Серџо Перез ја заврши тест сесијата во Бахреин забележувајќи го најбрзото време во трите дена со помош на црвената C4 гума на Пирели. Луис Хамилтон го искачи Мерцедес АМГ на второто место, пред Валтери Ботас со Алфа Ромео. Двајцата возачи ја користеа најмеката C5 смеша.
Денес беше последниот ден од претсезонската тест сесија, пред вистинската акција која следува веќе следната недела на истата патека во Бахреин.
Утрината, Чарлс Леклер беше најбрзиот возач. Моначанецот имаше квалификациски круг со C4 смешата и забележа време од 1:31.024. Џорџ Расел и Фелипе Другович беа втор, т.е. трет, но со најмеката можна смеса, C5.
Во попладневните часови, возачите ја посветија сесијата и на симулација на квалификации и на симулација на трка.
Серџо Перез беше најбрз со C4 смешата, Луис Хамилтон беше втор, со заостанување од три десетинки, но, на помеката C5 смеша. Карлос Саинц Јр. со болидот на Ферари заврши петти, седум десетинки заостанување со C4. Шпанецот своето најбрзо време го забележа на почетокот на сесијата, кога патеката беше позагреана.
Во очи паѓа тимот на Астон Мартин, кој се реши да не вози квалификациски стинтови, туку исклучиво се концентрираше на тркачко темпо со Фернандо Алонсо зад воланот на AMR23.
Нивното тркачко темпо е многу позитивно, со многу добра деградација на пневматиците. За разлика од нив Ферари ја има старата болка, зголемена деградација.
Немаше ниту еден инцидент што ја прекина последната сесија од претсезоната. Само вообичаените тестови на ФИА, период виртуелно безбедносно возило, безбедносно возило и црвено знаме, како и вежбање на процедурите на старт.
За разлика од вчера, денес имавме вистински стоечки старт и мала борба помеѓу возачи, а најзагреан беше Валтери Ботас кој имаше дуел со Серџо Перез.
Една од поинтересните гласини на денот е неизвесната иднина на АлфаТаури. Оливер Минцлаф, наследникот на Дитрих Матешиц и раководител на Формула 1 проектите на Ред Бул е на ставот дека тимот или ќе ја промени својата база, и ќе се пресели од Италија во Велика Британија, или ќе биде продаден.
Во сегашните услови фунционирањето на тимот од Фаенца повеќе го чини австрискиот производител на енергетски пијалоци отколку тимот на Ред Бул. Јуниорскиот тим на Ред Бул годинава ќе добие околу 100 милиони долари помалку од шампионскиот тим.
Бизнис моделот на АлфаТаури, со седиште во Фаенца и аеродинамика во Бичестер, Велика Британија, се покажа како неефикасен и синергијата со Ред Бул не се искористува целосно.
Покрај тоа, финансиските тешкотии на модниот бренд на облека вршат притисок врз тимот, неколку филијали на АлфаТаури ќе бидат затворени во блиска иднина.
Според првата опција, решавање на проблемите на АлфаТаури е преселбата од Фаенца во Велика Британија и со тоа поблиску до Ред Бул. На среден рок, ова ќе заштеди значителни средства.
Втората опција е целосна продажба на тимот. Цената на АлфаТаури Ф1 е веќе објавена во износ од 700 милиони американски долари, и веќе имало три потенцијални купувачи и тоа Андрети Кадилак, британскиот тим Хајтек ГП и индиска градежна корпорација Gadhoke Group, која е сопственик на Mumbai Falcons Racing Team, кој се натпреварува во азиската Формула 3 и регионалната Формула на блискиот исток.
Најверојатниот купувач за АлфаТаури е сопственикот на Хајтек ГП, Оливер Оукс, за кој се верува дека го финансира својот тим со пари од инвеститорите во Дубаи со кои Ред Бул долго време имаше силни врски и последниве години ги финансираат членовите на младинската академија на австрискиот концерн.
Додека го пишувавме овој пост, се ова беше демантирано од Ред Бул!
КРАЈ НА ТЕСТИРАЊЕТО, РЕД БУЛ БЕЗ КОНКУРЕНЦИЈА?!?
2/25/2023 07:04:00 PM
0
Share to other apps