На помалку од една недела до почетокот на тест сесијата во Бахреин, Алпин е последниот тим што го презентираше А523, нивниот 2023 болид со кој Пјер Гасли и Естебан Окон ќе се обидат да го подобрат пласманот на табелите.
Окон ќе ја има четврта сезона со францускиот тим, додека Гасли ќе дебитира, откако се реши да го напушти вториот тим на Ред Бул на крајот од минатата година.
Со A523, Алпин ќе се обиде да остане како најдобар од останатите, по завршување на четвртото место во шампионатот за конструктори пред Мекларен, и пред се да ги реши проблемите со издржливоста што ги чинеа толку многу поени минатата сезона.
Презентацијата започна во 21:00 часот по македонско време во Лондон. Првично беше емитувано претходно снимено видео со патничките автомобили на компанијата управувани од возачите и други членови на тимот.
Следуваше префрлање во престижниот клуб Printworks во Лондон исполнет со публика, каде што се одржа презентацијата на новиот Алпин A523.
Како и минатата година, новиот болид беше претставен во две шеми на бои, сината боја на Алпин и розевата на главниот спонзор BWT. Доминантно розе обојување на болидот ќе се користи во првите три трки од сезоната.
Лоран Роси, извршен директор на Алпин: "Кога претставувате нов болид, секогаш чувствувате неверојатна гордост. Откако Алпин во 2021 година се приклучи во Формула 1 шампионатот, со задоволство го гледам нашиот континуиран напредок секоја сезона."
"Сите во Алпин ги обединува желбата да се натпреваруваат и да успеат во трките, наше наследство што ја дефинира спортската програма на компанијата за многу години што доаѓаат."
"Сакам да им се заблагодарам на инженерските тимови во Енстоун и Вири, предводени од Пет, Мет и Бруно, за извонредната работа во развојот на неверојатниот A523, кој со нетрпение очекуваме да го видиме на патеката."
"Горд сум што им ја доверив можноста на Естебан и Пјер да го претставуваат нашиот бренд во Формула 1. Сигурен сум дека ќе завршат одлична работа и на патеката и надвор од неa, придонесувајќи за успехот на тимот во остварувањето на целта."
"Алпин се движи нагоре и ќе продолжи да го прави тоа, сигурен сум во тоа."
Отмар Шафнауер, тимски шеф: "Во овој дел од сезоната, сите со нетрпение го чекаат клучниот момент, презентацијата на новиот болид, кој го сумира сработеното."
"Постигнувајќи ја нашата цел во 2022 година, освојувајќи го заслуженото четврто место во шампионатот за конструктори, доживеавме големо задоволство. Ова е важна пресвртница во планот за 100 трки на Лоран Роси, а нам ни останаа нешто помалку од 80 трки за оваа мисија и горд сум што го водам тимот во овој тежок предизвик."
"Нашата цел во 2023 година е повторно да завршиме барем на четвртото место, поубедливи резултати, повеќе бодови и помалку незавршени трки. Имам големи надежи за сите во тимот, не само за Естебан и Пјер, кои ќе работат заедно за да постигнат најдобри резултати за тимот."
Естебан Окон, #31: "Многу сум возбуден за претстојната сезона со Алпин, мојата четврта година со семејството Енстоун-Вири. Покажавме голем напредок во 2022 година и сите во Франција и Обединетото Кралство напорно работеа на развој на болидот за 2023 година."
"Едвај чекам да започне сезоната за да ја продолжам нагорната траекторија од минатата година, и со нетрпение очекувам да го тестирам болидот на претсезонската тест сесија."
"Обојувањето изгледа фантастично, навистина се издвојува, и сигурен сум дека ќе изгледа неверојатно на вистинската патека. Работев многу напорно во текот на зимата за да се подготвам за почетокот на сезоната, чувствувам дека сум во навистина добра форма."
Пјер Гасли, #10: "Фантастично е што сум официјално претставен како возач на Алпин и со нетрпение ја очекувам оваа следна фаза од мојата кариера. Нестрплив сум да ги видам потенцијалите и можностите на А523 на предсезонската тест сесија и да продолжам да се чувствувам поудобно со тимот."
"Искусувањето на моќта на A522 на крајот од минатата сезона и гледањето на развојот на овогодинешниот болид ме направи возбуден за она што следува со Алпин. Прекрасно е да се види посветеноста што сите во Енстоун и Вири ја применуваат на нивните секојдневни работни места постојано притискајќи напред и едвај чекам да почнам да му помагам на тимот да ги постигне своите цели."
Џек Дуан останува официјален резервен возач на тимот за 2023 година заедно со неговите должности во трките во Формула 2 шампионатот.
Тимот на Алпин за време на официјалниот настан објави дека Зинедин Зидан ќе стане амбасадор на брендот и спонзор на неговите програми за еднакви можности, Racе (H)er и Concours Excellence Mécanique.
Патувањето на Зинедин како меѓународна фудбалска икона, и како играч и сега како тренер, е инспиративен пример за сите корисници на програмите за еднакви можности на Алпин со силна изјава: без различност, и спортот и општеството се лишени од талентите кои се суштински за нивните перформанси и успех.
Францускиот шампион, кој исто така е страствен фан на мотоспортот, ќе има можност и со својата перспектива како корисник и амбасадор, да учествува во размислувањето за транзицијата кон иднината на болидот и развојот на Алпин патничките автомобили.
Зинедин Зидан: "Ми се допадна визијата и конкретниот пристап на тимовите под брендот Алпин, особено во спроведувањето на нивните програми за еднакви можности, особено затоа што имам посебна наклонетост кон Алпин како Французин и Формула 1 фан."
"Мислам дека е важно да им кажеме на децата дека, од каде и да доаѓаат, еден ден можат да станат шампиони во која и да е сфера на животот што ќе ја изберат и дека секогаш треба да веруваат во своите соништа"
"Овој проект на Алпин е тука за да се овозможи тоа. За промената е потребно време, па ако можам да придонесам и да помогнам да се забрзаат работите, тоа е големо задоволство за мене."
АЛПИН A523 - БОЛИД ЗА НОВИ УСПЕСИ
1/29/2023 09:03:00 PM
0
Share to other apps