Макс Ферстапен доминираше во последните квалификации од сезоната и ја освои Пол позицијата за Големата Награда на Абу Даби, додека Серџо Перез го обезбеди првиот стартен ред за Ред Бул, што последен пат се случи во 2018 година.
Ферари беше немоќен да парира на најбрзиот тим, но го обезбеди вториот стартен ред, Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр., пред возачите на Мерцедес АМГ на третиот, Луис Хамилтон и Џорџ Расел.
Холанѓанецот беше единствениот возач кој беше способен да се спушти на време од 1:23, и тоа му помогна да дојде до нова прва позиција за утрешната трка. Серџо Перез доби мала помош во заветрина при вторите брзи круга во последната сесија, што можеби беше пресудно да го победи Чарлс Леклер за да ја започне трката пред својот конкурент за второто место во конструктори.
Чарлс Леклер го победи Карлос Саинц Јр. за само една десетинка од секундата во последниот обид од Q3 со што го обезбеди третото место, пред својот тимски колега и возачите на Мерцедес АМГ кои денес неочекувано беа далеку од борбата за пол позицијата, иако на моменти изгледаа брзо.
Што се однесува до средината на поредокот, Ландо Норис го победи Естебан Окон за помалку од една десетинка за да биде најдобар од останатите, а најбрзите 10 возачи ги комплетираа Себастијан Ветел и Даниел Рикиардо.
Не е премногу лесно да се претекнува во Абу Даби и по минатогодишната реконструкција на патеката, па високата стартна позиција дава добри шанси за успешен настап на трката.
Пирели ги донесе најмеките смеши, C3, C4 и C5, кои беа користени како бели, жолти и црвени гуми. На петочните тренинг сесии се покажа дека годинава гумите се трошат уште побрзо од пред една година.
По една тренинг сесија им припадна на Хамилтон, Ферстапен и Перез. Даниел Рикиардо ги започна квалификациите знаејќи дека ќе загуби три места на стартот за инцидентот со Магнусен во Сао Пауло.
Во Q1 сесијата, возачите беа поделени во две групи за да избегнат гужва на патеката, која се олади и стана побрза, во однос на саботниот тренинг.
Во првиот негов обид, Ферстапен поведе на табелата, во вториот брз круг излезе на стар сет на црвените гуми, не можеше да се подобри, но го задржа најбрзиот круг во сесијата.
Ферари се откажа од вториот обид, како би заштедиле пневматици. Од понатамошната борба отпаднаа Кевин Магнусен, Пјер Гасли, Валтери Ботас, Алекс Албон и Николас Латифи.
Во Q2 сесијата, Ферстапен, Перез и Норис излегоа на патеката за првиот брз круг со нов сет на црвени гуми, останатите со употребувани гуми. Најбрзото време го забележа Серџо Перез.
Во вториот обид многумина успеаја да се подобрат, но времето на Мексиканецот остана како најбрзо во сесијата.
Фернандо Алонсо, Јуки Цунода, Мик Шумахер, Ленс Строл и Џоу Гуанју не се пласираа во финалниот сегмент од квалификацииите.
Во Q3 сесијата, Макс Ферстапен беше на врвот на табелата по првите брзи круга. Ландо Норис не го комплетираше брзиот круг, враќајќи се во боксот, но потоа повторно излезе на патеката.
Себастијан Ветел и Даниел Рикиардо имаа само едно излегување во сесијиата поради недостаток од нов сет на црвените гуми.
Макс Ферстапен беше уште побрз при второто излегување на патеката, воедно помаѓајќи му на својот тимски колега да дојде до втората стартна позиција, губејќи две десетинки. По нив следуваа возачите на Ферари, па Мерцедес АМГ.
РЕД БУЛ НЕПОБЕДЛИВ ВО АБУ ДАБИ, ОБЕЗБЕДЕН ПРВИОТ СТАРТЕН РЕД
11/19/2022 04:56:00 PM
0
Share to other apps