Она што новинарите го шпекулираа во падокот на патеката во Остин, Тексас дека ФИА е во преговори со Ред Бул да се постигне вонсудски договор беа обелоденети за време на овој викенд за Големата Награда на Мексико Сити.
Раководството на Ред Бул одлучи да постигне спогодба со ФИА и се согласи со заклучоците донесени од комисијата за контрола на трошоците. Во тимот од Милтон Кејнс веруваат дека овој исход им бил наметнат со протекување на инфомации од ФИА и неверојатната хајка кон нивниот бренд.
Иако биле решени правдата да ја бараат на суд, долгиот таков процес, можеби повеќе од 12 месеци, би им донел поголема штета на нивниот бренд и во случај кога би биле ослободени од секаква вина.
Во Ред Бул сè уште инсистираат на тоа дека одредени одредби од финансиските регулативи може да се толкуваат на различни начини и не им е јасно како некои толкувања од страна на ФИА се воопшто возможни и на крај памет не им било дека ќе бидат земени во предвид како трошоци во ограничениот буџет.
Во услови кога ФИА веќе донела дека ќе има исклучоци на трошоци кои нема да влегуваат во ограничениот буџет, федерацијата требало да наведе кои се тие, а не само општо како "трошоци кои немаат врска со работата на Ф1 тимот."
Другите тимови, лузерите, оправдано или не, водеа невидена медиумска хајка за замаглување на вистината, во обид да ги покријат своите неуспеси и срам дека еден "енергетски пијалок" може да ги победи на тркачкиот терен.
Да го цитираме еден од лидерите на тимовите лузери - "Се изморивме од бајките на Ред Бул."
Кога немаш визија за развој на својот тим и си немоќен да направиш конкурентен болид, мора да посегнуваш по нечесни и подли изјави за замаглување на вистината.
Во сличен контекст делуваат и останатите т.н. врвни тимови, од кои еден се уште неможе да ја прежали минатата сезона, додека другиот веќе цела вечност е неспособен да победи на терен.
Уште еднаш да повториме, кога се воведуваше ограничениот буџет, беше дадена една пробна година во која тимовите требаше да се обидат да ја поминат сезоната во рамки на ограничениот буџет. Сите тимови успеаа да бидат во близина на границата.
За втората година, 2021 сезона, кога ограничениот буџет стана задолжителен, казните беа познати пред почетокот на шампионатот, со препорака дека помалите пречекорувања нема да се казнуваат строго додека се усолгасат потенцијалните проблеми, како што и се случи.
Никој од сега, лузерите, немаше ништо против. Казните беа познати и тогаш, па немавме нити една изјава на таа тема. Сега плачат на мегафони! Се со цел да ја сокријат својата неспособност. Лошото е што во Формула 1 има еден шампион, и многу губитници.
ФИJАСКО НА ФИА: Иако доби нов претседател, федерацијата продолжува со старите навики. Нетранспарентност и тајни преговори и договори со тимовите. Зошто? Затоа што премногу зависат од нив и од нивните уплати во "ограничениот буџет" на федерацијата.
А, веќе многу пати е докажано дека каде се парите, ништо не е друго важно, па нити начелата и принципите кои наводно се застапуваат: еднаквост,еднаквост и еднаквост на сите!
Со последните вонсудски договори лапнаа 7.700.000 милиони долари само како чиста уплата од три тима, ако ги тргнеме настрана и трошоците направени за донесување на истите. Можеби намерно протекоа инфомациите да биде ставен Ред Бул во мат позиција да мора да се договори со нив?!?
КАДЕ СЕ ЗЕЗНА РЕД БУЛ? Минатиот пат се занимававме со шпекулации, но сега го имаме официјалниот износ со кој Ред Бул го надминал ограничениот буџет и тоа е бројката од 1.846.000 милиони фунти.
Процедурални прекршувања се забележани во тринаесет области, од кои повеќето се на нивна штета, како што е на пример точката 5 која се однесува на неотпишување на застарени резервни делови. Доколку во тимот правилно ја спровеле процедурата, имале можност да отпишат дополнителни 1.431.348 фунти, по што буџетот би бил надминат за само 432.652 фунти.
Протекувањето на информации од ФИА, кои се клучен фактор на постигнатиот договор, најверојатно се од поранешната вработена до својот поранешен тим, Мерцедес АМГ, кој како и секогаш убедува друг тим, овој пат Ферари, да излезе прв во јавноста и да ги изнесе во тој момент шпекулациите за прекршување на ограничениот буџет.
Не знаеме зошто Италијанците си дозволија да бидат вмешани во овие игри, дали последица т.е. враќање на услугата на Ред Бул, кои пак беа искористени од Мерцедес АМГ во нивниот случај со наводно нерегуларната нивна погонска единица.
Проблемот настана со различното толкување на правилата од страна на Ред Бул и Федерацијата(потенцијално пресметките на Мерцедес АМГ).
На крај, добиената казна за Ред Бул е минимална во очите на тимовите губитници, додека во очите н тимот од Милтон Кејнс е огромна.
Вистината да речеме е некаде на средина, а тоа значи дека Ред Бул доби незаслужено висока казна, затоа што самите правила налагаат минимална казна за прекршувања помали од 5%.
ОДЛУКАТА ВО ЦЕЛОСТ: На 26 Октомври 2022 година се склучени договори помеѓу комисијата за ограничување на трошоците и тимовите на Ред Бул и Астон Мартин во согласност со член 6.28 од Финансиските регулативи на Формула 1.
Комисијата за ограничување на трошоците утврдила дека Ред Бул и Астон Мартин делувале кооперативно во текот на процесот на ревизија и обезбедиле дополнителни информации и докази, во првата година од целосната примена на Финансиските регулативи кои се многу сложен сет на правила. (Зошто просто, кога може сложено, па така некој тим ќе се фати на јадицата.)
Утврдено е дека нема обвинение или доказ дека Ред Бул или Астон Мартин во кое било време се обиделе да дејствуваат со лоша намера, нечесно или на измамнички начин, ниту пак намерно сокривале какви било информации од комисијата за ограничување на трошоците.
Комисијата за ограничување на трошоците сметаше дека е соодветно, во овие околности, да им понуди на Ред Бул и Астон Мартин договор за вонсудско решавање на ова прашање според условите наведени подолу.
РЕД БУЛ. Со оглед на ограничената природа на предметното прекршување на процедурата и фактот дека прекршувањето спаѓа во помало прекумерно трошење не поголемо од 5%, Ред Бул реши да ја прифати понудата за вонсудски договор.
Договорот се однесува на:
• Ред Бул поднесе документација во која се пријавени трошоци од 114.293.000 фунти за цела 2021 година;
• Комисијата за ограничување на трошоците утврди процедурално прекршување направено од страна на Ред Бул во согласност со член 8.2(д) од Финансиските регулативи поради доставување на непотполна документација, бидејќи грешно ги исклучи и/или ги приспособи трошоците во износ од вкупно 5.607.000 фунти во нејзината документација за 2021 година;
• Последователно, утврдено е помало финансиско пречекорување на ограничениот буџет според член 8.10(б) од Финансиските регулативи. Дозволениот буџет за 2021 година од 118.036.000 фунти е надминат за 1.864.000 фунти, што е помалку од границата 5%, т.е. 1,6%.
Во согласност со наодите на комисијата за ограничување на трошоците, Ред Бул призна дека поднесената документација ги вклучува следните погрешно исклучени и/или приспособени трошоци:
1. Исклучени трошоци во спротивност со член 3.1(а) од Финансиските регулативи (во врска со угостителските услуги);
2. Трошоци во согласност со член 3.1(w) од Финансиските регулативи (во врска со надоместокот и поврзаните придонеси за социјално осигурување на работодавачот);
3. Трошоци во согласност со член 3.1(h)(i) од Финансиските регулативи (во однос на активностите што не се поврзани со Ф1), бидејќи тие трошоци веќе биле компензирани во рамките на Вкупните трошоци на групата за известување;
4. Трошоци согласно член 3.1(к) од Финансиските регулативи (во однос на бонусот и придружните придонеси за социјално осигурување на работодавачот);
5. Неподнесување на релевантни трошоци во однос на отпишување на амортизирани основни средства за работа;
6. Трошоци во согласност со член 3.1(q) од Финансиските регулативи (во врска со давачките за стажирање);
7. Трошоци согласно член 3.1(h)(ii)(i) од Финансиските регулативи (во однос на надоместокот и поврзаните придонеси за социјално осигурување на работодавачот);
8. Отпишување на релевантни трошоци во однос на одредбите наведени во член 4.1(а)(i) од Финансиските регулативи (во однос на трошоците за користење на погонските единици);
9. Трошоци во согласност со член 3.1(h) (i) од Финансиските регулативи (во врска со надоместокот и поврзаните придонеси за социјално осигурување на работодавачот);
10. Отпишување на релевантните трошоци во однос на одредбите наведени во член 4.1(ѓ)(i)(Б) од Финансиските регулативи (во врска со употребата на залихите);
11. Административна грешка во однос на пресметката на Ред Бул за одредени трошоци што се двојно наплатени од страна на Red Bull Power Trains Limited;
12. Одредени патни трошоци согласно член 3.1(r) од Финансиските регулативи;
13. Трошоци за одржување во согласност со член 3.1(i) од Финансиските регулативи.
и, следствено на утврденото, релевантните трошоци на Ред Бул за фискалната 2021 година го надминаа ограничувањето на трошоците за 2021 година за 1.864.000 фунти (1.6%).
Оттука, Ред Бул прифати дека ги прекршиле:
- Член 8.2(е) од Финансиските регулативи, што се однесува на поднесување на некомплетна документација за нивните трошоци за 2021 година, и
- Член 8.10(b) од Финансиските регулативи, што се однесува на прекумерно трошење над износот на ограничените трошоци за 2021 година.
ФИА признава дека доколку во тимот на Ред Бул ги применувале правилните сметководствените процедури во рамките на поднесената целогодишна документација би се отпишала дополнителна сума во вредност од 1.431.348 фунти, а со тоа комисијата за ограничување на трошоците би сметала дека релевантните трошоци на Ред Бул за периодот од 2021 година, всушност, би го надминале лимитираниот годишен буџет за 2021 година за само 432.652 фунти (0.37%).
Врз основа на тоа, Ред Бул го прифати наметнувањето на следните санкции:
а) Ред Бул мора да плати финансиска казна од 7.000.000 долари во рок од 30 дена од датумот кога договорот станува извршен;
б) Ред Бул добива мала спортска казна во форма на ограничување на тимот да спроведува аеро тестови во период од 12 месеци од датумот кога договорот станува извршен, со 10% намалување од коефициентот C што се користи за пресметување на поединечните ограничувања за тестирање во воздушен тунел и CFD софтверски пресметки што се применуваат за секој тим како што е наведено во член 6 од Додаток 7 на спортските регулативи на Формула 1.
На пример, ако коефициентот C, врз основа на шампионската позиција на Ред Бул е 70%, ефективната нова вредност на C ќе биде: CNEW=70% x (1-0,10) = 63,0%; и
в) Ред Бул ги сноси трошоците направени од комисијата за ограничување на трошоците во врска со подготовката на овој договор.
АСТОН МАРТИН. Договор со ФИА постигна и тимот на Астон Мартин, кој прифати дека го прекршиле членот 8.2(e) од Финансиските регулативи поради тоа што не поднеле точна сметководствена документација за 2021 година, во која биле неправилно исклучени и/или приспособени трошоци.
Врз основа на тоа, Астон Мартин го прифати наметнувањето на следните санкции за целосно и конечно решавање на Процедуралното прекршување:
а) Астон Мартин мора да плати финансиска казна од 450.000 долари на ФИА во рок од 30 дена од датумот кога договорот станува извршен;
б) Астон Мартин ги сноси трошоците направени од Администрацијата за ограничување на трошоците во врска со подготовката на овој договор.
Одлуката на Администрацијата за ограничување на трошоците да склучи договор за вонсудско решавање на проблемите со Ред Бул и Астон Мартин претставува нејзина конечна одлука со која се решава ова прашање и не е можно да се поднесуваат жалби.
Непочитување на овој договор, од страна на Ред Бул или Астон Мартин ќе резултира со натамошно прекршување на постапката според членовите 6.30 и 8.2(f) од Финансиските регулативи и автоматско упатување до Панелот за одлучување за ограничување на трошоците.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.