Астон Мартин го презентираше својот 2023 болид кој е именуван како AMR23. Ова е болидот со кој Фернандо Алонсо ќе дебитира во британскиот тим и воедно седми за Ленс Строл како Ф1 возач.
Тимот со база во Силверстоун, поминува низ петгодишен план (трета година во тек) кој има за цел да ги искачи на врвот најрано во 2025 година.
Настанот за презентација на болидот започна да се емитува во живо во 20:00 часот по македонско време и се одржа во објектите на Силверстоун. Околу 20 минути подоцна, и по неколку зборови од Лоренс Строл и Мајк Крек, на сцената се појавија и Фернандо Алонсо и Ленс Строл, а на светот му беше прикажан Астон Мартин AMR23.
Од тимот уверуваат дека AMR23 е значителна еволуција во однос на болидот од минатата година. Што се однесува до обојувањето, очекувано е континуирано.
Мајк Крак, тимскиот шеф, сакаше да го истакне напредокот на тимот во втората половина на 2022 година, но вели дека целта оваа година е да се направи болид што може да го испорача својот целосен потенцијал веднаш со првото излегување на патеката.
Строл сениор, Крек, Фалоус и останатите го пофалија Шпанецот, бидејќи во него се нивните надежи за што повисоко котирање на табелите.
Мајк Крак, тимски шеф: "Во втората половина од минатата сезона направивме вистински напредок работејќи напорно на развојот на болидот. Оваа година сакаме да продолжиме со овој тренд, борејќи се за добар резултат од првата трка. Добриот почеток на сезоната и одржувањето на тој моментум е од суштинско значење за успехот во првата половина од шампионатот."
"Ние како тим правиме се што е можно за да успееме и дополнително да ги зајакнеме сите области од нашата работа. За нашата фокусираност кон иднината говори и доаѓањето на Фернандо Алонсо, кој дополнително ќе го засили нашиот тим. За да се има успех, потребно е, секој елемент од оваа шема да работи ефективно во целина."
AMR23 беше развиен од техничкиот директор Ден Фалоус, кој се обиде да ја продолжи работата со клучните детали до последен момент. Марк Греј беше одговорен за склопување на болидот, ова е неговиот 19-ти Формула 1 болид.
Ден Фалоус, технички директор: "Нашиот дизајнерски тим беше решен да преземе пристап без компромис за работа со тековните технички прописи. Сакаме да се искачиме на повисоки позиции и да ги предизвикаме сите тимови кои се пред нас, a тоа не може да се направи ако се држите за минатото и применувате конзервативен пристап."
"AMR23 е значително усовршување на болидот што го создадовме во втората половина од минатата сезона. Направивме подобрувања во сите критични области, оптимизирајќи ги решенијата кои најмногу влијаат на брзината. Новиот болид е олицетворение на нашата заедничка визија што ја развивме во последните месеци."
"Сега треба да се фокусираме на постигнување на нашите амбициозни цели и спроведување на програмата за развој на болидите, одредени надградби треба да бидат подготвени до првата трка, но ние ќе го подобруваме AMR23 во текот на целата сезона."
Фернандо Алонсо, #14: "Новиот болид изгледа неверојатно, но сега треба да бидеме сигурни дека ќе биде брз секој тркачки викенд. Едвај чекам да седнам зад воланот. Бев добро примен од тимот. Изминативе неколку месеци бев постојано во контакт, а во јануари веќе пристигнав во базата."
"Работев на симулаторот, запознав нови луѓе, ја разгледав новата база, која ќе биде завршена во блиска иднина. Многу работи се случуваат во тимот и јас ја чувствувам оваа енергија."
"Минатата година дојдоа нови луѓе во техничкиот оддел, наскоро ќе имаме нов воздушен тунел, нов возач во тимот - се е супер! Како што реков, едвај чекам да седнам зад воланот."
"Зошто решив да се приклучам на тимот? Видов дека во Астон Мартин доаѓаат нови вработени и тоа говори за високите амбиции на тимот. Голема улога одигра и фактот дека Лоренс Строл е задолжен за проектот."
"Најдобрите луѓе и желбата за успех е вистинскиот рецепт за успех во Формула 1. Се надевам дека ќе го постигнеме што е можно поскоро. Пред се, треба да се погрижиме да имаме добра основа за идните болиди на Астон Мартин."
"Минатата година тимот имаше потешкотии во првата дел од сезоната, но ги надмина и имаше добра втора половина. Се надеваме дека напредокот ќе продолжи во 2023 година. Цврсто сме на земја, но не се задоволуваме ниту четвртото, ниту второто место."
"Да, можеби нема да почнеме да победуваме веднаш, но мора да се погрижиме болидот од 2023 година да биде добра основа за идните проекти."
Ленс Строл, #18: "Гледајќи го AMR23, гледам дека има ново размислување, а исто така забележливо е дека е направена работа за да се создаде многу агресивен распоред и да се надгради аеродинамичниот комплет за каросерија."
"Сето ова навистина треба да ни помогне во новата сезона, бидејќи ова е втора година кога важат сегашните технички прописи. Со нетрпение очекувам да работам со Фернандо. Отсекогаш сме имале одлични односи и одлично е што сега ќе бидеме во истиот тим."
АСТОН МАРТИН AMR23 - ЗНАЧИТЕЛНА ЕВОЛУЦИЈА НА AMR22
1/29/2023 08:43:00 PM
0
Share to other apps