По завршувањето на Европската турнеја, Формула 1 се сели на Азискиот континент, место каде историјата на овој спорт е во зачеток, но, затоа патеките се ултра-модерни.
По натпреварувањето на најбрзата трка во однос на времетраењето, Големата Награда на Италија, Ф1 тимовите се селат на временски најдолгата трка.
Кога Сингапур дојде на Формула 1 сцената, тоа беше нешто повеќе отколку само трка на ново место со прекрасна локација. Тоа беше првата ноќна трка во шампионатот и првата улична патека во Азија. Возачите со нетрпение очекуваат да се тркаат на оваа патека со 23 свиоци и покрај нејзината исцрпувачка природа.
Блиските бариери, исто како во Монте Карло, бараат целосна фокусираност и концентрација од возачите за време на целиот тркачки викенд. И покрај сите тешкотии со кои се соочуваат, трката во Сингапур е добро прифатена од сите протагонисти на овој мотоспорт.
Според самите возачи, моќното осветлување овозможува таква видливост на патеката која е подобра отколку на дневните трки, бидејќи не постои отсјајот на сонцето. Искрите од подот на болидите, издувните пламени и усвитените дискови на сопирачките обезбедуваат глетка што поминува незабележано во дневните часови.
Времето во Сингапур е жешко, а како додатно отежнување е и големата влажност на воздухот. Затоа колку што трката во Сингапур се вози навечер од естетски причини и прилагодување со Европската саатница, тоа е и најдоброто време за возачите и публиката.
Од Пирели за претстојното Сингапурско Гран При ги донесоа трите најмеки смеши Ц3, Ц4 и Ц5. Со оглед на комплексноста за претекнување на патеката, тимовите внимателно ќе ги проценат опциите за да добијат стратегиска предност. За оваа трка, неопходно е да се земе предвид високата веројатност за појава на безбедносното возило, што може да го промени текот на трката.
Возачот на Ферари, Чарлс Леклер беше најбрз во квалификациите за Големата Награда на Сингапур, со време од 1:49.412 на црвените гуми. Тој успеа да биде стоти делови од секундата побрз од Серџо Перез од Ред Бул и возачот на Мерцедес АМГ, Луис Хамилтон.
Ако остане суво, од Пирели најавуваат дека најдобрата стратегија за денешната трка треба да биде со едно застанување во бокс.
Ова може да вклучува старт на жолтите гуми и нивно возење до помеѓу 22 и 28 круг, а за финиш на трката возачите да се префрлат на белите гуми.
Алтернатива би било, по стартот, да се вози на црвените гуми помеѓу 18 и 24 круга, пред да се префлат на белите.
Постојат голем број на добро познати надворешни фактори кои често влијаат на стратегијата во Сингапур.
На секоја трка што се одржува во Марина Беј има најмалку едно излегување на безбедносниот автомобил, како и временските услови.
Сè уште има шанси за обилни врнежи од дожд, кои се многу потешко да се предвидат отколку на другите трки во шампионатот.
Последната година, 2019, кога Ф1 беше во Сингапур, во обид да се подобри можноста за претекнување на Марина Беј градската патека, ФИА одлучи да додаде трета ДРС зона на двете постојни. Новата ДРС зона се наоѓа помеѓу 13 и 14 свиок.
Во петокот возачите работеа на сува патека, во сабота врнеше дожд, а можни се врнежи и на денот на трката.
Сонцето во недела ќе зајде во 18:57 часот, а во 20:00 часот по локално време возачите треба да ја стартуваат трката, до кога воздухот ќе се разлади до +27 степени со умерен североисточен ветер. Веројатноста за врнежи се проценува на 45%.
Во Сингапур е речиси невозможно да се престигне. И болидите изградени според прописите од 2022 година, кои го олеснуваат следењето на ривалите, нема да помогнат тука.
Тие се уште потешки и пошироки, па факторите за успех остануваат исти, успешни квалификации, добар старт и ефективна стратегија.
Себастијан Ветел по завршувањето на тековната 2022 Ф1 сезона ќе се повлече од врвиот мотоспорт.
Причината поради која го споменуваме ова е што тој ја забележа својата последна, 53-та победа во кариерата на Големата Награда на Сингапур во 2019 година. Пред точно три години, возејќи Ферари.
Потоа имаше уште една неуспешна сезона во истиот тим и две во Астон Мартин. Во овој период германецот се искачи на подиумот само двапати, со Ферари во 2020 во Турција и со Астон Мартин во Азербејџан 2021 година.
Откако го напушти Ред Бул, Себ не можеше да ја врати својата поранешна самодоверба, што му овозможи да освои четири шампионски титули зад воланот на болидот што го изгради Адријан Њуи.
Болид со стабилен заден дел што вози како на шини. Германцот немаше шанса да вози таков болид. Сега со болидите на Њуи победува Макс Ферстапен, кој под одредени околности може да ја освои титулата пред предвиденото веќе на денешната трка.
Интересен факт е што, Кевин Магнусен има забележано два најбрзи круга во својата Ф1 кариера, двата се во Сингапур во 2018 и 2019 година.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА СИНГАПУРСКОТО ГРАН ПРИ
10/02/2022 10:41:00 AM
0
Share to other apps