Патеката на Америка (Circuit of the Americas-COTA) е првиот објект во САД наменски изграден за Формула 1 трки. Херман Тилке дизајнираше ултра-модерен комплекс кој ги има обележјата на Тексас, но и копии на најпознатите свиоци од останатите Ф1 патеки.
Главни нејзини карактеристики се природните промени во елевацијата, вклучувајќи ја 40 метарската нагорнина кон првиот свиок кој е главното обележје на патеката.
Потегот од третиот до деветиот свиок претставува низа од брзи свиоци кои потсетуваат на Maggots-Becketts-Chapel од Силверстоун или Esses во Сузука. Втората половина од техничкиот дел од кругот, завршува со низа на бавни свиоци кои потсетуваат на Хокенхајм.
Големата Награда на Соединетите Држави е еден од најпосетените настани во Ф1 календарот со што Остин, полека станува нов дом за Формула 1 во САД. Главна знаменитост во комплексот на оваа патека е 25-катната Кула за набљудување.
Во 2017 година беше одлучено квалификациите да се одложат за два часа поради концерт, но оттогаш тоа стана традиција, па така ова е еден од ретките настани кога квалификациите и трката започнуваат во разлика од два-три часа.
Во Остин имаме невообичаено жешко време кое има големо влијание врз деградацијата на гумите на Пирели, особено на најбрзите црвени гуми кои се прегреваа, не обезбедувајќи го потребниот грип.
Четворица возачи ги започнаа квалификациите знаејќи дека ќе ги загубат своите позиции на стартот. Леклер, Перез, Алонсо и Гуанју ги променија моторите како составен дел на погонските единици, па добија казна од пет стартни места. Моначанецот во тимот на Ферари доби и ново турбо, па загуби дополнителни пет места. Доплнително, непосредно пред трката Јуки Цунода доби нов менувач, додека Есеан Окон целосно нови делови од Рено ПЕ, па ќе стартува од пит-линијата.
Со високите температури и високата абразивност на асфалтот на патеката на Америка, најверојатно не очекува трка со два пит-стопа. Вистинската стратегија што секој возач ќе ја избере, исто така, очигледно ќе зависи од гумите што им преостануваат во нивните индивидуални распределби.
Најбрзата варијанта, на хартија, за Големата Награда на Америка која се состои од 56 круга, вклучува еден стинт на жолтите гуми и два на белите, или почетен и завршен стинт на жолтите, проследен со еден стин на белите Пирели пневматици.
Со оглед на високата деградација на црвените гуми тие нема да бидат земени во предвид од страна на тимовите и возачите. Освен во случај кога на крајот од трката би се атакувало на дополнителниот поен за најбрзиот круг.
Менаџирањето со абењето и деградацијата на жолтите гуми ќе биде од клучно значење. Сепак, возможно е да гледаме и трка со три застанувања во бокс, со оглед на тоа што во Остин се губи помалку време за целиот процес и патеката нуди можности за претекнување.
Во петокот и саботата беше топло и суво во Остин, а денешната прогноза исто така не ветува врнежи. Возачите ќе го започнат загревачкиот круг во 14:00 часот по локално време, до кога воздухот ќе се загрее до 30 степени со променливо облачно време и засилен јужен ветер.
Како што напоменавме, пред почетокот на трката, тимот на Алпин ги замени сите елементи на погонската единица на болидот на Естебан Окон. Се тоа беше поттикнато од лошиот пласман на Французинот. За да се изврши замената, тимот го прекрши правилото "затворен паркинг" (parcferme), па возачот е казнет со старт од пит-линијата.
Во тимот на АлфаТаури беше решено да се сменат компонентите на менувачот на болидот на Јуки Цунода. Јапонскиот возач го доби четвртиот од четирите дозволени менувачи. Комплетна замена, и тоа куќиште и комплетен механизам кој вклучува запчаници, синхронизатори и други ротирачки делови.
Покрај тоа, Цунода ја доби петтата од четирите сезонски одобрени компоненти на менувачот од категоријата GBX DL (голем број на различни видови компоненти кои не се поврзани со менувачот, но се директно поврзани со неговата работа). За замена на овие компоненти, Јуки ќе биде казнет со губење на пет позиции на стартот.
Тимот на Ред Бул објави соопштение во кое се веи дека преговорите со ФИА за надминување на ограничениот буџет од страна на тимот се одложени поради смртта на Дитрих Матешиц. Рокот за постигнување договор е продолжен, очекуваме преговорите да продолжат кон средината на следната недела.
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АМЕРИКАНСКОТО ГРАН ПРИ
10/23/2022 07:05:00 PM
0
Share to other apps