Џорџ Расел се најде на списокот Победници во Формула 1 Шампионатот со маестрално извозена трка за Големата Награда на Сао Пауло.
Британецот доминираше во трката од почеток до крај, без двоумење и без да ја изгуби својата ладнокрвност во деликатни моменти и ја донесе долгоочекуваната победа за Мерцедес АМГ, која Луис Хамилтон се погрижи да биде двојна.
Карлос Саинц Јр. беше трет, пред Чарлс Леклер и Фернандо Алонсо по одличниот камбек на петтото место.
Џорџ Расел на вчерашниот спринт навести дека го има она што е потребно за да успее во највисоката категорија на мотоспортот, а веќе денес тоа и го потврди со перфектно извозена трка.
Добар старт, држење константно и брзо темпо, добро менаџирање со пневматиците, најбрзиот круг во трката и се тоа надополнето со психичка стабилност при комплицираните ситуации, особено по излегувањето на безбедносниот автомобил.
Денес, Џорџ Расел и Мерцедес АМГ немаа конкуренција. Не само што младиот Британец имаше многу добро тркачко темпо, туку и Луис Хамилтон кој мораше да прави кам-бек по контактот со Макс Ферстапен на почетокот на трката, но повторно успеа да за запечати двојната победа за својот тим.
Коцките се склопија и за Карлос Саинц Јр. кој беше трет и се врати на победничкиот подиум на Интерлагос. Позади него финишираше Чарлс Леклер, кој, исто така, имаше контакт со Ландо Норис во почетниот дел од трката.
Фернандо Алонсо е наредниот возач кој имаше сензационална трка од П17 до петтото место, придружено со катастрофален пит-стоп. Макс Ферстапен со својот оштетен болид беше шести, пред Серџо Перез, Естебан Окон, Валтери Ботас и Ленс Строл.
Нервозниот Шампион имаше непотребен јавен испад на фрустрација во кој настрада неговиот тимски колега, еден од најконтроверзните моменти кој ќе остави голема дамка во неговата блескава кариера.
Тимот побара од него да му помогне на Чеко во борбата за второто место во пласманот на возачи, но Холанѓанецот одби со објаснување дека "имал свои причини" (дознал дека Чеко намерно се судрил во Монако).
На крајот на трката, Хорнер се сретнал со Ферстапен за да разговара за ситуацијата и неговите причини.
"Разговаравме со тимот, моравме да ја исчистиме околината поради некои работи што се случија, тоа е причината зошто не го пуштив да помине. Разговаравме и за иднината, во Абу Даби ќе му помогнам, ако тоа е потребно.", изјави Ферстапен.
Кога толку малку било потребно да се смири, зошто, ама зошто толку се избрука во јавноста. Серџо Перез привидно ја загуби втората позиција во генералниот пласман, но, на една трка до крајот, е на третото место со исти поени како и Чарлс Леклер.
ДЕБИТАНТСКА ПОБЕДА ЗА ЏОРЏ РАСЕЛ, НЕРВОЗНИОТ МАКС ЛЕЧЕШЕ ФРУСТРАЦИИ НА ПОГРЕШЕН НАЧИН
11/13/2022 10:09:00 PM
0
Share to other apps