Попладнево заврши Трката на шампионите, која се одржуваше на ледената патека, изградена во близина на Шведскиот град Пит Хавсбад.
Возачите се бореа на четири типа возила, истите на кои се возеше и вчерашниот Куп на нациите, каде победник беше норвешкиот тим, за кого настапија Петер Солберг и неговиот син Оливер.
Многумина ги сметаа за фаворити и за денешната Трка на шампионите, но индивидуалните трки имаат свои карактеристики.
Натпреварот започна со квалификациски трки, кои определија неколку возачи кои поминаа во групата Б од 1/8 финалето, останатите групи беа пополнети.
Адриан Тамбе и Дејвид Култхард се тркаа на Поларис. Дејвид ја погоди бариерата, но заврши прв. Потоа во вториот дуел настапија на Зероид, при што Шкотланѓанецот се изврте и Французинот продолжи понатаму.
Мик Шумахер на Зероид беше пред Феликс Розенквист, а на Поларис Швеѓанецот се изврте, па Мик влезе во осминафиналните дуели.
Дуелите од осминафиналето започнаа со групата А, со дуел на младост и искуство помеѓу Другович и Хакинен на Поларис. Изненадувачки, Бразилецот на ледената патека беше побрз од Финецот. На Купра, Фелипе исто така заврши прв, а Мика испадна од понатамошното натпреварување.
Во групата Б , Шумахер и Тамбе се бореа на непослушниот автомобил Купра, а Германецот беше побрз. Вториот дуел на Поларис исто така го доби Мик Шумахер за пласман во 1/4 финаклето.
Во групата Ц, Господинот Ле Ман, Том Кристенсен, имаше дуел против Валтери Ботас во Суперкарс Лајт автомобилите. Финецот финишираше прв, но доби пет секунди за неправилен старт, што значеше дека ја изгуби првата трка. На Поларис, Данецот прв мина низ целта, па Валтери беше надвор од борбата.
Во групата Д , Себастијан Ветел беше пред Џејми Чедвик во првата трка на Поларис. а побрз беше и во втората на Суперкарс Лајт, па Германецот без проблем напредуваше до 1/4 финалето.
Во групата Е , двајцата извонредни рели возачи Себастиен Леб и Тиери Нојвил ја започнаа борбата на Зероид. Германецот имаше првична предност, но удри во снежниот парапет и загуби од Французинот.
Потоа продолжија да се борат на Поларис, каде Тиери Нојвил го израмни резултатот и отиде на 1/4 финалето со подобро вкупно време на трките, со тоа исфрлајќи го од борбата минатогодишниот Шампион над шампионите.
Во групата Ф битка имаа таткото и синот Солберг. На Купра и двајцата не избегнаа контакт со снежната бариера, но Оливер беше побрз. На Поларис, синот исто така заврши прв, изсфрлајќи го својот татко од понатамошна борба.
Во групата Г, првиот дуел меѓу Кристоферсон и Фауст на Зероид заврши во корист на Швеѓанецот. Американецот се заби во оградата и заостана многу. Јохан победи и на втората трка со Суперкарс Лајт и продолжи понатаму.
Во последната 1/8 група Х, Тревис Пастрана и Матијас Екстром најпрвин возеа Суперкарс Лајт. Швеѓанецот заврши прв, а потоа двајцата ја продолжија борбата на Зероид, но американецот повторно загуби и отпадна од понатамошната борба.
По расчистувањето на ледената патека, борбата продолжи со 1/4 финалните дуели.
Први на патеката излегоа Мик Шумахер и Фелипе Друговиќ. Првиот дуел беше на Суперкарс Лајт автомобилите, а подобар беше германецот. Во вториот дуел на Зероид Шуми Јр. излета од патеката непосредно пред целта, но предноста од првиот дуел беше доволно голема за да продолжи понатаму.
Следни во дуел беа Ветел и Кристенсен. Првата трка на Зероид Германецот лесно ја доби, а пласманот во полуфиналето го потврди на Поларис.
Солберг направи грешка во првата трка против Тиери Нојвил на Зероид, зафаќајќи ја бариерата и намотувајќи рекламен банер околу предното тркало, по што не можеше да финишира. За отстранување на банерот и обновата на бариерата беше потребно време. Оливер Солберг победи во вториот дуел на Суперкарс Лајт, но тоа беше пирова победа.
Матијас Екстром беше предност пред Кристоферсон на Зероид и го потврди водството на Поларис.
Во полуфиналето Шумахер и Ветел ја започнаа борбата со трка на Суперкарс Лајт. Себ беше во водство, но удри во бариерата и Мик победи, пред својот сонародник со разлика од десет секунди. И втората борба на Поларис заврши во корист на Мик.
Следно, Нојвил и Екстром се бореа на Зероид. Швеѓанецот победи со минимална разлика од само четири стотинки. Во вториот дуел на Суперкарс Лајт повторно беше побрз и со вкупна предност од околу 4 десетинки се пласираше во финалето.
Со ова Шампионот над шампионите за 2023 година беше одлучен во битка помеѓу Мик Шумахер и Матијас Екстром. Во првата борба на Поларис, Екстром беше три десетинки побрз. Втората трка се одржа на Суоперкарс Лајт.
Во автомобилот на Екстром се појави чад кој излегуваше од пределот на рачката на менувачот, но и покрај "пожарот" тој продолжи да се движи и забележа втора победа. ДТМ Шампионот успеа да биде победник по четвртти пат на овој настан - Трка на шампионите.
Снимка од денешните натпревари:
МАТИЈАС ЕКСТРОМ - ШАМПИОН НАД ШАМПИОНИТЕ
1/29/2023 02:53:00 PM
0
Share to other apps