Традиционално, Ф1 тимовите ја започнуваа сезоната со тест сесии на патеката Каталуња, покрај Барселона. Оваа патека беше популарна локација за тестирање поради добрите временски услови, но и нејзиниот дизајн кој претставуваше комплетен предизвик за секој аспект на болидот и гумите.
Позната е изреката дека ако болидот може да биде брз во Барселона, тогаш може да биде брз на повеќето патеки од календарот. Формула 1 во последно време се менува, а мислењата дали кон подобро или полошо се поделени.
Конзервативните фанови, во кои се вбројуваме и ние, промените се кон полошо, младите "нетфликс" фанови имаат друго мислење, премногу комерцијализирано, но она што особено не загрижува е политизирањето и промовирање на некои во најмала рака "чудни" нови вредности.
Да се насочиме кон единствената тест сесија за 2023 година, која ќе трае само три дена, па Ф1 тимовите треба да бидат исклучително внимателни кога ја планираат својата програма, бидејќи ќе биде тешко да се надокнади изгубеното време на патеката.
Тест сесијата е време кога треба да создадеме првична слика за распоредот на силите помеѓу тимовите. Најдобрите од нив, вообичаено, не ги откриваат сите карти, тие не работат во квалификациски режим, со минимална количина на гориво и не ја вклучуваат целосната моќност на погонските единици.
За секој тим на овие тестови многу е важно секој круг да се користи со максимална ефикасност и да се комплетираат што е можно повеќе од нив без поголеми проблеми.
Едно нешто што не може да се сокрие, е издржливоста на ПЕ и доверливоста на сите системи како целина, па ако некој тим има проблеми веќе на тестирањето, не може да се надева на добра сезона.
Покрај издржливоста, ќе биде интересно да се види дали тимовите ги решиле проблемите со вертикалните осцилации и потскокнувањето како битен фактор за отклучување на целосниот потенцијал на болидите.
За оваа година ФИА усвои измени во правилата во обид да ги намали вертикалните осцилации и потскокнувањето.
Оваа појава не можеше да биде детектирана на симулаторите, па така ниту еден од тимовите нема да знае со сигурност дали проблемот е решен се додека нивните болиди не излезат на патеката.
Возачите ќе сакаат што подобро да ги разберат карактеристиките на новите болиди и нивната корелација со гумите на Пирели, кои станаа значајна компонента за успешни резултати.
Тестовите се важни и за возачите кои ги променија тимовите, тие ќе треба што побрзо да се прилагодат на тимот и сите оперативни процедури.
Имаме мала промена кај Пирели пневматиците, кои за новата сезона ќе бидат произведени од 6 смеши, од кои три ќе бидат номинирани за секој тркачки викенд како бели, жолти и црвени, од кои, како и досега, белите ќе бидат најтврда, а црвените најмека опција.
Како што е вообичаено за тест сесиите, тимовите ќе ги имаат на располагање сите смеши од опсегот на Пирели, дури и ако тие не се погодни за одредена патека.
Овој пат италијанците донесоа гуми произведени од 9 смеши. Две од нив се за дожд и веројатно нема да бидат потребни на патеката Сакир.
Помеѓу седумте смеши за суво време има две бели гуми, означени C0 и C1, две жолти со ознака C2 и C3 и два сета на црвени гуми,од смешите C4 и C5.
Покрај тоа, тимовите ќе добијат прототип верзија на жолтите гуми со ознака C3 Proto. Секој тим може да одбере 30 сетови на гуми, дополнети со два сета C3 Proto од 35 достапни комплети на пневматици за суво време, два комплети на гуми за дожд и два интермедиа сетови.
Резултатите се секогаш релативни, но тимовите внимателно ќе се следат еден со друг. Како и секогаш, никој нема да знае кој има колку гориво во резервоарите и какви модови на ПЕ се користат, но, денес инженерите се опремени со многу алатки за работа и прибирање на информации, што најверојатно ќе им овозможи да го проценат соодносот на силите на гридот.
Дали тоа ќе го споделат со јавноста е друго прашање. Сепак, за да добиеме јасна претстава за рамнотежата на силите, ќе мора да почекаме на првата трка.
За време на трите тест дена, акцијата ќе започнува во 08:00 часот по македонско време. Еден час пауза за ручек следува секој ден од 12:00 до 13:00 часот, во кој период ќе има и прес-конференции за возачите и тимските шефови. Потоа акцијата ќе продолжи во 13:00 до 17:30 часот.
На нашиот блог ќе ги имате сите поважни новости, гласини, реакции од тимовите на случувањата на и надвор од патеката во Бахреин.
ВОВЕД И РАСПОРЕД НА ВОЗАЧИ ЗА ТЕСТ СЕСИЈАТА ВО БАХРЕИН
2/22/2023 01:36:00 AM
0
Share to other apps