Џоу Гуанју го заврши вториот ден со најбрзото време на тест сесијата досега, што не зборува за грандиозниот успех на Алфа Ромео, туку дека реалната брзина се должеше на C5 најмеките гуми на Пирели и празниот резервоар со гориво. Утре е последниот ден на тест сесијата во Бахреин.
Често се вели дека на тест сесиите е тешко да се процени односот на силите, но Ред Бул и Макс Ферстапен доминираат оваа недела во Бахреин толку убедливо што речиси и да нема сомнеж кој ќе биде фаворит на првата трка од сезоната.
Не се работи само за забележаните времиња по круг, туку фактот што новиот RB19 вози како на шини, што е типично за болидите на Адријан Њуи. Тој е брз, но пред се стабилен, а главните конкуренти не поминаа без проблеми.
Болидите на Ферари страдаат од вертикалните осцилации и многу повеќе ги трошат гумите. Мерцедес АМГ има проблеми со балансот на болидот, како и блокирање на гумите при сопирање. Попладнево нивниот болид застана на патеката поради проблеми со хидроуликата, што Џорџ Расел го чинеше многу изгубено време.
Додека ривалите ги решаваа минатогодишните проблеми, Ред Бул направи чекор напред и ќе стане репер за останатите на почетокот на сезоната.
Денот помина многу мирно. Возачите билдаа кругови, механичарите ги менуваа поставките.
Во последните минути болидот на Џоу застана на излезот од боксевите, а неговите механичари мораа да го истуркаат до неговата гаража. Во текот на денот, 17 возачи излегоа на патеката и речиси сите од нив изведоа целосна симулација на трка без никакви проблеми.
Новите болиди имаат завидна доверливост, но да видиме како ќе се однесуваат кога ќе дојде време за вистинската акција.
Тото Волф, уверува дека е невозможно да се извлечат заклучоци за распоредот на силите за новата сезона. Тој со право вели дека тимовите го кријат вистинскиот потенцијал на своите болиди, а Мерцедес АМГ не е исклучок.
"Утринава балансот на болидот не беше оптимален, а тоа можеше да се види од неговото однесување на патеката. На топлото време не ги најдовме вистинските поставки за условите. Но, сето тоа е дел од процесот на учење кога работите со нов болид."
"Ред Бул и Ферари се брзи, но тоа не е изненадување. Секој вози со различно количество гориво во резервоарите, ги кријат режимите на работа на моторот, па затоа е невозможно да се процени кој е побрз. Ние, исто така, ја криеме нашата брзина."
"Ќе треба да почекаме до крајот на трите тест дена за да извлечеме порелевантни заклучоци. Пред една година болидот не беше добар, но сепак го освоивме третото место. Сега сме во подобра позиција и целта ни е да се бориме за титулите."
Денес на прес конференцијата во паузата за ручек ги имавме и првите "признанија" за лошо сработена работа, и тоа од Зек Браун, кој вели дека Мекларен не е онаму каде што сакале да биде, но дека сè уште нема јасна слика за тоа каде се во однос на конкурентите.
"Тешко е да се знае додека не започнеме со вистинската акција. Знаеме дека поставивме некои цели за развој, кои не ги постигнавме и сметавме дека е подобро да бидеме искрени за тоа. Како и сите, ни претстои многу работа."
"Мислам дека во првата трка ќе влеземе надвор од нашите проектирани цели, но навистина е тешко да се знае каде ќе бидеме во поредокот."
"Нашите аспирации се да се вратиме на врвот. Знаеме дека за тоа ќе биде потребно малку повеќе време. Целосната технолошка инфраструктура ќе биде завршена оваа година. Значи, тоа е нашата примарна цел, по што треба да го забрзаме темпото на развој."
Тимот на Астон Мартин го објави распоредот на возачите за последниот тест ден во Бахреин. Фелипе Другович ќе се врати зад воланот на Астон Мартин AMR23 и ќе ја одработи утринската сесија. Фернандо Алонсо ќе го замени во попладневната сесија.
Астон Мартин не даде причина зошто решиле да му дозволат на Другович да има уште половина ден тестирање, но јасно е дека ова е можност за Бразилецот да стекне дополнително искуство во случај Ленс Строл да не може да учествува на Големата Награда на Бахреин, која на програмата е следната недела.
АЛФА РОМЕО ГИ УКРАДЕ НАСЛОВНИТЕ СТРАНИ
2/24/2023 06:06:00 PM
0
Share to other apps