Како и за изминатата сезона, повеќето од нив, на прво место го ставаат тимот на Ред Бул како апсолутен фаворит за Пол позицијата и Победата на трката за Големата Награда на Бахреин, која е закажана за следниот викенд.
Во продолжение ви го преставуваме поредокот, заеднички просек од повеќето аналитичари присутни на патеката, и корегиран според нашите видувања.
1. РЕД БУЛ
Очигледно, Ред Бул е во одлична форма, не треба да се биде експерт да се забележи тоа. Кој и малку ги следеше трите тест дена сигурно забележа дека RB19 изгледаше беспрекорно на патеката и има јасна предност во темпо во однос на еден брз круг, но она што е најважно и во долгите стинтови, т.е. тркачко темпо. Ако и имаше некакви пропусти, инженерите на Ред Бул ги чуваа добро сокриени.
2. МЕРЦЕДЕС АМГ, ФЕРАРИ
При еволуција на правилата и без радикални промени на болидите, очигледно е дека најбрзите три тима остануваат исти, но за доброто на сезоната се надеваме дека Ред Бул не е далеку напред, пред Мерцедес АМГ и Ферари.
Повеќето аналитичари го ставаат Ферари пред Мерцедес АМГ, но според нас тоа не е најлогична прогноза, туку по некои очекувања и многу шпекулации за моќноста на Ферари ПЕ.
Тешко е да се прогнозира дали црните стрели или Ферари имаат предност, но најверојатно тоа ќе зависи од патека до патека. Она што загрижува е фактот дека единствениот механички дефект на трите тест дена повторно го имаше Ферари ПЕ!
Ферари ги имаше за себе насловните страни, и најверојатно ја имаат најмоќната погонска единица, но проблемот со потскокнувањето и пред се абењето на гумите не им е целосно решен, а знаеме поените се освојуваат во трка, а не на квалификации.
Да се надеваме дека гласините дека тимот има "резерви" за нешто повеќе ќе се покажат вистинити. Атмосферата во тимот е на завидно ниво, но во изјавите се премногу резервирани и ни изгледа како да и самите немаат поим каде се во однос на Ред Бул, т.е. Мерцедес АМГ.
Мерцедес АМГ имаше непредвидливо однесување. Првиот тест ден просечен настап, вториот ден лош, за да направат кам-бек во третиот! Мерцедес W14 се чини дека има одредени проблеми со балансот, не се пребрзи во еден круг, но тркачкото темпо и деградацијата на гумите им е на завидно ниво.
Според одредени гласини, тимот не е премногу задоволен од тековната верзија на болидот и веќе работи на надградена верзија на шасијата за 2023 година, која најрано ќе биде достапна кога Формула 1 карванот ќе се врати во Европа.
3. АСТОН МАРТИН
Тимот кој беше хит на тест сесијата е секако Астон Мартин со својот AMR23. Него го возеа двајца дебитанти во тимот, двократен шампион, и Ф2 Шампионот кој неочекувано доби шанса за настап по велосипедската несреќа на Ленс Строл.
Првиот, Фернандо Алонсо, беше на ниво на своето шампионско реноме, но беше подржан и од Фелипе Другович, што би требало да значи дека AMR23 е добар пакет и напредок од минатогодишниот AMR22, кој го натера Ветел да се пензионира!
Не може да се бега од возбудата околу тоа што овој тим би можел да биде способен оваа сезона. Последниот ден, Фернандо Алонсо имаше исклучително добра симулација на трка, што привлече многу внимание во Ф1 падокот.
Да додаеме и нешто што не привлече премногу внимание во медиумите, или пак се чека вистинскиот момент, е според нас понижувањето на Себастијан Ветел.
Сите во тимот се изненадени од работната етика на Фернандо Алонсо, што дури излегоа со јавни изјави дека Шпанецот многу добро знае што посакува од својот болид и дава прецизни повратни информации, дури и при работата на симулаторот пред самото деби на патеката, за разлика од својот претходник.
Британските медиуми имаа написи дека Себастијан Ветел се понудил, или пак тие самите кренаа врева и го нудеа како замена на Ленс Строл. Но, како што очекувавме, кој сака политичар во тимот, каков што стана во последно време германецот, па од Астон Мартин ставија крај на шпекулациите и потврдија дека единствена опција кој ќе го замени Канаѓанецот, доколку не е во состојба да ја започне трката за ГН на Бахреин, е Фелипе Другович.
4. АЛФА РОМЕО, ХАС, АЛПИН
Понатаму поредокот е неизвесен и тежок за прогноза по само три тест дена, дополнително со фактот што од Пирели не дадоа нити шпекулативни разлики помеѓу нивните 6 смеши за 2022З година.
Алфа Ромео, како и Астон Мартин, имаа забележителен напредок во однос на минатогодишните тест сесии, додека Хас повеќе навалува кон напред отколку кон назад во средината од поредокот.
VF23 нема очигледни големи слабости на патеката, и изгледа како солиден болид од средната на поредокот. Дали напредокот на двата тима е резултат на поиздржливата и помоќна Ферари ПЕ, ќе покажат првите трки од сезоната.
Болидот на Алпин, А523, беше убедливо најбавниот на тест сесијата во Бахреин.
Пјер Гасли и Естебан Окон беа во некој свој свет и имаа тест програма, која буквално беше според тезата, не не интересира што работат другите, се фокусираме само на нас самите.
Целиот нивни фокус беше кон подобрување на тркачкото темпо, како главен предуслов за добри резултати. Е сега иако не работеа на квалификациски симулации и намалена моќност на Рено ПЕ, мислиме дека временската разлика е преголема за да ги ставиме на ниво на пример со Астон Мартин. Овој тим е најголемата непознаница.
5. МЕКЛАРЕН, АЛФАТАУРИ, ВИЛИЈАМС
Следува нова тројка тимови кои не заостануваат премногу зад претходните три тима и ги ставивме малку подолу, пред се поради нивните очигледни проблеми во кои се наоѓаат.
АлфаТаури се бори со неизвесна иднина на тимот, по последните гласини дека наследникот на Дитрих Матешиц не е преголем љубител на трошење пари за Формула 1, особено за тим кој нема шампионски амбиции, туку е само подготвителна опција на возачите од младинската академија на Ред Бул.
Кога мислите ти се насочени кон тоа, не може да си целосно фокусиран на важните нешта и развој на болидот, иако не се премногу лоши и имаат одреден напредок во однос на минатата година.
Проблемите на Мекларен пак се насочени кон важните нешта и концептот на самиот болид и шасија! Не може тим како Мекларен да си дозволи "смешни" проблеми како "кревко" предно крило кое се крши под влијание на потисната сила која дејствува на секој болид.
Инженерите на тимот од Вокинг велат дека нема место за паника, но подобрувања се очекуваат по четири-пет трки. Се надеваме дека тоа нема да биде премногу доцна за текот на нивната сезона. Тие се тимот кој не разочара најмногу, не очекувавме толкав кикс од нивна страна.
Болидот на Вилијамс работеше добро, не беше особено брз, но издржливоста е на завидно ниво, но недостасува потисна сила. Дефинитивно се во подобра позиција во споредба со ова време минатата година и со сигурност нема да биде "закован" на дното од табелите.
На три дневната тест сесија зедоа учество сите десет тима и 20 возачи, 19 главни, без повредениот Ленс Строл, и резервниот возач на Астон Мартин, Фелипе Другович. Новите болиди се многу поиздржливи од минатата година.
Минатата година во Бахреин се поминаа 16.576 километри за три дена, а сега 21.593 километри. Сепак, невозможно е да се одреди точното растојание, не беа сите кругови целосни, наутро на аеро тестовите или при менување на поставките, возачите често возеа пократки кругови, од излезот до влезот во боксот, но ќе претпоставиме дека сите кругови беа полни, иако вистинското растојание е нешто помало.
Возачите најчесто ги користеа C2 и C3 смешите на Пирели, а најдобрите времиња беа забележани на најмеките, C4 и C5.
Од Пирели единствено прогнозираа секунда разлика во перформанси помеѓу C3 и C4, па ги корегиравме времињата со склад со ова, и минимални 0.3 разлика помеѓу C4 и C5 гумите. Добиениот редослед го имате на табелатите што следат подолу.
Новиот болид на АлфаТаури има завидна издржливост, пред се благодарение на погонската единица на Хонда, додека тимот на Мекларен заврши на последното место во однос на поминатото растојание втора година по ред, благодарение на лошата шасија.