Макс Ферстапен го имаше најбрзото време на квалификациите за Големата Награда на Австралија, забележувајќи ја неговата 22-ра во кариерата и втора сезонава Пол позиција.
Холанѓанецот не се опушти, по испаѓањето на својот тимски колега, и не дозволи да биде изненаден од возачите на Мерцедес АМГ кои го чуваа најдоброто за последните брзи кругови од Q3 сесијата во незгодните временски услови, нешто што допринесе овие квалификации да бидат супер интересни.
Серџо Перез погреши уште во првиот свој круг на патеката и предизвика период на црвено знаме, и тоа без да забележи време, па утре ќе стартува од последната позиција.
Оттогаш, актуелниот шампион беше јасен фаворит за Пол позицијата, иако за момент изгледаше дека може да биде предизвикан од возачите на Мерцедес АМГ или Фернандо Алонсо.
Борбата за позициите од П2 па надолу беше многу блиска. Џорџ Расел кога е најпотребно забележа спектакуларен круг и беше втор, пред Луис Хамилтон и Фернандо Алонсо кои утре повторно ќе се борат за подиумот.
Карлос Саинц Јр. беше петти, и можеше да има повисок пласман, бидејќи неговиот прв сектор не беше оптимален во неговиот најбрз круг. Ленс Строл заврши шести, пред Чарлс Леклер со седмото најбрзо време.
Изненадувањето на денот, беше Алекс Албон, кој успеа да го внесе Вилијамсот во Q3 и потоа да ја обезбеди осмата стартна позиција. Пјер Гасли и Нико Хулкенберг го заокружија пласманот на најбрзите 10 возачи.
Без разлика како се менува конфигурацијата на патеката во Алберт Парк, клучната сесија на викендот се квалификациите. Овде, освојувањето на стартни позиции на гридот е многу полесно од нивното губење во трката, па, и на саботниот тренинг сите работеа на перформансите во брз круг.
Врнеше неколку пати, што донесе прилично голема неизвесност и пред се непознаница на тимовите за нивното тркачко темпо, што од друга страна е предуслов за неизвесна трка.
НЕЗГОДНИ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ, ПОСЛЕДИЦА ИНТЕРЕСНИ КВАЛИФИКАЦИИ
3/31/2023 11:02:00 PM
0
Share to other apps