Идејата за изградба на патека во главниот град на Обединетите Арапски Емирати беше формализирана во јануари 2006 година, кога Херман Тилке доби наредба да развие скромна патека од три километри за регионални трки.
Секој месец проектот се прошируваше, а летото беше одлучено да се финализира со лиценца за Формула 1 трки. Како резултат на тоа, патеката на вештачкиот остров Јас стана во тоа време еден од најамбициозните проекти на архитектонското биро Тилке.
Патеката во Абу Даби често беше критикувана за проблеми со претекнувањето, а тоа стана особено очигледно во 2020 година, па патеката беше реновирана за сега веќе епската трка на која беше одлучена шампионската титула кај возачите за 2021 сезоната.
Бавните свиоци беа заменети со многу побрзи, а должината на еден круг се намали за 273 метри. Бројот на кругови беше зголемен на 58, па вкупното растојание на трката дури и малку се зголеми.
Патеката бара просечно ниво на потисна сила, а оптоварувањето на сопирачките е доста големо. Во трката, возачите користат специјален визир за удобен премин од природно во вештачко осветлување.
Една од поинтересните карактеристики е тунелот на излезот од пит-линијата, за кој на почетокот, многумина беа скептични за неговата практичност, бидејќи во случај на инцидент тешко ќе се отстрани болидот, но доега се уште не се појавија сериозни проблеми.
Секогаш е штета кога сезоната ќе заврши. Додека таа трае, ги броевме деновите до следната трка, прогнозиравме, се радувавме, но и се разочарувавме од некои трки, сега се тоа заминува на зимска пауза и 100 дена чекање за следната трка. Последната трка е време да ја направиме "завршната сметка", на крајот на овој викенд, а потоа да се зафатиме со следната 2023 сезона.
Сите се надеваа дека новите регулативи ќе ги изедначат тимовите во ера на владеење на ограничениот буџет, но силните останаа силни, слабите останаа слаби. Никој не успеа да направи пробив, освен Адријан Њуи, првата сезона според новите правила помина со апсолутна доминација на Макс Ферстапен и Ред Бул.
Тимовите потрошија многу пари за градење нови болиди, кои придонесоа за благо зголемување на статистиката за претекнување каде што порано беше лесно да се претекнува, како во Интерлагос, но онаму каде што беше невозможно да се престигне, како во Абу Даби, ништо нема да се промени.
Пред една година во Абу Даби беше решена судбината на шампионската титула кај возачите. Беше тоа фантастичен викенд, драматичен до самиот крај на трката. Сите буквално ги броеа минутите за трката, која стана вистински трилер во живо. Неверојатно е какви емоции може да создаде една здодевна патека како Јас Марина.
Според инженерите на Пирели, стратегијата со две застанувања за промена на гумите, можеби е најбрзата опција за Големата Награда на Абу Даби. Зголемената деградација на гумите во споредба со минатогодишната трка создаде несигурност при симулациите.
Два пит-стопа, со просечна загуба од 22 секунди за секоја промена на пневматиците, се предвидува да бидат четири до пет секунди побрзи од едно застанување.
Две опции се сметаат за најбрзи: старт на жолти, промена на бели, помеѓу 16 и 22 круг, и завршен стинт или на жолти или на бели гуми.
Помалку е веројатно трката да се финишира на црвените гуми, бидејќи е малку веројатно тие да бидат конкурентни како другите смеши. Она што тимовите ќе изберат да го направат, исто така, најверојатно ќе зависи од нивната преостаната распределба на пневматиците.
Секој што сака да ја испроба стратегијата за едно застанување може да пристигне на гридот со жолтите гуми и потоа да ги замени со белите, при што менаџирањето со деградацијата на подолгиот прв стинт ќе биде од клучно значење.
Другите опции на стратегијата со едно застанување вклучуваат црвени, па бели или бели, па црвени гуми, при што излегувањето на безбедносниот автомобил би играло важна улога во исходот.
Во пресрет на овој последен тркачки викенд, шампионските титули се решени, но останува да го видиме исгходот на неколку помали битки, од кои најинтересна би требало да биде таа за второто место во пласманот на возачи.
Пред една година Ферстапен и Хамилтон дојдоа во Абу Даби со еднаков број поени, 369.5, а сега Леклер и Перез имаат по 290 поени пред последната трка. Минатата недела во Сао Пауло и двајцата побараа од своите тимови да им се даде можност да завршат пред тимскиот колега, но Ферстапен не сакаше да ја врати позицијата, а Ферари одлучи дека нема потреба од промена на позиции.
Во шампионатот на конструктори има три важни дуели, а ако речиси се е решено во битката Алпин и Мекларен со 19 поени разлика, тогаш Алфа Ромео и Астон Мартин ги делат само пет, а Хас и АлфаТаури само два поени. Тие имаат за што да се борат.
Последните трки се доста емоционални кога еден од возачите ја завршува кариерата во Формула 1. Сега ги има четворица одеднаш. Штета што си заминуваат Себастијан Ветел и Даниел Рикиардо. Двајца докажани возачи, победници на трки и голема армија фанови.
Не напуштаат и двајца аутсајдери, Николас Латифи и Мик Шумахер. Семејството Латифи му помагаше на Вилијамс да преживее неколку години, а на младиот Германец сите му предвидуваа светла иднина во Формула 1, но славното презиме, само по себе не носи резултати и Мик со ништо не покажа дека заслужува да остане во врвниот мотоспорт.
Фернандо Алонсо и Пјер Гасли ќе менуваат тимови во 2023 година, двајца дебитанти ќе дојдат во Формула 1, Оскар Пјастри и Логан Сарџент, ќе се врати Нико Хулкенберг.
Животот продолжува понатаму! Во пресрет на светското првенство во фудбал, новогодишните празници, Божиќ, презентации на 2023 болиди, зимски тест сесии, прогнози и очекувања. Но, прво, да дознаеме како ќе заврши оваа сезона!
ДЕН ЗА ТРКА, НАЈАВА НА АБУ ДАБИ ГРАН ПРИ
11/20/2022 11:09:00 AM
0
Share to other apps