Мекларен денеска го презентираше новиот болид, MCL60, со кој се надева дека има успешна 2023 Ф1 сезона. Оскар Пјастри ќе дебитира во тимот на местото од Даниел Рикиардо, додека Ландо Норис веќе е староседелец и ќе ја мине својата петта година во тимот од Вокинг.
По заминувањето на Андреас Зајдл во Заубер, нов тимски шеф ќе биде Андреа Стела. Британскиот тим годинава го прекина трендот во однос на номенклатурата, но од едноставна причина: Мекларен наполни 60 години во 2023 година, поради што го избраа името MCL60.
Презентацијата започна во 18:00 часот по македонско време и се одржа во објектите во нивниот технолошки центар во Вокинг. Околу 15 минути подоцна, тимот го откри својот болид за 2023 година, кој го задржува трендот на намалување на портокаловата боја и зголемување на чистите карбонски површини. Секако тоа е од чисто практични придобивки, односно намалување на тежината ма болидот.
Би сакале Мекларен да се врати на врвот,затоа што еден легендарен тим како нив го заслужува тоа. Не ни се допаѓа да ги гледаме толку долу на табелите. Секогаш биле во првите редови, но сега се многу изгубени. Фановите не би требало да очекуваат премногу и оваа сезона, бидејќи ова ќе биде уште една транзициска година за нив. Сепак, навиваме да не демантираат!
Проблемот на независните тимови се стабилните финансии. Мекларен ја "реновира" својата организациска и техничка поставенот, а за оваа година се планира финиш на модернизирање на воздушен тунел, по што тимот треба да има подобри алатки за работа на болидите.
Да повториме, предсезонските тестови ќе се одржат од 23 до 25 февруари во Бахреин, а во првиот викенд од месец март, на истата патека, ќе се одржи првата трка од 2023 Ф1 сезоната.
Зак Браун, извршен директор на Мекларен: "Задоволство ни е да го претставиме нашиот нов болид, кој ќе биде управуван од Ландо и Оскар во годината кога ќе ја прославиме 60-годишнината од Мекларен Рејсинг. Возачкото дуо е одлично, Ландо Норис e внимателен и самоуверен возач, кому му се придружи Оскар Пјастри, еден од најголемите таленти во светот на мотоспортот."
"2022 сезоната не беше лесна за нас, тоа беше година која не научи многу, а сето тоа искуство го искористивме во вонсезоната, кога целиот тим работеше напорно, подготвувајќи се за новиот шампионат."
"Под водство на Андреа Стела, која ја презеде функцијата тимски шеф во декември, нашиот тим е подготвен за успешна нова сезона и едвај чекаме да видиме како нашите млади возачи ќе соработуваа на и вон патеките."
"Нашиот тим е еден од најстарите во Формула 1, слави 60-годишнина и ова е големо достигнување. Имаме богата историја што датира од моментот кога Брус Мекларен го формираше Мекларен Рејсинг во 1963 година. Затоа, во спомен на овие шест децении, нашиот нов болидго именувавме како MCL60."
"На секоја трка се стремиме да ги постигнеме најдобрите можни резултати и им благодариме на сите што секогаш се подготвени да ги развијат портокаловите знамиња. Тимот со нетрпение очекува да го види MCL60 во акција!"
Андреа Стела, тимски шеф: "Да го водам тимот во годината на неговиот шеесетти роденден е голема чест за мене. Мекларен има тим од талентирани и искусни професионалци и заедно сега ја имаме можноста да го презентираме MCL60, кој е резултат на напорна работа во последните месеци."
"За време на зимскиот распуст, го запознавме Оскар Пјастри, го угостивме во Технолошкиот центар Мекларен и работевме заедно за да создадеме цврсти работни односи до почетокот на сезоната."
"Тој брзо се вклопи во тимот, стекнувајќи почит со неговата понизност, интелект и посветеност. Беше одлично што го задржавме нашиот лидер, Ландо Норис. Заедно со Оскар, имаме одлично и талентирано возачко дуо."
Ландо Норис, #4: "Вонсезоната помина добро и сега со нетрпение очекувам да се вратам на патеката и да седнам зад воланот на MCL60 за прв пат. Новиот болид изгледа одлично и сите вклучени во неговата конструкција беа одлични."
"Ме oчекува петтата сезона во Формула 1 и се надевам дека ќе задржам позитивен став во новиот шампионат по една година настапи според новите прописи. Не беше лесно да се прилагодам на новите болиди, но чувствувам дека сум во привилегирана позиција, бидејќи имам можност дополнително да се развивам како возач."
"Уживам да работам со тимот, а учеството на настаните посветени на 60-годишнината на Мекларен е голема чест за мене. Ќе продолжам да работам напорно со Оскар во оваа важна година додека се стремиме максимално да ја искористиме секоја можност да освоиме поени."
Оскар Пјастри, #81: "Мило ми е што оваа година почнав да работам во Мекларен и имам можност да дебитирам во Формула 1. Вонсезоната беше одлична, работев напорно, подготвувајќи се за претстојната сезона."
"Времето поминато во базата и возењето на симулаторот се покажа интересно и продуктивно, а сите во тимот ми приредија топло добредојде. Добро се сместив и сега сум целосно фокусиран на тоа да седнам зад воланот и да излезам на патеката во Бахреин."
"MCL60 остава силен впечаток. Годината што доаѓа ќе биде незаборавна, не само за моето деби, туку и за тимот кој ја слави 60-годишнината од Мекларен Рејсинг. Пред нас се интересни предизвици и со нетрпение очекувам да можам да настапувам со Ландо. Работиме напорно за да освојуваме поени во текот на целата сезона."
МЕКЛАРЕН MCL60 - ЈУБИЛЕЕН БОЛИД
1/29/2023 08:49:00 PM
0
Share to other apps