поради проблеми со Рено ПЕ, а Мекларен го имаше својот најдобар резултат годинава, Ландо Норис финишираше на четврто место, пред тимскиот колега, Даниел Рикиардо на петто. Со тоа тимот на Мекларен се искачи на четвртото место во шампионатот за конструктори.
Дополнително, треба да се истакне дека тоа беше трка со грешки на Макс Ферстапен и Луис Хамилтон. Холанѓанецот заврши седми, а Британецот деветти.
Веќе следната недела борбата продолжува на патеката Сузука, Јапонија.
Формула 1 се врати во Сингапур по тригодишна пауза и на денот на трката немаше празни места на трибините. Трката беше седумнаесетта во календаро и прва каде судбината на шампионската титула можеше да се реши пред предвиденото.
Макс Ферстапен пристигна во Марина Беј со 116 поени предност на шест трки до крајот и мораше да победи за титулата под услов Чарлс Леклер и Серџо Перез имаат лош пласман.
Но, првиот стартен ред го поделија Леклер и Перез, а во квалификациите Ферстапен беше само осми.
Еден од факторите на викендот во Сингапур беше времето. Во саботата врнеше цел ден, тренингот траеше само половина час, а квалификациите кои се одржаа на патеката која се сушеше се покажаа како едни од најинтересните во оваа сезона. Борбата траеше до последните секунди, а најбрзите тројца возачи беа во разлика од само пет стотинки.
Џорџ Расел се квалификуваше само како 11-ти поради проблеми со сопирачките, по што тимот се реши целосно да ја замени Мерцедес ПЕ во неговиот болид, па тој стартуваше од пит-линијата.
Пред самиот почеток на трката заврна силен дожд па стартот мораше да се одложи. Потоа, откако дождот стивна, маршалите почнаа да ја чистат водата. Наместо во 20:00 часот по локално време, возачите го започнаа загревачкиот круг во 21:05 часот.
На места асфалтот беше речиси сув, а на места влажен. Особено лизгаво беше на местата каде што беше поставен новиот асфалт, на свиоците 1 и 3, од 5 до 7, од 12 до 13, во 14 и од 15 до 19-от. Сите возачи стартуваа со интермедија гуми.
На стартот, Серџо Перез успеа да го престигне Чарлс Леклер, за водство на трката по првиот свиок. Видовме дуел помеѓу Карлос Саинц Јр. и Луис Хамилтон за третото место, во кој Британецот беше принуден да излезе од патеката.
Макс Ферстапен имале лош старт и П8 падна на П12. Исто така и Фернандо Алонсо загуби две позиции, но си ја врати едната, претекнувајќи го Гасли. Најголем добитник беше Себастијан Ветел кој на стартот освои пет места.
Макс Ферстапен брзо ги "реши" Магнусен, Строл и Цунода за 9-то место во 4-от круг.Во дуелот со Кевин Магнусен имаше контакт по што на Данецот му беше покажано црно-портокалово знаме поради оштетено предно крило. Тој мораше во бокс.
Во седмиот круг Џоу го нападна Латифи во петтиот свиок, Канаѓанецот сврте во патеката на движење на Алфата по што возачите се судрија. Гуанју мораше да го паркира својот болид покрај патеката.
Николас Латифи се упати кон својот бокс со дупната гума и уништено предно крило, но, не можеше да ја продолжи трката поради дефект. Стјуардите го посочија како единствен виновник и го казнија со пет стартни позиции на следната трка и два казнени поени во неговата лиценца.
На патеката излезе безбедносниот автомобил, како би се отстранил болидот на Гуанју, како и да се исчистат остатоците од карбон на асфалтот.
Топ десет пореокот зад безбедносниот автомобил беше: Перез, Леклер, Саинц Јр., Хамилтон, Норис, Алонсо, Гасли, Ветел, Ферстапен, Цунода.
Трката беше рестартирана во 10-от круг. Макс Ферстапен го претекна Ветел, а Гасли едноставно го пропушти, па Холанѓанецот се искачи на седмото место. Асфалтот се сушеше многу бавно, барички со вода имаше надвор од тркачката линија.
Возачите возеа без ДРС-системот, па претекнувањето и борбата за позиција беше многу тешка. За да биде поинтересно, во 21-от круг, се погрижи Фернандо Алонсо, кој мораше да го паркира својот Алпин покрај 10-от свиок поради проблеми со Рено ПЕ.
Во Сингапур, Шпанецот ја стартуваше неговата 350-та Ф1 трка, но не можеше да ја заврши. За да се отстрани неговиот болид беше најавен режим на виртуелен безбедносен автомобил. Фернандо Алонсо се врати во боксот со скутер.
Џорџ Расел се реши да смени гуми и беше првиот возач кој што се префрли на гуми за суво, но имаше тешкотии го задржа болидот на патеката, особено во третиот највлажен сектор. Неговите времиња беа сериозно инфериорни во однос на неговите ривали.
Трката беше рестартирана во 23-от круг, но не за долго. Веќе во 26-от круг Алекс Албон заврши во бариерите покрај осмиот свиок и се врати во боксот без предно крило, каде што и се повлече од трката.
Повторно беше најавен режимот на виртуелниот безбедносен автомобил, како би се отстраниле остатоците од карбон на асфалтот. Трката продолжи во следниот круг.
Тука не беше крај на инцидентите. Во 28-от круг Естебан Окон застана на патеката, испуштајќи облак од чад, што значеше двојно откажување на возачите на Алпин поради проблем со Рено ПЕ. И повторно беше објавен режим на виртуелен безбедносен автомобил.
Трката продолжи во 30-от круг. Макс Ферстапен се обиде да го нападне Норис, забрза но откако увиде дека ќе го престигне Мекларенот пред линијата за безбедносниот автомобил мораше нагло да закочи.
Во 33-от круг, Луис Хамилтон реши да ги поздрави заштитните бариери покрај седмиот свиок, што го чинеше три позиции и продолжи со оштетено предно крило.
Во тие моменти Џорџ Расел одеше сè побрзо и побрзо на гумите за суво време, па повеќето возачи се решија да ги заменат интермедија гумите со гуми за суво време.
Во 34-от круг менуваше Гасли, во следниот Леклер, Хамилтон, Ветел и Шумахер, во 36-от Перез, Саинц Јр., Ферстапен и Строл.
Во тој исти круг, Јуки Цунода изгуби концентрација и заврши во заштитните бариери покрај 10-от свиок. Тоа беше крај на трката за Јапонецот. На патеката излезе безбедносниот автомобил. Расел, Норис и Рикиардо менуваа гуми.
Со тоа сите возачи се префрлија на гуми за суво време, Рикиардо и Ботас избраа црвени, останатите избраа жолти. Топ десет поредокот зад безбедносниот автомобил беше: Перез, Леклер, Саинц Јр., Норис, Ферстапен, Рикиардо, Строл, Ветел, Хамилтон, Гасли.
Во 39-от круг беше најавен рестарт. Џорџ Расел го претекна Кевин Магнусен за 13-то место. Ферстапен го нападна Норис, но ги блокираше предните тркала и излета во безбедносната зона, по што загуби три позиции. Поради оштетените гуми мораше во бокс по нови и на патеката повторно се врати на 12-то место.
Расел го нападна Шумахер, имаше контакт, по кој и двајцата возачи се упатија кон боксевите поради дупнати гуми. Дури во 44-от круг на возачите им беше дозволено да го користат ДРС-системот, но претекнувањето не стана полесно.
Чарлс Леклер го притисна Перез, а Хамилтон беше зад Ветел но и двајцата возачи не можеа д пронајдат безбеден начин да ги престигнат своите ривали.
Во 48-от круг, Ферстапен го престигна Магнусен во борбата за 11-то место, во 50-от го престигна Ботас, а потоа Гасли лесно го пропушти по втор пат на трката за 9-то место во тој момент.
Тркачкиот инженер му кажа на Перез дека стјуардите истражуваат можно прекршување на правилата зад безбедносното возило и побара да го зголеми темпото за да се компензира евентуалната казна од пет секунди. Нешто што Мексиканецот и го направи.
Џорџ Расел ги смени гумите во 53-от круг во потрага по најбрзиот круг на трката и тоа му успеа во 56-от. Ветел, Хамилтон и Ферстапен возеа многу блиску еден зад друг.
Хамилтон мораше да се обиде да го престигне бавниот Астон Мартин пред себе, под заканата на брзиот Ред Бул зад себе. Во еден момент се израмни со Себ, но не успеа да го фати свиокот, излета надвор од тркачката линија и му ја подари 8-та позиција на Макс Ферстапен. Во последниот круг Холанѓанецот успеа да го претекне и Себастијан Ветел во борбата за седмото место.
Трката финишираше по истек на максималниот дозволен период од два часа, во кој возачите успеаја да извозат 60 круга од планираните 61.
ЧЕКО ДРЖЕШЕ ЛЕКЦИИ ПО ВОЗЕЊЕ НА ВЛАЖЕН И СУВ АСФАЛТ
10/02/2022 06:22:00 PM
0
Share to other apps