Алфа Ромео е четвртиот тим што ја отвори 2023 сезоната, но прв што го презентираше својот вистински болид за оваа сезона, кој ја носи ознаката C43. Возачката постава останува иста, Валтери Ботас и Џоу Гуанју, но тимот ќе нема класичен тимски шеф. Интересите на тимот ќе ги застапува Алесандро Алуни Брави како портпарол.
Треба да се запомни дека, откако беше најавено доаѓањето на Ауди во тимот од Хинвил е започнат процес на транзиција и промените беа повеќе од забележливи во последните месеци.
Ова ќе биде последниот болид под брендот Алфа Ромео, бидејќи врската меѓу Заубер и нив завршува на крајот од оваа година. Фредерик Васер ја напушти својата позиција како тим шеф и замина во Ферари, додека Андреас Зајдл дојде од Мекларен како извршен директор на Заубер групацијата.
Исто така, промените се забележуваат и кај спонзорите. Орлен замина, а негово место дојде Стејк, како главен спонзор на тимот, а со тоа и новото име Alfa Romeo F1 Team Stake.
Презентацијата помина според класичното сценарио, т.е. фановите на тимот се собраа во студиото во Цирих, со нив разговараа претставници на раководството на тимот, а возачите учествуваа на церемонијата, прво преку видео врска од посебна просторија, а потоа и се појавија пред јавноста.
Кога Валтери Ботас и Џоу Гуанју ја отстранија традиционалната покривка од болидот, од нивните лица беше јасно дека навистина им се допаѓа новиот изглед. Мораме да кажаме дека изгледа навистина импресивно.
Новата шема на бои, која сега стана црвено-црна, е впечатлива, а дефиницијата за "застрашувачка" која често се слушаше во говорите на креаторите на C43 и возачите се токму оние емоции што треба да ги предизвика Формула 1 болидот.
Новата шема на бои беше развиен од специјалисти од дизајнерскиот центар Alfa Romeo Centro Stile, притоа земајќи ги предвид желбите на Stake, новиот главен партнер на тимот.
Сепак, иако е верна реплика на вистинскиот, тимот откри дека C43 донесен во студиото е само ревијален болид, кој потоа ќе биде ставен на аукција.
Валтери Ботас: "C43 конечно е тука и едвај чекам да го пробам на патеката. Навистина ми се допаѓаат нашите нови бои, мислам дека болидот изгледа застрашувачки!"
"Мојата прва сезона со тимот беше интересна, заедно напредувавме, а сега имаме само една задача: да продолжиме понатаму, да се претставиме подобро, да покажеме подобри резултати."
"Секако, има многу работа, мораме да се подобриме уште повеќе, но убеден сум дека оваа година мора да си поставиме високи цели. Сакам што побрзо да започне сезоната, полн сум со енергија и сила."
Џоу Гуанју: "По сета работа што ја направивме во претходните месеци, среќен сум што конечно го видов C43. Мислам дека изгледа одлично и со нетрпение очекувам да го возам новиот болид во Барселона пред да започне тест сесијата во Бахреин."
"Минатата година, тимот се обиде од самиот почеток да направи да се чувствувам како дома. Бев многу добро примен и ми беше дадено време да учам и да ги подобрам моите професионални вештини."
"Секако дека годинава имаме поголеми очекувања, и ќе се обидам да го применам целото искуство стекнато во дебитантската сезона. Воодушевен сум од перспективите што се отвораат и подготвен сум да нападнам!"
C43 - ПОСЛЕДНИОТ УБАВЕЦ НА АЛФА РОМЕО
1/29/2023 08:36:00 PM
0
Share to other apps