Ферари официјално објави дека Мик Шумахер повеќе не е член на нивната Академија на млади возачи, со што стави крај на врската која започна во 2019 година.
Германскиот возач, по одлуката на Хас да потпише со Нико Хулкенберг, остана без возачко седиште за 2023 сезоната, а како негова последна опција за останување во Формула 1 е да биде резервен возач на Мерцедес АМГ.
Од Ферари јасно ставија до знаење дека нема да се спротивстават на заминувањето на Мик во овој тим.
"Ферари и Мик Шумахер заеднички одлучија да не ја продолжат соработката, која траеше четири години како дел од Академијата за млади возачи на Ферари."
Мик во Маранело пристигна во во јануари 2019 година, откако беше европски шампион во Ф3, а неговото најголемо достигнување дојде две години подоцна, во 2021 година, кога беше шампион во Формула 2.
Тоа му донесе промоција во Формула 1, каде што помина неколку сезони во тимот на Хас. Оваа сезона, тој исто така ја имаше улогата на резервен возач на Ферари.
Од италијанскиот тим му се заблагодарија на Мик Шумахер и му посакаа се најдобро во неговата иднина. Иднина која е обоена во сребрена боја.
Веднаш по објавата на Ферари, реагираа и од Мерцедес АМГ кои потврдија дека Мик Шумахер ќе биде резервен возач на тимот во 2023 година. На овој начин германскиот возач ќе остане во Формула 1, иако во второстепена улога.
"Среќен сум што ќе бидам дел од тимот на Мерцедес АМГ како резервен возач за 2023 година и посветен сум да дадам се од себе за да помогнам во подобрувањето на нивните перформанси во оваа високо конкурентна и професионална средина", рече Шумахер.
"Возбуден сум и благодарен на Тото и на сите вклучени што ми веруваа. Ф1 е фасцинантен свет и никогаш не престанувате да учите, па се надевам дека ќе апсорбирам повеќе знаење и ќе ги вложам сите мои напори во корист на Мерцедес АМГ."
На оваа нова позиција Мик Шумахер ќе има има три главни улоги: работа на симулаторот во Бракли, присуство на сите трки во 2023 година и маркетинг во текот на годината.
Тото Волф: "Мик е многу талентиран млад возач и ние сме среќни што ќе му се приклучи на тимот. Тој е вреден работник, мирен и методичен и сè уште е гладен да учи и да се подобрува како возач. Тоа се важни квалитети, па затоа сме среќни што тој ќе ни помогне да го развиеме W14."
"Ние исто така знаеме дека со двегодишно искуство во Формула 1, тој ќе биде подготвен да скокне во болидот за да ги замени Луис или Џорџ доколку се појави потреба."
ФЕРАРИ РАСКИНА СО ШУМИ ЈР., МЕРЦЕДЕС АМГ ГО ЗЕДЕ ПОД ЗАКРИЛА
12/15/2022 02:42:00 PM
0
Share to other apps