Тимот на Хас Ф1, исто како и минатата сезона, прв го претстави елегантното обојување на новиот 2023 болид, кој ја носи ознаката VF-23. Вистинскиот болид ќе дебитира на 11 Февруари, на патеката Силверстоун.
Во новата Ф1 сезона зад воланот ќе седнат Кевин Магнусен и Нико Хулкенберг. Пјетро Фитипалди останува тест и резервен возач.
Обојувањето го отсликува новото партнерство со финансиската компанија MoneyGram International Inc., нешто што беше за првпат најавено на трката за Големата Награда на Соединетиоте држави во Остин, Тексас.
Серијата дигитални рендери, објавени на социјалните платформи на Хас Ф1, прикажуваат балансирана комбинација на црвена, бела и црна боја на VF-23, клучни бои и за MoneyGram и за Хас Ф1 тимот.
Логото на MoneyGram ќе биде позиционирано на капакот на моторот и предното крило, додека логоата на Haas Automation го задржуваат своето долгогодишно присуство на страничните отвори за воздух и задното крило. Логоата на тимските партнери Hantec Markets, Palm Angels, OpenSea, Alpinestars и Tricorp на сличен начин како и досега ќе бидат поставени на VF-23.
Некои од спонзорите поврзани со Мик Шумахер го напуштија тимот, нивните логоа беа отстранети од официјалната веб-страница буквално на денот на презентацијата, но дојдоа нови.
Тимот уверува дека финансиската состојба е постабилна од кога било и веруваат дека ја имаат најсилната возачка постава во нивната историја.
"Со големо задоволство му посакувам добредојде на MoneyGram како наш главен спонзор за 2023 сезоната и потоа, и возбудливо е да се види нашето прво обојување како MoneyGram Haas F1 Team", рече Џин Хас, претседател на Хас Ф1.
"Во новата сезона влегуваме поттикнати од добрите перформанси во минатата година и враќањето во освојувачи на поени. Природно, целта за 2023 сезоната е да го правиме тоа поконзистентно. Верувам дека искуството на Кевин Магнусен и Нико Хулкенберг е повеќе од доволно да ги исполни тие цели."
"Возбудливо е да се доживее две глобални организации вистински да се здружат како еден тим за да го формираат тимот на MoneyGram Haas F1", изјави Алекс Холмс, претседател и извршен директор на MoneyGram.
"Соработувавме во креирањето на денес презентираното обојување на VF-23, кое ги отсликува нашите многубројни сличности, но истовремено ја нагласува нашата индивидуалност како компании."
"Влегуваме во сосема нова ера со јасен план и визија, подготвени сме тесно да соработуваме за да достигнеме нови височини оваа година. Елегантниот дизајн на обојувањето е симболика на тоа што денес претставува MoneyGram, компанија подготвена за иднината, и не би можеле да бидеме повозбудени за она што доаѓа."
"Очигледно го споделувам ентузијазмот на сите околу презентацијата на нашето обојување, не само затоа што тоа е нешто што мора да се направи пред почетокот на сезоната, туку што тоа значи дека сме уште еден чекор поблиску до она што всушност сакаме да го правиме, а тоа е тркањето", забележа Гинтер Штајнер, тимски шеф на Хас Ф1.
"Ми се допаѓа обојувањето, тоа е несомнено модернизиран изглед кој одговара на преминот во нова ера заедно со MoneyGram како наш главен партнер. Ова е возбудлив период од годината за Формула 1 и одлично е што бевме во можност први да го прикажеме нашиот 2023 "дрес"."
"Сега нашето внимание е цврсто насочено кон завршните подготовки на VF-23 и неговото деби на патеката и подготовка за сезоната што следи. Целокупниот тим работеше напорно за да стигнеме до овој момент и очигледно е дека Кевин Магнусен и Нико Хулкенберг се способни за освојување што повеќе поени."
2023 шампионатот во Формула 1 започнува со трката за Големата Награда на Бахреин на 5 март.
АЖУРИРАНА СТАТИЈА, 11.02.2023: Тимот на Хас Ф1 ја изнајми патеката во Силверстоун за да го испроба новиот VF23 за време на првиот нивни филмски ден.
Американскиот тим беше првиот што ги прикажа боите на новиот болид врз основа на виртуелна копија од минатогодишната шасија, но сега го тестираа и вистинскиот болид.
Кевин Магнусен ја имаше честа прв да го испроба VF-23 кога излезе на патеката со гуми за дожд, бидејќи патеката беше сè уште влажна од дождот.
Филмските денови се ограничени на 100 километри, т.е. 20 круга на Силверстоун. Пневматиците кои се користат се за комерцијални цели и не ги имаат истите карактеристики како тие што се користат за време на тркачките викенди.
Филмските денови,покрај за снимање на промотивни видеа, тимовите ги користат за да се потврди дека се е во ред со болидот пред тест сесијата во Бахреин, која ќе трае само три дена.
Покрај тоа, Магнусен и Хулкенберг ја искористија можноста јавно да ги стават зад себе несогласувањата кои влечат корени од 2017 година и инцидентот за време на Големата Награда на Укнарија.
Повеќе од пет години подоцна, Нико и Кевин мора да работат заедно за да му помогнат на Хас да напредува во поредокот. Со доаѓањето на MoneyGram како главен спонзор, тие го достигнаа буџетскиот лимит и отсега нема да бидат во понеповолна положба во однос на другите тимови.
* Сите коментари се прегледуваат пред да се објават.